НАЧИНОТ НА КОЈ ŠKODA НАСТАПУВА СО НОВИТЕ МОДЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ Е НАВИСТИНА ЗА ПОЧИТ. КАКО ДОКАЗ ЗА КОНТИНУИРАНИОТ РАСТ Е И НОВИОТ „ХЕЧБЕК“ МОДЕЛ „SCALA“ СО КОЈ ЗА ПРВПАТ ВИСТИНСКИ ЗАЧЕКОРУВА ВО СЕГМЕНТОТ КАДЕ ДОЛГИ ГОДИНИ ГОСПОДАРАТ GOLF, FOCUS, MEGANE …
Резултатите кои требаше да ги испорача моделот Rapid по сите параметри не ги исполнија очекувањата на чешката марка. Од таа причина во компанијата ги засукаа ракавите и подготвија далеку понапреден автомобил кој во секоја насока ќе биде подобар и поконкурентен од претходникот.
За да не се поистовети со претходникот, новиот модел добива и име кое досега не е користено за возило со знакот на Škoda.
ТРЕНДОВСКИ НА СВОЈ НАЧИН
Новиот дизајнерски јазик на компанијата сè повеќе зема замав, а најновиот пример е моделот „Scala“, кој максимално ја обработува стилската форма на хечбек и ја преточува во автомобил кој испорачува допадлив и смел дизајн.
Играта започнува на предниот дел каде доминантна улога има спуштената заштина маска на компанијата, динамиката на возилото е нагласена преку светлосниот склоп кој е опремен со сеприсутната ЛЕД технологија што преку својот изглед му дава спортска нота на предниот крај. Острата и строга линија која се протега од почетокот до самиот крај го одбележува профилот и му дава севкупен издолжен и затегнат изглед на автомобилот.
Дека овој модел доаѓа од земјата на кристалот ни покажува елементот кој се истакнува на задниот дел. Имено, стоп светлата кои патем се изведени по најновите технолошки трендови се тридимензионало обликувани на најдобар можен начин како би ја интерпретирале изработката на чешки кристал од познатите стари мајстори.
ФУНКЦИОНАЛЕН КОМФОР
Кабинскиот простор на Škoda Scala го продолжува во континуитет дизајнерскиот јазик по кој е изведен екстериерот. На прв поглед се забележува изработката на ентериерот кој изобилува со извонредно квалитетни материјали, најновата дигитална технологија како и високо ниво на практичност што е карактеристично за Škoda. Забележливо е дека Чесите имаат пристап и го користат најдоброто од полиците на концернот затоа е многу тешко да се најде некоја посериозна примедба. Принципот за градење на внатрешноста е водена од идејата, максимален комфор и функционалност. Комфорните предни седишта, извонредната ергономија, логички распоредените примарни и секундарни команди го прават престојот во кабината пријатен без разлика дали станува збор за кратка релација или подолго патување. Просторот во самата кабина е и повеќе од доволен за четиричлено семејство.
Благодарение на новата платформа на која е поставена Scala зголемените габарити најмногу се забележливи во поглед на просторот и удобност за патниците сместени на задната клупа, а за сè да не заврши во кабината се грижи волуменот на багажниот простор чија зафатнина е најголема во сегментот и изнесува 467 литри во основната конфигурација. Како дополнување во Scala доаѓаат познатите Simply Clever интелигентни решенија на марката кои го прават секојдневието на возачот полесно.
ИДЕАЛЕН ПАРТНЕР
Во делот на агрегатите Škoda кај новата Scala нуди избор од повеќе моторни единици погонувани од бензинско или дизел гориво. Во моментов на нашиот пазар кај бензинските мотори како единствена понудена опција доаѓа изведбата со трицилиндричен турбо агрегат чија зафатнина изнесува 999 cm3 во две верзии на моќност, а подоцна се очекува и пристигнувањето на моќниот 1.5 литарски мотор. Наведената моќност од 115 КС која ја испорачува е повеќе од доволна за користењето во градски услови и повремени излети на подолги патеки.
Автомобилот во оваа конфигурација потегнува без потешкотии, благодарение на влечната сила од 200 Нм која е на располагање од 2.000 врт/мин до 3.500 врт/мин, што за возачите кои имаат спортски аспирации претставува идеална можност за забава. Агрегатот работи во спрега со 6 брзинска трансмисија која се одликува со исклучителна прецизност и релативно краток од при промена на степените. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9.8 секунди што е меѓу подобрите во класата. Декларираната просечна потрошувачка изнесува 5.0 литри што во реални услови значи дека Scala во просек троши 6.7 литри на секои 100 изминати километри. Максималните 204 км/ч не се никаков проблем за агрегат од еднолитарна зафатнина бидејќи автомобилот е изграден од лесни материјали и неговата тежина изнесува само 1.250 кг.
За да биде сè на страната која го потегнува надворешниот дизајн се грижи подвозјето кое е сетирано некаде помеѓу спорт и комфор, што воедно овозможува возилото да се однесува многу софистицирано без разлика дали се управува во град, на отворен пат или на патишта кои обилуваат со свиоци. Самиот начин на лесно управување и комодитет што го овозможува го наметнува најновото чедо на чешката компанија како практичен семеен избор кој е способен да одговари на секојдневно поставените барања на модерниот начин на живеење.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
МОТОР: | Трицилиндричен Турбо бензинец |
ЗАФАТНИНА: | 999СМ3 |
МОЌНОСТ: | 115 КС при 5.000 врт / мин |
МЕНУВАЧ: | 6 степен мануелен |
ПОГОН: | На предните тркала |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: | НАПРЕД: McPherson НАЗАД: Торзиона оска |
СОПИРАЧКИ: | Напред: Вентилирачки дискови Назад: Дискови |
ГУМИ: | Напред 205/55 R16,, Позади 205/55 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: | Кг: 1.305 кг |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4362Х1793Х1471 мм |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: | 9.8 секунди |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: | 5.0 лит/100 км |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: | 204 км/ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ | 16.720 евра |