ПОБЕДАТА НА РЕЛИТО НА САРДИНИЈА ЗА ВЛАКНО МУ ПОБЕГНА НА СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ И ГО СПРЕЧИ ДА ОСТВАРИ ХЕТ-ТРИК ОД ПРВИ МЕСТА. ОТКАКО ПОБЕДИ ВО ХРВАТСКА И ВО ПОРТУГАЛИЈА БЕШЕ НА ДОБАР ПАТ УСПЕХОТ ДА ГО ПОВТОРИ И НА САРДИНИЈА.
Вистинска драма од завршница трет пат едно по друго се случува на рели од светскиот шампионат. После драматичните настани на релито на Хрватска кога Нувил и Еванс се откажаа во завршницата и Ожие ја наследи победата, и дупнатата гума на Танак на последниот испит од релито на Португалија на кое Французинот повторно дојде до победа, среќата не му беше наклонета на релито на Сардинија. На овој медитерански остров каде се вози еден од најгрубите настани во календарот победата за влакно му побегна на осумкратниот светски шампион кој вози скратена програма за тимот на Toyota Gazoo Racing. И додека Ожие заврши како трагичар, Танак го доби она што го загуби на претходното рели и стигна до првата победа во сезоната.
Овој настан исто како и претходниот во Португалија не ги фаворизира екипажите кои стартуваат од првиот ешалон. Грубите патеки прекриени со слободен чакал се вистински предизвик за водечките во шампионатот кои имаат неблагодарна мисија да го метат со тркалата на нивните автомобили кои пролизгуваат борејќи се за трошка тракција. Секако при метењето се губи многу време, а зад себе се остава цврста подлога на која оние подолу во поредокот можат да форсираат. Така се добива еден вид на рамноправност и шансата за успех станува до одредена мера изедначена.
Исто како и на претходното рели, Ожие на Сардинија дојде со подготвена тактика. Стартувајќи подолу во поредокот имаше јасна предност во однос на водечките и целеше кон поставување на уште еден рекорд од победи на едно рели. Имено по рекордните девет победи на Монте Карло и шест на Португалија, Ожие беше на добар пат да постави нов рекорд од пет победи на Сардинија. Но, по драматичната завршница останува да го дели успехот со сонародникот Себастијан Лоеб, секој со по четири победи.
Релито на Сардинија годинава експериментираше промовирајќи исклучително компактен формат на натпреварување. Организаторите одлучија тестот да го поместат за во петок наутро, а стартот на релито во петок попладне. Потоа во сабота приредија исклучително тежок ден за натпреварување. Вообичаеното враќање во сервисна зона и пладневна пауза беше исклучено од програмата. Место тоа екипажите можеа во од да менуваат гуми и во колку е потребно да вршат поправки на патните делници. Распоредот за во недела остана на вообичаените четири испити од кои последниот е Wolf Power.
Водечкиот во шампионатот Тиери Нувил имаше најдобро време на тестот во петок наутро. Белгиецот беше свесен дека перформансите на тест и реалната состојба која го очекува на патека се разликуваат како небо и земја. Релито стартуваше во петок попладне во 14:30 часот, а екипажите ги очекуваа четири испити. Ожие доби два и се најде во совршена позиција да стане лидер на денот. Единствен кој успеа во чекор да го следи осумкратниот светски шампион беше От Танак. Естонецот го заврши денот со заостанување од 4,5 секунди. Време кое ветуваше жестока борба на следниот и најдолг ден од релито на Сардинија. Останатите ривали беа далеку за да се вмешаат во дуелот меѓу Ожие и Танак. Најблизу до нив со 33,2 секунди заостанување беше Сордо. Заврши трет бранејќи ја позицијата од залетаниот Катсута и од Нувил. Тројцата беа распоредени во тесни 2,1 секунди. Еванс кој се сретна со низа проблеми во текот на денот не успеа да стигне подалеку од шесто место. Единствено големо откажување беше Ејдриен Формо чиј автомобил имаше проблем со електриката.
Тешко стекнатото водство Ожие го предаде многу лесно во сабота наутро. Но, не по негова вина. Уште на стартот на првиот испит од денот заработи дупната гума. Одлучи да не менува. Возеше на испитот со хендикеп, но сепак успеа да не загуби многу време. Заврши минорни 0,1 секунди зад Танак кој стана новиот лидер на настанот. На пат до следниот испит Ожие смени тркало и повторно можеше да напаѓа. Веќе на следниот прејде во водство, но пак мораше да попушти. Во само четири испити Танак и Ожие се сменија дури три пати на водечката позиција. Знаејќи дека одлучи да вози само со едно резервно тркало Ожие не можеше да си дозволи да ризикува и да форсира. Екстремно грубата подлога демне на секој чекор, а дупната гума за него ќе значеше откажување. Меѓутоа она што го загуби во утринскиот круг Ожие го надомести во попладневниот. Победи на сите четири испити од кругот и го заврши денот со 17,1 секунди пред второпласираниот Танак. Голема разлика за која Естонецот беше свесен дека со преостанатите четири испити од последниот ден ќе биде тешко да се достигне. Катсута кој ја следеше водечката двојка во чекор и беше трет по утринскиот круг се сретна со механички проблем. Неговиот менувач откажа на деветтиот испит од релито и тој мораше да се повлече. Нувил пак се откажа на претходниот испит откако промаши свијок и излета од пат. Третото место го наследи Сордо кој веќе заостануваше близу две минути зад водечките. Еванс беше четврти, а петти заврши тимскиот другар на Формо, Грегори Манстер.
Драма, драма, драма се одигра на последниот ден од релито на Сардинија. Зад волан на својот Hyundai i20 N Rally1 Танак стигна до првата победа годинава. Сосема неочекувано со оглед на предноста со која Ожие стартуваше на последниот испит од релито. Токму таму несреќата удри. На екстремно грубата делница оштети гума и го загуби релито од Танак за минорни 0,2 секунди. Ова е најтесната разлика во историјата на светскиот шампионат, a релито на Сардинија ја дели со релито на Јордан. Тогаш во 2011 година Ожие беше тој што победи со 0,2 секунди пред сега неговиот шеф на тимот Јари-Мати Латвала.
Танак беше скромен во победата. Покажа голем спортски дух и буквално му се извини на својот ривал признавајќи му дека победата требаше да биде негова. Естонецот потсети дека токму на истиот испит во 2019 година му откажа серво на управувањето и загуби загарантирана победа од Сордо. Сега Сордо го заврши релито на третото место, Еванс на четвртото, а Манстер на петото. Шестото место беше загарантирано за возачот од WRC2 Сами Пајари со Toyota Yaris.
Откажувањето од релито на Сардинија не му оди во прилог на лидерот во шампионатот Нувил. Белгиецот пред почетокот на ова рели водеше со 24 бодови предност пред Еванс, но сега таа се стопи. Сепак со победа на последниот испит Wolf Power Нувил дополни убави 5 бода на своето конто. Сега води во генерален пласман со 122 бода пред Танак и Еванс кои имаат по 104 бода. Трет е Ожие со 92 бода. Меѓу производителите пак разликата се зголеми. Hyundai пред ова рели водеше со 4 бодови пред Toyota, но сега води со 13. Има вкупно 269 бодови, додека Јапонците имаат 256. M-Sport Ford е далеку назад со 131 бод.
Следно на репертоар од 27 до 30 јуни е релито на Полска кое последен пат се возеше во 2017 година.
WRC2 – TOYOTA ПОВТОРНО СЛАВИ
Годинешниот дебитант во категоријата WRC2, Toyota, по втор пат едно по друго стигна до победа, потврдувајќи дека позицијата на Škoda како доминантна сила во оваа категорија е загрозена. После победата на релито на Португалија Toyota и нејзиниот GR Yaris Rally2 повторно слават, но сега со Сами Пајари зад волан. Финецот последен пат славеше на своето домашно рели минатата сезона, а на Сардинија покажа перформанси достојни за почит. Водеше во текот на целиот настан, а на последниот ден влезе со предност од близу една минута пред Јохан Росел со Citroen C3 Rally2. Не сакајќи да ризикува возеше внимателно, но сепак заврши со 32,3 секунди пред ривалот од Франција. И третото место падна во раце на Toyota, поточно во рацете на Јан Соланс кој пак победи на претходното рели.