МЕРЦЕДЕС И РЕД БУЛ КАКО ЛИДЕРИ ВО ПРЕТХОДНИОТ РАСПОРЕД НА СИЛИТЕ, МОЖАТ НАЈМНОГУ ДА ИЗГУБАТ СО ПРОМЕНАТА НА ПРАВИЛАТА
Новите правила за аеродинамиката се главната приказна во пресрет на новата сезона од Светското првенство на Формула 1. За нив се зборува веќе подолго време и очекувањата се дека со нивното имплементирање ќе се постигне извесно „поедноставување“ на равенката за успех.
Мерцедес и Ред Бул како лидери во претходниот распоред на силите, можат најмногу да изгубат со промената на правилата. При претходниот ваков историски момент, кога во Формула 1 беа повторно воведени турбо моторите, на почетокот од 2014 година, беше прекината доминацијата на Рено, којашто функционираше идеално четири години по ред во болидот на Ред Бул, со кој Себастијан Фетел ги освојуваше шампионските титули. Од 2014 до денес, Мерцедес е шампион во конкуренција на конструктори, а Макс Ферстапен последнава година успеа да стигне до егал позиција со Хамилтон и да ја направи трката за титулата интересна до последната трка.
Овие правила требаше да дебитираат во 2021 година, но со појавата на светската пандемија од Ковид 19 беше дадена дополнителна година за нивна имплементација, уште на почетокот во 2020 година. Уште еден важен момент кој треба да се има предвид е дека со ова се редефинираат правилата за конструирање на болидите, но ќе уследи и уште една голема промена за три до четири години, кога ќе се зборува за како ќе треба да бидат конструирани моторите по 2025 година.
Организаторите веруваат дека со вака конципираниот аеродинамички пакет ќе има поголема изедначеност меѓу тимовите, а со тоа и повеќе различни победници во трките, како и повеќе кандидати за освојување на титулата. Ваквите очекувања се темелат врз основа на она што беше видено во минатото, поточно на крајот од 70-тите и почетокот од 80-тите години, кога аеродинамиката на болидите во однос на онаа денес може да се оцени како „примитивна“, при што придобивките за возачите се помали, но во исто време ги нема и споредните нус појави, како што е создавање на турбулентни воздушни маси за болидот назад, со што се оневозможува престигнувањето и се уништува шоуто.
Со новиот дизајн на болидите, кој се должи на големи промени на правилата, инженерите ќе се обидат да извадат максимум перформанси во дадената равенка. Поранешниот технички директор на Лотус, Ферари и Мерцедес, кој сè уште работи за „сребрените стрели“, Џејмс Елисон очекува дека не сите екипи ќе имаат точна интерпретација на она што е најдобро решение.
– Сите членови на нашиот тим, како и сите членови на другите тимови, се имаат обидено да го дадат својот максимум и да направат дизајн кој ќе биде совршен за овој сет на правила. На почетокот од сезоната сите ние ќе започнеме да откриваме низ трките што ќе следат како точно ќе се манифестира тоа. Имајќи предвид дека возилата ќе бидат нови и различни, на една до две екипи нештата ќе им тргнат во лоша насока. Тие ќе имаат тегобна и болна година. Исто така, мислам дека сите ние во извесен степен ќе имаме оставено на маса некои работи коишто не сме ги предвиделе. А кога ќе ги погледнеме другите болиди ќе си речеме „Па, добро, зошто на нас не ни текна тоа“? Потоа ќе следува луда трка за да се примени некоја идеја на болидот што е можно побргу, по што сите ќе почнеме да го трасираме нашиот пат од онаму каде што ќе се најдеме по првата трка. Ако случајно сме среќни да бидеме напред, тогаш ќе треба да се чуваме од волците што ќе не напаѓаат одзади. Ќе биде голема брканица во која што е сигурно само едно, а тоа е дека нема да имаме многу време за спиење.
Но, за да не биде се премногу едноставно и да наликува на враќање во минатото, има неколку детали што ќе претставуваат извесен нов зачин во стариот рецепт. Така, на пример, од сезонава во Формула 1 дебитираат тркала со пречник од 18 инчи. Главната заднина на промената кај пневматиците е да се доближи технологијата која што се развива во спортот до онаа која се употребува на секојдневните патишта. Досега болидите користеа бандажи со пречник од 13 инчи и немаше промени по тоа прашање најмалку во последните четири декади.
Се шпекулира дека во годината на промени од Пирели ќе се бара да понуди квалитетен производ кој нема сам по себе да претставува проблем во начинот на користењето, односно ќе се одликува со висока издржливост и широк работен опсег. Тоа, пак, ќе значи дека стратегиите на тимовите ќе бидат прилично еднонасочни, со што е можно помалку влегувања во боксот, наспроти она за што се стремеше организаторот во претходните години. Подготовката на новите гуми Пирели ја започна уште кон средината на 2019 година, бидејќи и тие требаше да дебитираат во 2021, но беа одложени за оваа година поради истите причини како и другите правила.
Нема да има разлики во начинот на кој што се номинираат пневматиците, па така ќе се употребува скалата со пет нивоа на тврдост, а зависно од типот на автодромот каде што се вози, ќе бидат избрани по три од можните пет смеси.
– Моравме да направиме комплетен редизајн, не само на конструкцијата, на профилот, туку и на целиот ранг на смесите. Во нашите преговори со организаторите се договоривме кон што ќе целиме, а тоа значи дека има цела низа на параметри кои што се различни гледано од 2021 година. Обративме внимание на разликите меѓу смесите, како и на нивото на деградација, па во трките би требало да видиме комбинации од едно или две застанувања, – објасни Марио Изола, предводник на програмата на Пирели во Формула 1.
Според фидбекот што бил добиен од возачите на тестирањата, новите гуми покажувале помали тенденции за прегревање, поради што помалку треба да бидат чувани од страна на возачите во текот на трката, што отвора можности и за нивно поагресивно користење за разлика од минатите сезони. Тоа би требало да се должи на ефектот од аеродинамиката, каде што болидите ќе имаат помала потисна сила. Очекувањата се дека болидите ќе бидат околу половина секунда по круг побавни отколку што биле лани, но имајќи ја предвид брзината на развојот на болидите во Формула 1, соборувањето на рекордите на патеката може повторно да се случи да биде мошне набрзо.
Дополнително, оваа година се планирани шест трки со спринт квалификации, какви што за првпат видовме во 2021 година. Она што се редовни квалификации се поместува за ден понапред, а в сабота се вози мини трка од 100 километри, со што ќе се дефинира стартниот поредок за главната трка в недела. На овој начин се очекува поголемо шоу за оние на трибините, како и нови содржини за тв публиката. Иако за првпат се планира одржување на 23 трки во една сезона, се планира првенството да заврши до средината на ноември, што минативе години не беше случај и последните трки беа на почетокот од декември.
Тестирањето во пресрет на новата сезона е веќе закажано за периодот од 23-ти до 25-ти февруари во Барселона, а ќе има и второ полувреме во Бахреин од 10 до 12 март. Првата трка ќе се вози на 20-ти март во Бахреин.
РАМКА: ЌЕ СЕ ПРЕПОЛОВАТ РАЗЛИКИТЕ МЕЃУ ЕКИПИТЕ
Николас Томбазис, инженер кој во минатото работеше за Мекларен и Ред Бул, сега е дел од персоналот на ФИА, каде што се пишуваа правилата за аеродинамиката. Со цел да се избегне ситуација како во 2009 година, кога ФИА воведе промени на тогашните болиди, но дел од тимовите решение пронајдоа во таканаречените „двојни дифузери“, сега целта била такви можни двојни толкувања да се избегнат.
– Постојат две-три нешта кои гледано наназад би ги направиле поинаку, но сега не можам да коментирам за тоа. Од друга страна, кога зборуваме за 2009 година, во основа многу помалку детали беа внесени, а клучните нешта што беа посакувани, беа коректни, но поради дадената слобода, по само неколку недели поминати во тестирање, придобивките од тогашните нови правила беа комплетно негирани. Сега се обидовме да научиме нешто од тоа, па правилата се многу порестриктивни, но се надеваме дека нема да има големи отстапувања. Од друга страна, сигурен сум дека можеби сме направиле грешка, или дека ќе треба да направиме некое приспособување на правилата во иднина, – изјави Томбазис.
Инженерот смета дека на крајот од 2021 година ситуацијата во Формула 1 била таква што најдобриот тим имал предност во просек околу 3 секунди пред најслабиот тим, зависно од автодромот. Тој очекува дека во 2022 година таа разлика ќе биде преполовена.
РАМКА: КАЛЕНДАРОТ ЌЕ БРОИ 23 ТРКИ
20 март | ГН Бахреин, Манама |
27 март | ГН Саудиска Арабија, Џеда |
10 април | ГН Австралија, Мелбурн |
24 април | ГН Емилија Ромања, Имола |
08 мај | ГН Мајами, Мајами |
22 мај | ГН Шпанија, Барселона |
29 мај | ГН Монако, Монтекарло |
12 јуни | ГН Азербејџан, Баку |
19 јуни | ГН Канада, Монтреал |
03 јули | ГН Велика Британија, Силверстоун |
10 јули | ГН Австрија, Шпилберг |
24 јули | ГН Франција, Ле Кастеле |
31 јули | ГН Унгарија, Будимпешта |
28 август | ГН Белгија, Спа |
04 септември | ГН Холандија, Зандворт |
11 септември | ГН Италија, Монца |
25 септември | ГН Русија, Сочи |
02 октомври | ГН Сингапур, Марина Беј |
09 октомври | ГН Јапонија, Сузука |
23 октомври | ГН САД, Остин |
30 октомври | ГН Мексико, Мексико Сити |
13 ноември | ГН Бразил, Сао Паоло |
20 ноември | ГН Абу Даби, Јас Марина |