МАРКАТА RENAULT ИМА НОВА ПЕРЈАНИЦА КОЈА ДОАЃА ВО ФОРМА НА ЕЛЕГАНТНО КУПЕ-SUV ВОЗИЛО КОЕ ЈА ДЕФИНИРА НОВАТА ПРЕМИУМ НАСОКА НА БРЕНДОТ. МОДЕЛОТ RAFALE ПРЕТСТАВУВА ЗНАЧАЕН ЧЕКОР НАПРЕД ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ, ДЕМОНСТРИРАЈЌИ ЈА РЕШИТЕЛНОСТА НА ПАЗАРОТ ДА ПОНУДИ ИНОВАТИВНА, КОНКУРЕНТНА ОПЦИЈА ШТО ЌЕ ГИ НАДМИНЕ ОЧЕКУВАЊАТА
Последните години Renault значително го интензивира својот развој, поставувајќи нови стандарди со фокус на иновативност и дизајн. Оваа стратегија резултираше со забележителни модели како Captur, култните Renault 5 и Renault 4 во електрична форма, комплетно новиот и целосно електричен Scenic, како и футуристичкиот Symbioz. Сите тие сведочат за амбициозната визија на брендот. Сепак, Rafale се издвојува како вистинска круна на оваа револуција. Овој модел нуди совршена синтеза на стил, функционалност и премиум карактер, внесувајќи свежина во гамата. Особено значајно е тоа што Rafale е првиот модел што излегува под раководството на новиот главен дизајнер. Со својот карактеристичен пристап, Жил Видал ја редефинира естетиката на брендот, воведувајќи нова ера во која дизајнот е еднакво важен како и перформансите и технологијата.
ПОЛН СО САМОДОВЕРБА
Надворешноста на Rafale веднаш привлекува внимание со својот препознатлив купе-SUV профил. Првиот модел на Renault под раководство на дизајнерот Жил Видал е храбар, динамичен и софистициран. Предната решетка е вистинско ремек-дело, составена од аголни плочки во форма на логото на Renault, создава илузија на движење кога ја гледате од различни агли. Овој дизајнерски елемент не само што го истакнува идентитетот на брендот, туку и внесува модерен и напреден изглед. Профилот на Rafale се карактеризира со долги, прецизни линии кои ја нагласуваат неговата спортска и елегантна природа. Со должина од 4.710 мм, ширина од 1.860 мм и висина од 1.610 мм, Rafale има значително присуство на патот. Сепак, неговата купе форма со благо спуштање на покривот кон задниот дел, во комбинација со ветробранско стакло поставено под агол од 17 степени, му дава агилна и атлетска силуета. Задниот дел е подеднакво импресивен, со LED светла чиј облик дополнително ја нагласува динамиката на дизајнот. Големите тркала и задниот браник со спортски елементи го комплетираат овој премиум изглед, докажувајќи дека Rafale е возило полно со карактер што остава впечаток каде и да се појави.
ПРЕМИУМ ДОЖИВУВАЊЕ
Со самото влегување во кабината на Rafale се селите во свет на префинетост и најнова технологија. Внатрешноста е базирана на моделот Austral, но надградена за да се постигне чувство на премиум амбиент. Меки материјали, внимателно дизајнирани детали и врвна ергономија го карактеризираат целото опкружување. Дигитализацијата е на високо ниво, возачот располага со персонализиран 12,3-инчен дисплеј, додека централниот 12-инчен екран управуван од Google системот обезбедува напредна конективност. Оваа комбинација овозможува интуитивно управување со функциите на возилото, додека гласовниот асистент го олеснува користењето на иновативните технологии. Особено внимание привлекува „AmpliSky“ панорамски стаклен покрив, кој користи технологија со течни кристали за затемнување на стаклото во четири различни нивоа. Овој систем не само што го подобрува просторот во кабината, туку и ја зголемува удобноста на патниците. Седиштата задни нудат доволно простор, благодарение на меѓуоскиното растојание од 2,74 метри. Патниците добиваат и практичен потпирач за раце со складиште, како и држач за таблет или телефон што може да се прилагоди. Багажникот нуди основен капацитет од 535 литри, кој може да се зголеми на 1.709 литри со преклопување на седиштата задни во сооднос 40:20:40, овозможувајќи флексибилност и максимална употребливост за најразлични потреби.
ЦЕЛОСНО ВОЗАЧКО ЗАДОВОЛСТВО
Моторизацијата на Rafale ја сочинува иновативен хибриден погон кој нуди синергија помеѓу перформансите и ефикасноста. Бензинскиот мотор од 1.2 литри со три цилиндри, во комбинација со два електрични мотори и батерија од 2 kWh, испорачува 200 коњски сили. Оваа комбинација му овозможува на Rafale да достигне 100 км/ч за 8,9 секунди, со максимална брзина од 180 км/ч. Она што особено се истакнува е економичноста. Просечната потрошувачка на гориво за време на нашето дружење изнесуваше само 6,2 литри на 100 километри, што го прави Rafale одличен избор за оние што бараат SUV кој ги комбинира перформансите и еколошката свест. Но, ако и ова не ги задоволува вашите потреби, наскоро пристигнува и приклучниот хибриден модел со 300 коњски сили и погон на сите тркала, кој ќе нуди домет од речиси 100 километри на електрична енергија. Цврстата и агилна шасија на моделот Rafale нуди изненадувачки добра управливост на патиштата, особено во спортски режим, што му додава динамична нота и го зголемува возачкото задоволство. Тесттираната верзија „Esprit Alpine“ ја поседува оваа способност благодарение на технологијата „4Control“, која е дизајнирана да го направи возилото поагилно и постабилно при повисоки брзини. Задните тркала можат да се завртат до пет степени во истата насока како предните, што ја зголемува стабилноста при возење со повисоки брзини. Во услови на пониски брзини, системот им овозможува на задните тркала да се завртат во спротивна насока од предните, што резултира со подобар круг на вртење и го олеснува маневрирање во урбани ситуации.
Моделот Rafale претставува сериозен предизвик за премиум купе-SUV сегментот, каде претежно доминираат модели од германските производители.Тој е многу повеќе од уште еден SUV, своевидна изјава за новата визија на брендот. Со комбинацијата на стил, функционалност и напредна технологија, отворено покажувајќи дека француската автомобилска индустрија има што да понуди на глобалниот пазар.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО БЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1199 СМ3 |
МОЌНОСТ НА ХИБРИДЕН СИСТЕМ: | 200 КС При 4.000 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 235/40 R20, ПОЗАДИ 235/40 R20 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.690 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4710Х1860Х1610 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
8.9 СЕКУНДИ |
ДЕКЛАРИРАНА ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
4.7 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
180 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
59.740 ЕВРА |