VW ID BUZZ-СТАСА НАСЛЕДНИКОТ НА ЛЕГЕНДАТА

11/03/2022

Долго очекуваниот мал автобус na Фолксваген конечно претставен пред светската јавност. Пет години, од 2017, конструкторите и дизајнерите напорно работеа на проектот и на крајот на краиштата малиот електричен автобус наречен „ид баз“ влегува во производство. Малку повеќе ја одолговлекоа работата, но наследникот на легендарниот „мини бус“ сега е подготвен да биде испорачан до првите купувачи. Производителот вели продажбата ќе започне на крајот од летото. Занимливо е тоа што и концептот и серискиот модел носат едно исто име „ид баз“ и ова е првото возило од Фолксваген да ги има буквите „ид“ во името, но без бројка.


Новиот мал автобус ја поседува линијата на легендата, затоа неговиот дизајн можеме да го наречеме ретро. Надворешноста веднаш потсетува на минатото, но внатрешниот дизајн е ист со останатите современи автомобили. Тука нема ништо ретро, туку сè е направено како и во сите други модели од семејството. Забележителни се некои ситни детали кои ги сретнуваме во „ид 4“ и тоа е сè. Денес ниту еден автомобил не може да биде без дигитална табла со инструменти и уште една задолжена за командување со музика… Сериски следуваат 10 инчни екрани, а како опција во понуда се екрани со 12 инчи дијагонала.


Електричната погонска единица е позајмена од моделот „ид 4“. Таа има на располагање 201 КС и е сместена во долниот заден дел каде ги задвижува задните тркала. Фолксваген има погон на сите тркала, а моделите кои го поседуваат имаат наставка „варијант“. Таа иста наставка можно е да ја носи и „ид баз“, но не сега, туку по две до три години. Во оваа изведба секоја оска ќе има свој електромотор со вкупна силина од 310 КС. Можни се секакви варијации на погонските единици, во зависност од пазарните потреби и можностите на производителот.


Во Европа најнапред ќе се продава изведбата со стандарно меѓуоскино растојание, 2.987 мм, додека изведбата со продолженото е наменета за северноамериканскиот пазар и ќе стаса по две години во 2024 со моделска 2025 година. Таа изведба ќе има три реда седишта со распоред 3+2+2, а за домашниот пазар два реда седишта за превоз на пет лица и товарен оддел, додека товарната изведбата ќе биде само со клупа за три лица. И овде можни се најразлични изведби во зависност од потребите на пазарот, а за камперската изведба не се сомневајте. Фолксваген веќе ја подготвува и прашање  кога ќе ја лансира, но и работилниците кои преправаат каросерии, исто така, се подготвени и само чекаат прилика да нарачаат неколку „голи“ каросерии, а потоа тие си знаат како ќе ги преуредат. Колку за потсетување, кампер изведбата од моделот „калифорнија“ е повеќе од успешен, затоа новиов очекуваме да биде уште попрактичен. За крај, да ја спомнеме должината, 4.712 мм, која важи за обичната изведба додека подолгата, таа со поголемо меѓуоскино, сè уште е непозната. Цена? Сигурно ќе биде повисока од таа на „ид 4“, но причекајте уште некоја недела, производителот наскоро и неа ќе ја обелодени.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ