Светско првенство во МОТО ГП-ТЕСТИРАЊАТА ГИ ПЕПЛОСАА НАДЕЖИТЕ НА ЈАМАХА

07/03/2022

ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА СЕ ОДРЖАА ДВЕ ТЕСТИРАЊА, НО СПОРЕД НАПИСИТЕ НА МЕДИУМИТЕ–ГЛАВНИ ВЕСТИ БЕА СЛУЧУВАЊАТА НАДВОР ОД ТРКАЧКИТЕ ПАТЕКИ

 

Новата сезона од мотоциклистичкиот мондијал стартува на 6 март во Катар, со традиционалната трка под рефлектори, а планирани се уште 20 гран при викенди во текот на сезоната што треба да трае до 6 ноември, кога треба да се вози трката во Валенсија. Во пресрет на трките беа одржани две тест сесии на почетокот од февруари, и тоа двете на Далечниот Исток: во Малезија и Индонезија, на патеките кои во текот на годината ќе бидат домаќини на гран при викенди.

По првиот тест во Малезија, медиумите во суперлативи пишуваа за шансите на Сузуки, кој промовираше нов мотор, за кој се верува дека ќе има поголема крајна брзина и ќе биде помоќен за престигнувачки маневри, што досега било нивна слаба страна. Наспроти тоа, актуелниот првак Фабио Куартараро беше цитиран дека не е најзадоволен од перформансите на Јамаха.

Не сум среќен споредено со тоа што очекував, но среќен сум со себе и како возев на овој тест. Има успони и падови, но не треба да се фокусираме на тоа што сум очекувал. Имам таков мотор како што ми дале и ќе уживам да дадам максимум од себе, рече Французинот. Спротивно од него, вице шампионот Франческо Бањаја имаше свој личен рекорд со новиот мотор на Дукати.

За време на тестирањата направивме напредок со моторот, еден чекор на првиот ден, а потоа и на вториот. Кога пробав да го нападнам времето, не направив ништо посебно, а резултатот беше мој личен рекорд на оваа патека. Доколку имаше трка денеска, ние ќе бевме во конкуренција за челните позиции,- изјави ланскиот победник на четири трки, кој потпиша нов двегодишен договор (за 2023 и 2024) со италијанскиот тим, со кој се шпекулира дека неговата плата е удвоена од 800 на 1,5 милиони евра за година. Уште еден тим за кој се зборува со комплименти за развојот во 2022 година е Априлија. Тие лани тестираа со Довициозо, но откако тој им се врати на трките со Јамаха, за новата сезона се ангажирани Маверик Вињалес и Алеш Еспаргаро и на првиот ден во Сепанг имаа „еден-два“ пласман, додека на вториот ден беа само 26 стотинки од првото место.

Голема мистерија ќе бидат перформансите на Хонда која, исто така, направи промена на својот мотоцикл, пред сè менувајќи го балансот кон задниот дел, за разлика од претходно. Според оцените, тоа ќе биде спротивно од желбите на Марк Маркез, но на радост на Пол Еспаргаро кој имаше најбрзо време на тестот во Индонезија, на патеката Мандалика. Промената на конструкторската филозофија треба да резултира со производ кој ќе биде полесен за возење, за разлика од претходно кога само Маркез успеваше да извади максимум од стариот концепт. Кога станува збор за „трансферите“, освен Вињалес во Априлија, сите други имиња се на своите места од минатата сезона. Тоа става акцент на пазарот на возачи за 2023 година и веќе се во оптек аферите дека Куартараро како незадоволен од Јамаха ќе бара нов ангажман. Сузуки се споменува како негова можна дестинација, но таму раководната палка ја презема досегашниот прв човек на Хонда, Ливио Зупо. По заминувањето на Давиде Бривио во Формула 1, Сузан беше во потрага по лидер на својот проект (во меѓувреме имаше седумчлено раководно тело), па првично почнаа да циркулираат гласини за враќање на Бривио, но откако тој беше потврден дека останува во Рено (Алпин), јапонскиот тим го именуваше Ливио Зупо за менаџер на тимот. Италијанецот претходно беше и во Дукати каде му ја донесе на тимот единствената шампионска титула со Кејси Стонер во 2007 година, по што премина во Хонда во 2010 година, за во 2011 година да му се приклучи Стонер и да освојат нова титула, по што започна ерата со Марк Маркез.

Катар е само почетна точка на календарот, но всушност претставува серија од четири интерконтинентални трки (заедно со Индонезија, Аргентина и САД), пред мотоциклистите да дојдат на европски терен, каде ќе останат од 24 април до 18 септември. Потоа следат уште четири интерконтинентални трки (Јапонија, Тајланд, Австралија, Малезија), по што е традиционалното „спуштање на завесата“ во Валенсија.

„ДОКТОРОТ“ ЗАМИНА,ПОГЛЕДИТЕ СЕ ВПЕРЕНИ КОН БРАТ МУ

По 26 сезони во светското мотоциклистичко првенство, минатата година Валентино Роси го објави своето повлекување од Мото ГП. Деветкратниот првак веќе подолго време работеше со младите возачи и помогна во развојот на неколку нови ѕвезди, како Франческо Бањаја, но од лани во најсилната конкренција својата кариера ја стартуваше неговиот помлад полубрат (по мајка), Лука Марини, кој беше светски вице првак во 2020 година, во класата Мото 2. Во дебитантската сезона, тој освои 41 поен во „кралската класа“, при што само два пати се најде меѓу првите десет, па оваа сезона се очекува да покаже многу повеќе и да излезе од сенката на големиот брат. Фабриката Дукати која ги обезбедува мотоциклите за тимот „ВР46“ објави дека Марини ќе има идентична спецификација како и возачите во нивниот официјален тим. За време на тестирањата во Индонезија тој имаше блескави моменти и на почетокот беше најбрзиот возач со Дукати.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ