ТРЕТПАТ ПО РЕД TOYOTA Е НАЈДОБРИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ. ТРЕТАТА ТИТУЛА ПРИСТИГНА НА ДВЕ РЕЛИЈА ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА СТАВАЈЌИ АКЦЕНТ НА ГОЛЕМИНАТА НА УСПЕХОТ НА ЈАПОНСКАТА МАРКА
После пауза од четири години релито на Чиле повторно ги отвори вратите за караванот на Светскиот шампионат во рели. Релито кое ветуваше кога првпат се најде на календарот во 2019 година, сега ги оправда очекувањата. Фалено и од тимовите, и од екипажите, релито на Чиле одржа лекција каков треба да биде еден добар домаќин. Чиле ќе остане запаметен како единствен настан на кого јавно се славеше роденден на еден рели возач, поточно на Кале Рованпера кој токму тука наполни 23 години. Воедно, релито на Чиле ќе остане запечатено во книгите на Toyota која токму тука ја освои третата по ред титула, и тоа на две релија пред крајот на сезоната. Иако значаен како успех, сепак освојувањето на круната на јапонскиот производител не ја фрли во сенка големата победа на От Танак. Естонецот бележи сто отсто успех на ова рели. Победи на отворањето на релито во 2019 година и сега на неговото второ издание.
Танак го поведе релито од првиот брзински испит. Не дозволи да го разниша ниту тешкото слетување после скок по кое настрада хибридниот систем на неговата Ford Puma Rally1 и подвозјето. Консолидирајќи ги силите после првиот сервис тој продолжи да форсира и го поведе релито на крајот од првиот ден. Според него изборот на гуми и умеењето тие да се сочуваат се пресудни за ова рели. Со него се согласуваат и експертите од шампионатот кои се едногласни дека тактичката игра со гумите е таа која победува на ова рели. Танак беше единствен кој одлучи да користи супер мека смеша на гумите која ја нуди Pirelli. Таа е исклучително леплива и нуди извонредни перформанси, но затоа брзо се троши. Овој избор се покажа пресуден за победа на ова рели. Воедно Танак покажа дека е вистински мајстор во менаџирање на трошењето на гумите. Затоа беше недостижен од почеток до крај. Сите други случувања се одвиваа далеку зад него во обид да се освојат бодови за второто и третото место.
Изненадувачки Тему Сунинен кој ги бранеше боите на Hyundai долго ја држеше втората позиција откако на претпоследниот брзински испит од релито излета и му ја препушти втората позиција на тимскиот другар Тиери Нувил. Ова беше делумно успешен викенд за тимот на Hyundai. Есапека Лапи пред крај на првиот испит од релито удри во насип, а ударот го фрли автомобилот во брутално повеќекратно превртување. За среќа Лапи и совозачот Јане Ферм излегоа неповредени, но нивниот i20 N Rally1 беше целосно уништен. Сепак, Сунинен покажа дека е сила на која тимот може да смета на вакви специфични настани.
Сепак, на крајот од релито најмногу славеше тимот на Toyota. Без оглед што Кале Рованпера и Елфин Еванс се мачеа со тракцијата, бидејќи стартуваа од првиот ешалон, беа доволно упорни да стигнат до целта. Кале дури победи на последниот брзински испит кој му донесе дополнителни 5 бодови, а Еванс беше веднаш зад него за дополнителни 4 бодови. Така заедно нанижаа доволно бодови за нивниот тим да ја освои шампионската титула меѓу производителите на две релија пред крајот на сезоната. Воедно, оваа двојка го остави отворено прашањето за возачки шампион. Имено разликата од 31 бод во корист на Кале, ќе се обиде да ја надомести Еванс на преостанатите две релија од сезоната. Секако работата на Еванс ќе биде потешка бидејќи има доста да надомести, додека на Кале му е доволно да вози безбедно и да финишира на некоја од повисоките позиции.
Оваа очекувано голема борба меѓу тимските другари има поддршка и од тимот на Toyota. Со веќе обезбедена титула, шефот на тимот Јари-Мати Латвала на Кале и на Еванс им дава одврзани раце со благослов: подобриот нека победи.
Така се очекува голема борба на претстојното рели на Централна Европа и на последното рели од сезоната релито на Јапонија.
WRC2 – СОЛБЕРГ ПО ВТОР ПАТ СЛАВИ ВО ЧИЛЕ
Швеѓанецот Оливер Солберг го повтори успехот од 2019 година и по втор пат се закити со победа на релито на Чиле во својата категорија. Свесен дека е далеку од борбата за титула Солберг сепак покажа извонредни перформанси и голема умешност во менаџирање на гумите. Сето ова му донесе голема победа на овој Јужно американски настан. Отсутвото на Андреас Микелсен на ова рели му помогна на Гус Гринсмит кој заврши втор да се доближи до Норвежанецот во генерален пласман. Сами Пајари беше трет. Истата ситуација како Гринсмит ја искористи и Јохан Росел. Тој заврши четврти на ова рели и освои доволно бодови за да ја загрози лидерската позиција на Микелсен. Со две релија до крајот на сезоната Микелсен води со 108 бода, пред Росел со 104 и Гринсмит со 99 бода. Микелсен со нетрпение го очекува стартот на релито на Централна Европа каде се надева дека ќе успее да создаде доволно предност за мирно да доплови до титулата. |