СО ДВЕ ПОБЕДИ ОД ДВЕ РЕЛИЈА HYUNDAI ЗАБЕЛЕЖА СОВРШЕН СТАРТ НА СЕЗОНАТА ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ. ПРЕДВОДЕН ОД ТИЕРИ НУВИЛ И ЕСАПЕКА ЛАПИ КОРЕЈСКИОТ ТИМ ПОКАЖА ДЕКА Е НА ДОБАР ПАТ ДА БИДЕ ГЛАВЕН ИГРАЧ ГОДИНАВА
Традиционално двата специјални настани релито на Монте Карло и релито на Шведска кумуваа на отворањето на сезоната во Светскиот шампионат во рели. Нивната непредвидливост која бара брзо прилагодување од возачите и строго казнува и најмала грешка за некого беше мајка, а за некого маќеа. Сепак, од овие два настани најмногу извлече тимот на Hyundai и неговите возачи Тиер Нувил и Есапека Лапи кои се закитија со по една победа. Нувил по втор пат во кариерата го освои моќниот Монте, а Лапи по втор пат во кариерата во Шведска стигна до победа. Секако за тимот на Toyota многу значи отсуството на двократниот шампион Кале Рованпера кој годинава вози скратена програма. Патем во игра влезе новиот систем на бодување кој треба да придонесе за поголема изедначеност на силите на терен.
РЕЛИ НА МОНТЕ КАРЛО
Со нетрпение чекајќи го стартот на сезоната со ниет годинава конечно да стигне до титула, вицешампионот Елфин Еванс стартуваше стравично на отворањето на релито на Монте Карло. Буквално леташе низ двата брзински испити кои го отворија релито во четврток навечер и го доби Тиери Нувил со 15,1 секунди. Дури и на рекордерот со девет победи на ова рели Себастијан Ожие не му беше јасно од каде доаѓа брзината на Еванс. Ожие го заврши првиот ден трет со 21,6 секунди заостанување. От Танак кој се врати во тимот на Hyundai имаше проблеми со мапирањето на педалот за гас. Според негови зборови кога кревал нога од педалот за гас системот сам додавал. Едноставно не можел да му верува на автомобилот.
Велшанецот продолжи со својот напад и во петок. Следеше првиот цел ден од непредвидливиот Монте. Иако се сретна со проблеми заради наместа мраз на асфалтот посебно на утринските испити, во текот на денот условите се подобрија и Еванс остана на врвот. Сега во врат му дишеше неговиот тимски другар Ожие кому му се брза да стигне до десеттата победа на ова рели. Ожие ја намали разликата на 4,5 секунди, а патем го мина и Нувил кој падна на третата позиција откако се изврти на четвртиот испит. Најголемиот напредок Ожие го направи на последниот испит од денот под крилја на ноќта и кога наместа асфалтот повторно замрзна. Очигледно беше дека Ожие знае многу подобро од Еванс да ги прочита овие незгодни точки и затоа успеа да го надвози својот тимски другар. Танак прејде од една беља на друга. Откако техничарите го решија проблемот со педалот за гас, рано утро налета на парче мраз и излета од пат. Среќа собраните гледачи го истуркаа назад и тој продолжи. Сепак загуби време. На исто место излетаа и Такамото Катсута и Грегоар Мунстер кој и годинава ги брани боите на M-Sport Ford.
Според новиот систем на бодување за кого стана збор во воведот на сезоната сабота е пресудниот ден од кого зависи успехот на релито, секако во колку се стигне до целта. Ова сознание како да го разбуди Нувил кој очигледно беше станат на десна нога. Блесна на утринскиот предизвик од три брзински испити и ги фрли во сенка возачите на Toyota. Еванс кој пријави проблеми со хибридниот систем на неговиот Yaris падна на втората позиција, а Ожие следствено остана трет откако одлучи да биде внимателен на непредвидливиот асфалт. Нувил продолжи со нападот и во попладневниот круг од три испити. Беше недостижен дури и за деветкратниот победник на ова рели. Ожие кому релито на Монте Карло се смета за домашен настан едноставно не успеа да допре до Нувил. Секако го престигна Еванс и заврши втор на крај на денот, со надеж за голема битка со Белгиецот на последниот ден од релито. Воедно победата на петтиот испит од денот го изедначи Ожие со четвртото место на легендарниот Јуха Канкунен на листата на возачи со најмногу добиени брзински испити во историјата на Светскиот шампионат во рели. Еванс заврши трет. Иако проблемот со хибридниот систем беше решен тој не можеше да најде одговор за брзината на неговите конкуренти. Според новиот систем на бодување на крај од овој ден Нувил освои 18, Ожие 15, а Еванс 13 бодови.
Круг од три брзински испити ги очекуваа возачите во недела, последниот ден од релито. Нувил на кого победата на ова рели му беше на дофат не попушти. Го продолжи нападот од претходниот ден, ги доби сите три испити и освои максимални 30 бодови, плус 7 за победа во недела и 5 за победа на последниот испит Wolf Power. Посебно блесна на последниот, иконата меѓу брзинските испити Кол де Турини. Ова беше голема победа за Белгиецот кој по втор пат слави на ова рели. Првпат блесна во 2020 година кога, исто така, ги победи Ожие и Еванс. Годинешниот успех се чини како повторување на успехот од пред четири години. Ожие призна дека не можел да го следи ритамот на Нувил изјавувајќи дека му симнува капа на Белгиецот. Еванс остана трет, од далеку следен од От Танак, Ејдриен Формо од M-Sport Ford, Андреас Микелсен од Hyundai и Такамото Катсута секако од Toyota.
WRC2 – СОЛБЕРГ ВО ЛИГА САМ ЗА СЕБЕ
Оливер Солберг, 22. годишниот син на Петер Солберг светскиот шампион во рели од 2003 година, доминираше во категорија WRC2 на своето домашно рели. Младиот Швеѓанец водеше наизуст од почеток до крај. Дури се вмеша и меѓу екипажите од WRC. Неговата Škoda Fabia Rally2 се чинеше побрза од хибридните рели монструми од врвната класа Rally1 и затоа во петокот се искачи на третото место во генерален пласман. Сепак, на крај од релито на Шведска беше петти во генерален пласман и прв во својата категорија, скоро минута и половина пред Финецот Сами Пајари и Естонецот Георг Линамае. Лутиот конкурент на Солберг и шампион од минатата сезона Андреас Микелсен годинава веќе вози за тимот на Hyundai во WRC. |
РЕЛИ НА ШВЕДСКА
Паузирајќи од релито на Монте Карло, Кале Рованпера за првпат годинава тргна во акција. Релито на Шведска е настан кој му лежи на светскиот шампион и тој не трошеше време да покаже зошто ја носи титулата. Постигна најдобро време на првиот брзински испит со кого беше отворено релито на Шведска во четврток навечер и го поведе релито заедно со своите тимски другари Такамото Катсута и Елфин Еванс.
Првиот испит ниту оддалеку не беше најава за она што ги очекува екипажите на непредвидливите со снег набиени патеки во петок наутро кога стартуваше вистинскиот предизвик од релито на Шведска. Снегот кој постојано паѓаше можеби создаде зимска идила, но им ја отежнуваше задачата на екипажите, посебно на оние што стартуваа во првиот ешалон. Меѓутоа Кале стартуваше седми, се снајде одлично и го продолжи својот напад. Го освои првиот испит од денот. На вториот загуби за малку од Есапека Лапи и беше самокритичен опишувајќи го своето возење како „катастрофа”, а на третиот едвај стигна до целта откако го оштети задниот дел од својот GR Yaris. Во слична позиција се најде и От Танак. Лапи го искористи отсуството на Рованпера и прејде во напад, иако пред себе го имаше Катсута кој достојно ги бранеше боите на Toyota. Сепак, на крај на денот Лапи успеа да го поведе релито со мали 3,2 секунди предност пред Јапонецот. Изненадувачки третото место го освои Оливер Солберг од класата WRC2. Ова беше неверојатен успех за Швеѓанецот и неговата Škoda Fabia Rally2 со погон на предна оска кој успеа да го мине Ејдриен Формо и неговата Ford Puma Rally1. Нувил и Еванс имаа навистина лош ден. Покрај фактот што стартуваа први и мораа да ги метат патеките пред конкурентите се сретнаа и со технички проблеми. Нувил имаше проблем со пумпата за гориво, задоцни на старт и заработи казна од 40 секунди кој дополнително го фрли назад во поредокот. Заврши единаесетти. Еванс, пак, се мачеше со замаглено предно стакло за кое никако не можеше да најде решение, сепак успеа да се одржи на петтата позиција. Каскајќи со оштетен автомобил Рованпера едвај успеа да го заврши денот и беше пласиран дури на педесеттата позиција. Пред него на четириесет и деветтата беше Танак.
После френетичниот црн петок работите се искристализираа во сабота утро. Катсута кој заостануваше зад Лапи 3,2 секунди ја намали разликата на 0,9 секунди на првиот испит од денот и на тој начин ја најави својата намера за напад. Но, оваа епизода траеше кратко. Веќе на вториот испит од денот Катсута се најде во небрано. Од големата желба да стигне до својата прва победа во WRC излета од пат и заринка во снег. Без оглед на напорите не успеаја заедно со совозачот Арон Џонстон да го ископаат автомобилот од снег. Со сериозна предност од минута и половина пред сега второпласираниот Формо и останатите ривали на Лапи му остана само да вози мудро до крајот од денот. Финецот тактизираше оставајќи ги сега препородените Рованпера, Танак, Еванс и Нувил да се менуваат во освојувањето на брзинските испити. Од нив најмногу извлекоа Еванс кој заврши трет и Нувил кој заврши четврти. Солбер денот го заврши на петтата позиција и секако продолжи да води во категоријата WRC2. Лапи со победата дојде до првите 18 бода годинава, Еванс освои 15, а Нувил 13 бода.
Мудрото и тактичко возење на Есапека Лапи продолжи и низ трите испити во недела. Тој не форсираше ниту на последниот испит Wolf Power на кого можеше да освои дополнителни 5 бода. Се одлучи само да стигне до целта, затоа денот го заврши на седмата позиција и освои 1 бод, односно вкупно 19 бода за себе и за својот тим. Кале Рованпера беше тој што триумфираше на испитот Wolf Power со што ги заработи своите први бодови во годинешната сезона. Еванс го задржа второто место до крајот од релито, но беше најдобар во недела. Затоа на претходните 13 забележа уште 7 бода од неделата плус 4 од Wolf Power. Нувил, пак, го загуби третото место од Формо и заврши четврти. Петтото му остана на Оливер Солберг.
Ова е втора победа на рели од Светскиот шампионат во кариерата на Есапека Лапи. Првата се случи пред шест години, шест месеци и 19 дена на релито на Финска во 2017 година. Финецот го собори рекордот за најдолг период меѓу две победи во WRC кој претходно траеше пет години и 359 дена, а заедно го држеа Индиецот Шехар Мехта и Французинот Жан-Лук Терие.
После две релија од отворањето на сезоната Нувил води во шампионатот за возачи со 48 освоени бода. Еванс е втор со 45 бода, а трет е Формо со 29 бода. Меѓу производителите ситуацијата е изедначена. Без оглед на победите на корејскиот тим, и Hyundai, и Toyota имаат по 87 бодови. Тимот на M-Sport Ford, пак, може да се пофали со скромни 47 бодови.