ТИЕРИ НОЈВИЛ Е НОВИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО РЕЛИ. ПРВА ТИТУЛА ЗА БЕЛГИЕЦОТ ПОСЛЕ ГОДИНИ МИНАТИ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ. ВО ИСТО ВРЕМЕ ЕЛФИН ЕВАНС ПОБЕДИ НА РЕЛИТО НА ЈАПОНИЈА, А TOYOTA ЈА ОДБРАНИ ТИТУЛАТА МЕЃУ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ
По едно драматично одвивање на настаните на последното рели од сезоната, релито на Јапонија, Тиери Нојвил стигна до својата прва шампионска титула. По долги пет години минати во ролја на вицешампион отчука и неговиот час. Кога станува збор за упорноста на Белгиецот нема двојби дека е на ниво на задачата. Иако низ изминатите сезони го доби не толку посакуваниот, а би рекле и малку злобниот прекар „човекот за малку”, Нојвил ги разби сите сомнежи и стигна до најголемата награда која еден спортист може да ја добие: Светски шампион!
Можеби Нојвил имаше среќа што годинава Кале Рованпера реши да одмора и возеше сезона со делумен ангажман, а Еванс покажа дека не е направен од шампионски ков. Можеби на Белгиецот му помогна и бодовниот систем кој за волја на вистината сезоната ја преврте на глава и доби многу негативни коментари, посебно од возачите. Работата отиде дури дотаму што раководното тело се закани со казни за негативните коментари на оваа тема. Под молк не беа ставени само возачите и учесниците во шампионатот туку и акредитираните новинари. Но, бидна што бидна, и Тиери Нојвил ја однесе титулата во Белгија. Ова е прва титула за Белгија во историјата на Светско првенство во рели и прва возачка титула за Hyundai во историјата на ова светското првенство. Успех вреден за почит! Успех кој вреди да се слави!
Има основа за сите коментари кои кружат и ќе кружат околу титулата на Нојвил. Но, на Тиери Нојвил, иако само со две победи годинава, мора да му се симне капа за истрајноста и постојаноста во текот на целата сезона. И не само во текот на оваа сезона, туку и низ изминатите сезони. Да се потсетиме на зборовите на легендарниот возач во Формула 1 Алан Прост: „Tитула се добива и со доволно голем број на освоени втори места”. Е тука се крие магијата на Нојвил, во истрајноста и постојаноста, и тие не важат само за годинава. Како лидер од почеток на сезоната, од победата на релито на Монте Карло, Нојвил на секое рели стартуваше прв. Позиција која на поголемиот дел од настаните претставува хендикеп и ги уназадува перформансите и на возачот, и на автомобилот. Сепак, тој истраја. Не дозволи да биде деконцентриран, имаше добри резултати скоро на секој настан и трпеливо ја градеше позицијата која на крај му донесе титула. Затоа честитки до него и до неговиот совозач Мартијн Вајдаеге.
Славеше и Toyota. Јапонскиот тим во тесна разлика од 3 бода го доби Hyundai. Ова е втора најтесна разлика во историјата на Светскиот шампионат во рели. Првата е на Lancia која во 1983 година го доби Audi со разлика од 2 бода. Toyota по осми пат стана шампион во историјата на светското првенство во рели. Покрај осмата титула на свое конто Toyota е шампион по четврти пат едноподруго. Со оваа титула Toyota се изедначи со Citroen. И двете марки имаат по 8 титули и само Lancia има повеќе од нив, дури 10. Lancia има и 6 титули едноподруго, Citroen има 5 вакви титули, а Toyota засега го дели третото место со Volkswagen кој на свое конто исто така има 4 титули едноподруго.
ЕКИПАЖИТЕ ПРИРЕДИЈА СПЕКТАКЛ
Да се осврнеме на драматичните збиднувања на релито на Јапонија кои ставија круна на оваа подеднакво драматична сезона.
Релито традиционално стартуваше со спектакл на наменски создадената патека на стадионот на Toyota. Возејќи во парови еден против друг, пред повеќе десетици илјади фанови, екипажите приредија шоу кое ќе се памети. А, од тоа шоу, како лидер на релито, за првпат во неговата кариера, стана возачот на M-Sport Ford Адриен Формо. Совршен старт за Французинот на последното рели од сезоната. Меѓутоа спектаклот во четврток навечер ниту од далеку не беше соодветен на предизвиците кои ги чекаа екипажите на вистинските патеки, а тие се отвораат во петок наутро.
Првиот вистински ден од релито и работата пукна за Тиери Нувил, поточно турбото. Со него во опасност беше доведена и титулата на Белгиецот. Уште на почеток релито на Јапонија го оправда своето реноме како најдраматичен настан од сезоната. Откажувањето на Нувил отвори можност за неговиот тимски другар От Танак. Единствен кој можеше да го загрози. Белгиецот стартуваше на ова рели со предност од 25 бода и му беа потребни само 6 за да ја освои титулата. Но, техничкиот проблем со турбото не беше дел од големиот план на Нојвил. Пехот само покажа дека во релито ништо не е сигурно додека не се мине целта во недела попладне. Нојвил не беше единствен којшто се сретна со проблеми. Ожие и Катсута загубија време заради дупната гума, а Формо кој блесна на првиот испит имаше проблем со сопирачките.
Затоа, Еванс и Танак отидоа напред. Еванс создаде убава предност во утринскиот дел од брзинските испити меѓутоа таа не беше доволна за да се сопре Танак. Естонецот знаејќи за проблемите на неговиот тимски другар одлучи да ја искористи шансата да стигне до втора титула. Запна, и до крајот на денот успеа да избие на чело со добри 20,9 секунди пред Еванс. Најблизу до водечкиот пар беше Формо, но тој заостануваше безмалку 2 минути. Катсута заврши четврти на 0,1 секунди зад Формо, а Ожие беше петти. Нојвил до крајот на денот падна дури на 15 позиција со близу 8 минути доцнење. Без оглед на големата предност што ја имаа Танак и Еванс, и двајцата беа свесни дека мала грешка може кого било од нив да го фрли далеку наназад. Танак можеби и можеше да ризикува, но Еванс на плеќи го носеше товарот на целиот тим и на Toyota како производител. Затоа како добар тимски играч мораше да биде исклучително претпазлив.
Сабота утро. Осамна важен ден од релито. Освоените бодови во текот на овој ден значат многу за тимовите. Танак продолжи со жестоко темпо, иако по проблемите на третиот возач на Hyundai, Андреас Микелсен и тој како Еванс на плеќи го носеше товарот на тимот. Сега титулата на Hyundai беше во негови раце. Секако на Танак не му беше лесно да ги стави на вага личниот успех, наспроти успехот на тимот. Сепак, Естонецот истраја. И покрај малата задршка во утринскиот дел од испитите, на крај на денот остана на врв. Воедно ја зголеми разликата во однос на Еванс на комфорни 38 секунди. Подеднакво беше важен напредокот на Нојвил. Во само седум испити колку беа предвидени за сабота Нојвил успеа да се искачи на седмата позиција и да заработи привремени 4 бода. Реално, во колку Танак го освои максимумот бодови, на Нојвил ќе му требаат барем уште 2 бода за да ја освои титулата.
Еванс се одлучи за повнимателен пристап и иако загуби доста време во однос на Танак сепак цврсто остана на втората позиција носејќи му значајни бодови на тимот. Помогна и Ожие. Осумкратниот шампион кој претходниот ден загуби 2 минути заради дупната гума тргна во поход. Победи на два испити од денот и ги пристигна и Катсута, и Формо. Денот го заврши на трет ставајќи ја Toyota во подобра позиција за одбрана на титулата. Формо падна на четвртото, а Катсута на петтото место. Сo ваков распоред на силите тимот на Toyota на крајот од денот беше во подобра позиција за напад на последниот ден од релито на Јапонија.
На првиот брзински испит во неделата паднаа во вода бодовните пресметки на Нојвил за добивање на титулата. Тие повеќе не му беа потребни. Дури и да не го заврши релито на Јапонија, Нојвил ќе биде светски шампион. Толку едноставно! Танак ја промаши работата. Излета на 19 километри од стартот на испитот и го искрши автомобилот. Заедно со пропаста на Танак пропаднаа и шансите на Hyundai да стигне до трета титула. Затоа, пак, Тиери Нојвил стигна до првата. Иако заврши на шестата позиција и освои 17 бодови тие и не му беа потребни, можеби само за да ја потврди титулата.
Со Танак надвор од игра Еванс го наследи водството и лесно стигна до првата победа во сезоната. Зад него како второпласиран пристигна Ожие, а Формо го пополни последното место на подиумот. Катсута го заврши својот домашен настан на четвртата позиција на радост на јапонските љубители на релито. Со одличните перформанси на Елфин Еванс, Себастиен Ожие и Такамото Катсута, посебно на последниот специјален испит Wolf Power, Toyota ја одбрани титулата меѓу производителите. Честитки за јапонскиот автомобилски гигант.
По крајот на релито на Јапонија поредокот меѓу најдобрите во шампионатот го доби следниот лик. Тиери Нојвил ја заврши сезоната со вкупно 242 бода, додека Еванс по четврти пат стана вицешампион освојувајќи притоа 210 бодови. Танак кој имаше можност да стигне до втора титула со своите 200 бодови остана трет во генерален пласман на крајот од сезоната. Toyota за 3 бода се протна пред Hyundai. Јапонскиот тим ја заврши сезоната со вкупно 561 бод. Јужно корејскиот тим освои 558 бодови, додека тимот на M-Sport стигна до 295 бодови.
Нема двојби дека релито на Јапонија беше најдраматичниот настан во сезоната, која, мора да се признае, беше исклучително возбудлива и драматична низ целиот тек. Борбата за титулите траеше низ цела сезона. Ривалството, и меѓу возачите, и меѓу тимовите траеше буквално до последното рели, последниот ден, последниот брзински испит. Набој на неизвесност каква не се памети во блиската историја на Светскиот шампионат во рели. Неизвесност која се надеваме ќе се рефлектира и врз следната сезона и ќе ја направи уште поинтересна.
WRC2 – ПАЈАРИ Е НОВИОТ ШАМПИОН
Коментирајќи пред стартот на релито на Јапонија дека во оваа сезона е задоволен со постигнатото, и дека конечниот исход за шампионската титула повеќе не зависи од него, Оливер Солберг можеше да биде само нем посматрач на збиднувањата на последниот настан во рели годинава. Со Јохан Росел надвор од игра за титула во WRC2, Сами Пајари беше единствениот кој можеше да го загрози Солберг. Швеѓанецот за жал го извози својот дел од настаните и не можеше да стори ништо со кое би го сменил текот на настаните на релито на Јапонија.
Тука во земјата на изгрејсонцето Сами Пајари и совозачот Ени Малконен зад волан на Toyota GR Yaris Rally2 покажаа зрелост која им овозможи да стигнат до својата прва титула. Пред почетокот на релито Пајари и Малконен знаеја дека второ место на ова рели е доволно за да станат шампиони. Затоа лидерската позиција му ја препуштија на Николај Грјазин со Citroen C3 Rally2. Не сакајќи да ризикува, и со контролирано возење од почеток до крај Пајари го оствари сонот и стигна до титула. За волја на вистината во неколку наврати мораше да покаже заби и да ја брани позицијата од третопласираниот Хироки Араи со Skoda Fabia RS Rally2, но ниту од далеку не сакаше да ја загрози потерата по титула. На крај Солберг остана со куси ракави, а Пајари покрај титулата заработи и место во првиот тим на Toyota. Вербата на Toyota во него е голема, бидејќи Пајари, иако новајлија ќе вози цела сезона во која ќе има доволно простор да учи и да се докажува.