ЕРИК ПОЛАРД–СКИЈАЧОТ ШТО КРЕИРА И СПОРТСКА ОПРЕМА

19/02/2022

ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА СКИЈАЧКИОТ СПОРТ Е ГУРУ ОД ПРИЧИНА ШТО НЕГОВАТА ОПРЕМА, КОЈА ЈА ДИЗАЈНИРА, НЕ Е НИ МАЛКУ СТЕРЕОТИПНА, МЕДИОКРИТЕТСКА, КЛИШЕ, ТУКУ ОРИГИНАЛНА, УНИКАТНА, ШТО ПОСАКУВААТ ДА ЈА ИМААТ СКИЈАЧИТЕ НА КОИ ИМ Е ВАЖНО КАКО ИЗГЛЕДААТ ДУРИ И КОГА СПОРТУВААТ. ОД КАЦИГИ, ОБУВКИ, ПРЕКУ РАКАВИЦИ, РАНЦИ, ДО СКИИ, СТАПОВИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И ОЧИЛАТА, СЀ Е ИЗРАБОТЕНО РАЧНО. ЦРТЕЖИТЕ ИМ ДАВААТ ПОСЕБЕН ШАРМ

 

Со такви скии не можа да се лизга секој. Едноставно не му прилега. Треба да имате стил во сѐ, па дури и кога е во прашање спортот, во случај да знаете да скијате, и тоа добро. Не се наменети за позери ниту, пак, за почетници, туку за професионалци, дури и за аматери, кои уживаат во лудориите на снег, во брзината, во акробациите, исто како Ерик Полард – Американец што не им одолева на предизвиците во скијањето, на потполната слобода што ја има, што ја чувствува додека се спушта по стрмните патеки, додека прави салта, двојни, некогаш и тројни, во зависност од неговата кондиција.

Повредата, односно скршеницата на ногата пред десетина години можеби го оттргна од спортската дисциплина во која нема ограничување, каде што лимитот е мислен израз, но затоа, пак, му овозможи да се посвети на скицирањето, на правењето цртежи со кои се украсува опремата што ја креираше за неколку фирми во светот, како на пример „Лајн скис“ (таму беше сосопственик, со Џејсон Левинтал, а од 1998-та, како четиринаесет-петнаесетгодишник црташе), но, за жал, во август 2019-та прекина соработката. Нивните прототипи на скии за професионалци, аматери, направени по нивен вкус, терк итн. секогаш предизвикуваа внимание.

Соработуваше и со „Клиф бар енд компани“ и со „Иво“ (многумина ја познаваат како „Ево“) и со „Дакајн“ и со „Брн хелметс“ и со „Анон оптикс“ и со „Кикер аудио“ и со „Маркер“ и со „Маунт худ медоус“ и со „Тимберлајн лоџ ски ериа“. Тие му беа спонзори што ги користеа неговите принтови за разни цели. Некои од нив го спонзорираат и денес. Тој инаку дизајнира и облека (дуксери, маици), а некои линии воопшто не се пуштени во продажба. Имено, ниеден производител не се нафати да ги оствари уметничките замисли на Ерик.

Полард инаку се прекарува Ренесанс. Причината е многу едноставна – преродбата на скијачката опрема кога е во прашање креативноста, дизајнот. Ерик сакаше да ги оживее стаповите, скиите, ранците, ракавиците, очилата, обувките, кацигите со разни мотиви. Дарбата за цртање ја искористи за да направи бренд, трговска марка што ќе биде препознатлива, својствена за него. Вниманието на љубителите на зимските спортови го привлече со црвеното бонсаи на црна и на бела основа, со жолтото јапонско минијатурно дрво, како и со зелената ситка, која вирее само на Алјаска, и направи бум. Потоа, неговата работа ја обележи сантата што ги украсуваше зимските памучни блузи со куси ракави, кои се носат под ветровки, скиите итн. Другите цртежи беа апстрактни, а интересот беше голем и за опремата што личеше на колаж, според техниката, шарата и сл. Во изминатите дваесетина години се покажа многу инвентивен. Толку време е во бизнисот, кој му носи голема заработувачка. За „магнум опус“ вели дека се најдобрите скии што ги дизајнирал некогаш во животот. Добил и неколку признанија, награди. Колекцијата, линијата, како било, ја лансира во 2010-та. Познати се и реквизитите „мистер полард опус“ и „сер френсис бејкон“, посветени на британскиот уметник. Во него открил извор на вдахновение уште како тинејџер, на училишна возраст. Некои од сѐ уште се продаваат.

Без оглед на изборот, дали е кацига, обувки, очила, ракавици, ранец, скии, стапови, квалитетот е врвен, во секој поглед. Не работи сам. Напротив, има екипа. Дизајнира и штици за сноуборд. Интересот е голем бидејќи неговата актуелност не замира. Целата опрема се изложува на тестирање за безбедност, кршливост, свитливост итн. Заштитата во случај да паднете е на прво место. Има лимитирачки реквизити чија цена е доста висока наспрема преостанатите, кои ја сочинуваат колекцијата.

Една од битните карактеристики на скиите е нивната симетричност кога се работи за висината на предниот и на задниот дел. Се карактеризира и со непрестајно истражување. Уметничката и школата за графички дизајн ги врза со желбата за скијање и успешната работа беше неизбежна. Откако му заздрави ногата, со пријателите снима клипови за скијачи што сакаат екстремност. Камерите им се закачени на кацигите. Резултатот е извонреден. Емитирањето на кратките филмови, кои ги нарекува веб-епизоди, му е одличен маркетиншки потег. Акробациите, како на пример салтата, скоковите, спустот ги прави на планината Худ, во чие подножје се родил, во Велчес, Орегон. Таму и пораснал. Велат дека научил да скија на три години, а на петнаесет веќе се натпреварувал и освојувал награди. Тогаш почнал и да креира, да црта, до сега, во четвртата деценија од животот, односно нејзината втора половина. Во меѓувреме се ожени, а стана и татко.

По раскинувањето на договорот со „Лајн скис“, извесно време паузираше, за минатата година, во октомври, да продолжи. Всушност, пред неполни четири месеци ја лансира колекцијата „Сизон“, на која се посвети целосно, вклучително и неговиот партнер Остин Смит. Во линијата преовладува црната боја, своевиден хит на сезоната.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ