Бугарија
Од јануари 2019 година, патарината на бугарските патишта се плаќа со електронска вињетка (Е-Винетка), со што повеќе ќе нема потреба да се лепат налепници на ветробранското стакло. Вињетите може да се купат на четири начина: од апарати за самонаплата, сајтот www.bgtoll.bg, на каса во канцелариите на Обласните патни канцеларии и преку мобилните апликации на мобилниот оператор „А1“.
Новина е што се воведува викенд вињетка која чини 10 лева и ќе важи од петок напладне до недела на полноќ. Плаќањето може да се изврши со кредитна или дебитна картичка, а преку сајтот е можен и трансфер на средства од банка. Системот овозможува е-вињетката да биде активирана со датум најмногу до 30 дена од моментот на купувањето, а автоматски се пресметува крајниот датум за валидност на вињетката. По добивањето на идентификациски број на трансакција за купена вињетка, клиентот може да преземе потврда или да внесе е-маил адреса, на која ќе му биде испратена.
Вињетката се продава на каса во големите синџири бензински пумпи – „ОМВ”, „Петрол”, „ЕКО”, како и во филијалите на „Бугарски пошти”, и на банкоматите на БОРИКА . На граничниот премин „Калотина” освен терминали за самонаплата, веќе се опремени и работни места за продажба за е-вињети во готово на каса. Такви ќе има и на „Кулата”, на „Дунав мост“ кај Русе и на „Капетан Андреево”. Апаратите за самонаплата се монтирани и на премините „Отоманци”, „Ѓуешево”.
Иако Вињетката нема потреба да се испечати, ниту да се носи во автомобилот или да се покажува на контролните органи, сепак препорачуваме да се поседува испечатена потврда. Контрола дали е платена патарината ќе се врши со возила на т.н. полиција за патарина, кои се опремени со специјална опрема која го снима и скенира бројот на автомобилот и ќе сигнализира ако возачот ја нема платено давачката за користење на патиштата. Бугарската Агенција за патишта веќе има активни 105 вакви автомобили. Во Софија тие се поставени на четири пункта, на влезовите во главниот град од автопатите „Тракија“ и „Хемус“ и во Владаја и во Божуриште.
Казната за возење без вињетка е 300 лева. Проблемите со електронските вињетки во Бугарија започнаа со самиот старт на нивна примена. Возачите се соочуваа со потешкотии поради малиот број пунктови за нивна продажба, паѓање на електронскиот систем, откажување на електронските апарати за самонаплата, недостаток на електронски вињети по продажните места, затворени пунктови и слично. Бугарската влада ветува дека овие недостатоци за кратко време ќе бидат отстранети , а ќе се постават 4.600 пунктови за електронски вињети.
Грција
Најавеното зголемување на цените на патарините на автопатот во северна Грција, кое требаше да стапи на сила на 1 јануари, е одложено бидејќи не доби одобрување од Европската комисија. На автопатот „Егнација” кој води од Игуменица, на Јонското Море, преку Солун до турската граница според одлуката на грчката влада требаше да се зголемат цените на патарините од 66 до 150 проценти.