ПОСЛЕДНАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА KIA RIO E ТИПИЧЕН ПРЕТСТАВНИК НА НОВАТА КОРЕЈСКА ФИЛОЗОФИЈА ЗА ПОИМАЊЕ НА ВОЗИЛА КОИ ПОКРАЈ ОДЛИЧНАТА МЕХАНИЧКА ПОДЛОГА НУДАТ И ДОПАДЛИВ ИЗГЛЕД НА НАДВОРЕШНОСТА КОЈА КОРЕНСПОНДИРА СО ТРЕНДОВСКИ ОБЛИКУВАНАТА КАБИНА.
Корејската марка во последниов период работи во жесток ритам. Повеќето модели добија свои нови генерациски изведби, а на пазарот се појавија и голем број модели кои досега не биле составен дел од портфолиото на компанијата.
Како еден од клучните модели за европскиот пазар се смета токму моделот Rio што се натпреварува во исклучително конкурентниот сегмент во кој доминантната улога им припаѓа на европските брендови. Од тие причини, Kia подготви своевиден одговор со кој самоуверено и храбро зачекорува на пазарот.
СВЕЖИ И КАРАКТЕРНИ ЛИНИИ
При креирањето на екстериерот кај четвртата генерација компанијата игра на картата која ги таргетира лицата што од автомобилот бараат карактерен младешки дизајн и свежа линија.
Сè започнува со предниот дел на Kia Rio кој поседува изразена динамика, особено поради имплементација на корпоративниот „tiger nose“ и одлично вкомпонираните светлосни склопови кои влегуваат длабоко во страните на автомобилот, кои патем се со интегрирани LED дневни светла. Страничната силуета е со карактеристична линија која се протега скоро по целата површина на автомобилот и оди по нагорна линија. Започнува од предните светла и се движи по каросеријата одвојувајќи го металниот дел од прозорците на вратите искачувајќи се до крајот на задните светлосни групи. Завршетокот на Kia Rio е само доплолнување на претходно зададените форми на исполнети оштри потези, со допадливо обликувани светлосни елементи и кров кој дискретно се спушта кон крајот во вид на спојлер давајќи му на автомобилот своевиден спортски изглед.
СКРИЕНИ АДУТИ
Најголемиот дизајнерски пресврт во однос на претходникот се случува во внатрешноста на автомобилот, целокупната кабина оддава впечаток дека е посветено големо внимание, и доколку не е знакот на управувачот многу лесно може да претпоставите дека сте седнати во некој од европските модели. Возачката позиција е особено добра, предните седишта се одлично профилирани и одмерено тврди, надворешните габарити особено се приметни на задната клупа која може да се пофали со простор кој е поголем од вообичаеното во класата. За впечатокот да биде целосен се погрижиле и инженерите кој на Rio му подарија багажен волумен што може да ја прилагодува висината, со максимална зафатнина од 325 литри.
Податок што сигурно оди во негова полза ако се земе во предвид дека на нашиот пазар моделите од оваа класа се и единствено возило во семејството. Инструментите пред возачот се со едноставна и читлива форма а брзиномерот и бројачот на вртежи се врамени во сребрени прстени. Главно место на центаралниот гребен зазема „инфотејмент“ системот со 7” екран осетлив на допир преку кој се командува со повеќето секундарни функции на автомобилот, истиот поддржува поврзување со паметен телефон преку Android Auto и Apple Car Play апликации. Вградените материјали во внатрешноста се изведени од тврда пластична компонента која се одликува со висок квалитет и допадлив дизајн, со сè што гарантира голема издржливост и долг век на експлоатација.
СВОЈСТВА ПО ИЗБОР НА ВОЗАЧОТ
Моторизацијата на моделот кој го имавме на тест беше во облик на добро познатиот 1.2 литарски бензински агрегат со 84 КС и 121 Нм влечна сила кој се сретнува и кај други модели од корпорацијата. Овој агрегат од неодамна претрпе измени и сега може да се пофали со податокот дека ги исполнува најстрогите Euro 6d-Temp нормативи. Моторот е одлично избалансиран и тивок, пред сè наменет е за секојдневна употреба каде што поголемиот дел од километрите ќе се поминат во градските гужви. На автопат не се срами да потегне и со полна пареа да повлече во повисока брзина и без мака да ја понесе 1.100 килограми тешката каросерија до посакуваната брзина. Може да се смета за динамичен или умерен во зависност од моменталната потребата на возачот. Максималната брзина во оваа конфигурација е 170 км/ч ,а постигнатата потрошувачка за време на тестот во просек изнесуваше 7,5 литри на секои 100 километри. Спојот на агрегатот со петстепениот мануелен менувач е одлично усогласен, во сите степени на пренос солидно забрзува прецизен е и без преголем од на рачката. Подвозјето е припремено по примерот на најдобрите модели од класата, готово германски бидејќи во свиоците држи цврсто, а предниот дел може да побегне единствено ако се претера. Компромисот е присутен и тука, на една страна нуди динамички својства кои за момент ќе ве натераат и поагресивно да влезете во борба со кривините, но од друга страна е удобен и тивок со цел да ги исполни семејните потреби.
Корејскиот производител Kia преку моделот Rio јасно покажува дека продолжува кон својата зацртана цел, секогаш да понуди подобар производ со поконкурентна цена отколку европските марки, што всушност и го докажува преку цената од 11.290 евра и дарежливиот пакет на сериска опрема во верзијата Vision. •
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
МОТОР: | Четирицилиндричен бензинец |
ЗАФАТНИНА: | 1.248 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 84 КС при 6.000 врт/мин. |
МЕНУВАЧ: | 5 степен мануелен |
ПОГОН: | На предните тркала |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: | Напред: MCPHERSON Назад: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | Напред: Вентилирачки дискови Назад: Дискови |
ГУМИ: | Напред 185/65 R15, Позади 185/65 R15 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: | Кг: 1.100 кг |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4065Х1725Х1450 мм |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: | 12.9 секунди |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: | 5.6 лит/100 км |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: | 173 км/ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ | 11.540 евра |