КОМПАКТНИОТ AVENGER Е ПРВИОТ JEEP ШТО Е ДИЗАЈНИРАН ВО ИТАЛИЈА, А СЕ ПРОИЗВЕДУВА ВО ПОЛСКА, КОЈ ПАТЕМ Е ПОСТАВЕН НА ФРАНЦУСКА ПЛАТФОРМА. ТОЈ Е ЕДЕН ОД ПРВИТЕ КОНКРЕТНИ ПРИМЕРИ НА СИНЕРГИЈАТА ШТО ЈА СПРОВЕДУВА STELLANTIS ВО РАМКИТЕ НА ГРУПАЦИЈАТА. ПРИТОА, AVENGER ВООПШТО НЕ Е ДОСТАПЕН НА СЕВЕРНОАМЕРИКАНСКИОТ ПАЗАР, БИДЕЈЌИ НЕГОВАТА ПРИМАРНА ЦЕЛ СЕ ЕВРОПСКИТЕ КЛИЕНТИ
ГОРД НА СВОЈАТА ПРИПАДНОСТ
Употребата на препознатливи дизајнерски потези на брендот се забележливи насекаде низ возилото со што гордо ја покажува својата припадност. Трапезоидните лакови над тркалата и испакнатите линии над нив упатуваат на историските верзии на моделот Willys од 1941 година, додека „лебдечкиот“ C-столб воспоставува конекција со актуелната гама, следејќи го примерот на моделите Compass и Grand Cherokee. Секако, тука е и модерната интерпретација на класичната предна решетка за довод на ладен воздух со 7 отвори, своевиден заштитен знак на компанијата. Иако во реалност е потполно затворена, на нејзините краеви многу умешно се вкомпонирани предните светлосни групи со интегрирани дневни светла како „веѓи“. Умешноста на дизајнерскиот тим се гледа во користењето на компактните пропорции на каросеријата, каде што дизајнерите креирале смели и динамични линии кои на Avenger му додава на робусност. Пристапот не го изоставува ниту задниот дел каде светлосните групи се изведени со тродимензионален изглед чија поставеност делува како да излегуваат од аглите на каросеријата. Целата надворешност кај Avenger е исполнета со скриени детали кои го прават дизајнот многу „кул“ и авантуристички. На шофершајбната има дете кое преку телескоп гледа ѕвезди, додека на леснометалните тркала е втисната „решетката“ на Jeep. На внатрешната страна од вратата на багажникот повторно ја сретнуваме „решетката“ на Jeep скриена во близина на третото стоп светло, но далеку позабележителен е планинскиот венец на задниот прозорец, кој постојано го гледате во ретровизорот.
СТРАТЕШКА ФУНКЦИОНАЛНОСТ
Со должина на надворешноста помала од 4,1 метри, сè вели дека внатрешните габарити не се силната страна на Avenger. Сепак, во пракса докажува дека на предниот дел комотно се сместуваат возрасни лица, додека на задните седишта двајца патници ќе седат релативно удобно. Сепак, комодитетот највеќе ќе им одговара на најмладите патници. Багажниот дел, пак, од друга страна е на врвот од категоријата. Со зафатнина од 380 литри во потполност ги исполнува потребите. Неговата позитивна страна доаѓа во чистата квадратна форма со должина од 1 метар, што е вистинска реткост во автомобил од оваа класа. Дека не се заборавени практичните места за одлагање, низ кабината стратешки се распоредени функционални оддели чија вкупна зафатнина изнесува 34 литри што, пак, е двојно повеќе од просекот во сегментот. Материјалите користени во изработка на кабината се од потврда компонента, во секој случај производителот ветува дека сè е изведено за долгорочна и безгрижна употреба. Видливоста од возачката позиција е одлична во сите правци, благодарение на повишената поставеност на седиштата, но и на вертикалните стаклени површини. Сите команди се на дофат и логички распоредени. Најважните информации се прикажуваат на екранот пред возачот кој е со димензии од 10,25 инчи. Истиот е изведен со јасни графички решенија и дозволува персонализиран изглед, додека во секое време на него можете да ги следите сите релевантни информации за возење. На највисоката точка во средината на кокпитот е поставен екранот на мултимедијата кој е со исти димензии, неговиот оперативен систем користи виџети и страници за командување со функциите што можете да ги прилагодите по ваш вкус. Тука е и веќе неизбежното поврзување и пресликување на паметните телефони кое во случајов се одвива без употреба на кабел. Контролите за климатизација се со физичките прекинувачи, што ги прави брзи и лесни за управување. Истите имаат уникатен изглед, поставени се под екранот во засебно дизајниран предел, за што сметаме дека е многу добро ергономско решение кое наидува на наше одобрение.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН БЕНЗИНСКИ |
ЗАФАТНИНА: | 1.199CM3 |
МОЌНОСТ: | 100 КС при 5.500 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД: 215/55R18, НАЗАД: 215/55R18 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.179 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.084/1.776/1.534ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
10.6 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
4,8/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
184КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
28.100 ЕВРА |
РАЗУМЕН ИЗБОР
Како што налагаат тековните трендови во индустријата, Jeep го опреми Avenger со неколку опции на двигатели. Електричната работна единица беше понудена како единствена на самиот старт, за потоа да и се приклучи класичниот турбо бензинец. Следна во понудата е додадена е-хибридната изведба, а наскоро се очекува да пристигне и плаг-ин верзијата (4ХЕ) која треба да му донесе на малиот „џип“ и погон на сите тркала. Моделот со кој се дружевме претставува основа во моторизацијата, поседува „округли“ 100 КС при 5.500 врт/мин што се производ на 1.2 литарскиот трицилиндерски бензинец поткрепен со турбо полнач. Погонската единица ни е добро позната и сме имале можност да ја испробаме во повеќе возила од групацијата на која припаѓа и Jeep. Kaј овој мал автомобил одлично се совпаѓа со неговиот надворешен изглед и одлично кореспондира со неговата урбана страна. Агрегатот се наметнува како разумен избор кој со својата работа и перформанси нуди доволно моќ за кросовер фокусиран на комфор во градски услови. Негова главна одлика е мазното работење без разлика дали е на ниски или високи вртежи, вибрациите се речиси комплетно анулирани и секогаш е подготвен да повлече. Моторот работи во склоп со добро пресметаниот и прецизен менувач со шест брзини кој силата ја испраќа кон предната оска. Полн со карактер, овој мал турбо агрегат со 205 Nm влечна сила расположиви од ниски 1.750 врт/мин е максимално забавен во секојдневна употреба. Во целината одлично се вклопуваат и перформансите кои велат дека до 100 км/ч стигнува за 10,6 секунди, а максималната брзина на движење изнесува 184 км/ч. Економичноста е неговата јака страна, иако не ја постигнавме декларираната потрошувачка, Avenger просечно трошеше помалку од 7 литри на секои 100 изминати километри. Автомобилот со оваа моќност и основна суспензија поставен на тркала од 18 инчи делува доста рафинирано во возењето, еластично и забавно. Во свијоци е максимално сконцентриран, се држи смирено и реагира агилно. Долгите рути не се негово примарно опкружување, но истите не му претставуваат проблем, во тој случај може слободно да кажеме дека е едно од покомпонираните мали возила на кои комфорот не им е непознат кога се наоѓаат на отворен пат. Дека е дел од куќата чие реноме е изградено вон асфалтната подлога покажува оддалеченоста од подлогата која изнесува цели 20 сантиметри. Avenger засега доаѓа само со преден погон, но тој е потпомогнат со неколкуте модови на работа кои му овозможуваат и лесни излети понастрана од вообичаените градски рути.
Моделот Avenger е првиот вистински мејнстрим компактен SUV на марката, модерено скроен и пред сè симпатичен, исклучително забавен за возење, со практична и удобна кабина испорачувајќи ја карактеристичната „Jeep“ атмосфера во најмалото пакување досега.