МИНАТИОТ МЕСЕЦ ВО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА ФОРМУЛА Е СЕ ВОЗЕА ДВА „ДУПЛЕКС“ ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ, А ВО ЧЕТИРИТЕ ТРКИ ТРИ ПОБЕДИ ОСВОИ АНТОНИО ФЕЛИКС ДА КОСТА
По вмешувањето на Јагуар во борбата за титулата во средишницата од сезоната, вториот возач на Порше, Антонио Феликс да Коста, успеа да изрежира филмски заплет додека серијата ита кон својот финиш.
Викендот во Шангај започна со наметување на Мич Еванс од Јагуар, кој ги отвори тренинзите со најбрзо време од 1:13.215. Поради надградба на софтверот за батериите кај сите болиди, дел од нив покажаа конфликти и тешко приспособување поради што и тренингот беше прекинат. Изедначеноста се врати веќе на вториот тренинг кога петнаесет возачи имаа резултати во интервал од три десеттинки, а најбрзото време го имаше Норман Нато со 1:13.430. Интересно, ниту на квалификациите за првата трка во Шангај не беше подобрено петочното време на Еванс, па така Жан Ерик Верње ја освои пол позицијата со резултат од 1:13.322 пред Оливер Роуланд и Мич Еванс, кои имаа речиси идентични постигнувања, побавни за половина десеттинка.
Во трката од 29 круга главно доминираа Мич Еванс и Паскал Верлен, а кога Ник Касиди покажа перформанси да се вклучи кон борбата на првите двајца, доби тимска наредба да ја задржи позицијата и да го заштити Еванс од можните дуели со вториот возач на Порше, Антонио Феликс да Коста и ланскиот шампион Џејк Денис. Еванс тоа го искористи престигнувајќи го Верлен во последниот круг и беше прогласен за провизорен победник, а два часа подоцна неговиот триумф беше потврден од стјуардите кои испитуваа дали во финишот имал недозволено „сечење“ на еден свиок. Зад Верлен и Касиди се најдоа Роуланд, Да Коста, Денис и Верње.
За мене беше јасно дека противникот треба да добие казна, бидејќи дури и ми призна дека стекнал предност. Јас му оставив доволно простор, но стјуардите не го казнија. Ја искористив енергијата што ја имав за да го престигнам и навистина сум шокиран дека остана неказнет. Очекував во трката да му наредат да ми ја врати позицијата, но тоа не се случи. Сѐ уште сум огорчен, тој ја заслужи казната, имаше долготрајна предност, објасни Еванс кој беше кај стјуардите заедно со Верлен.
И во квалификациите за втората трка одлучуваа илјадитинките од секундите, при што возачот на Мекларен Џејк Хјуз постави време од 1:13.921. Двајцата поранешни шампиони Стофел ван Дорн и Антонио Феликс да Коста се најдоа на второто и третото место, додека возачите на Јагуар се пласираа во третиот ред, зад Ник де Врис. Португалецот Да Коста од средината на трката го презема водството и ја задржа таа позиција до крајот, додека Џејк Хјуз остана негов единствен конкурент, но без шанса да го предизвика откако во финишот Норман Нато немаше доволно сили за комплетно изненадување, а Ник Касиди дојде до четвртото место со оштетено предно крило кое успеа да ја издржи трката по контактот со ривалите во првиот круг. Фактот што Мич Еванс се најде на петтото место, а Верлен не освои бодови, донесе доближување на возачите во генералниот пласман, а тоа беше солидна најава за следниот „дуплекс“ гран при викенд во Портланд.
Справувањето со температурата беше клучно, и по тој основ имавме повеќе комуникации со тимот во двете насоки. Во една од пораките се обидов да им укажам што е стратегијата, и мислам дека ме разбраа. Јас и Норман си помогнавме еден на друг, тој водеше, а потоа јас преземав, бидејќи имав доволно енергија да го повлечам со мене. Забележав дека Џејк Хјуз бара чист воздух заради подобро ладење, па не можеше да вози во мојата заветрина и оттогаш натаму знаев дека мојата победа е безбедна, елаборираше Португалецот.
Гран при викендот во Портланд започна невообичаено, откако тимот на Нисан лиферуваше информација дека нивниот возач Оливер Роуланд, иако втор во генералниот пласман, нема да учествува на овој гран при викенд поради болест. Екипата го повика својот резервен возач Кајо Колет и му го довери болидот со кој што Роуланд имаше освоено шест подиуми во дванаесет трки.
На тренинзите, Норман Нато уште еднаш се истакна поставувајќи најдобро време во првата тренинг сесија, изразено како 1:09.079, при што само двајцата возачи на Јагуар, Еванс и Касиди, беа на две десетинки зад него, а Антонио Феликс да Коста беше дополнителна десеттинка побавен. Сепак, на вториот тренинг Феликс повторно ги истакна своите квалитети и имаше најдобро време од 1:08.787, при што истите возачи му правеа друштво на врвот. Тоа се покажа како добра индикација, па на крајот во квалификациите пол позицијата ја освои Мич Еванс со време од 1:08.820, кое беше две десеттинки од она на Норман Нато.
Во трката сепак одлучувачки беа други фактори, па така Ник Касиди како водечки во генералниот пласман имаше излетување, додека неговиот тимски колега Мич Еванс заработи казна поради контактот со Џејк Хјуз. Касиди беше водечки и во трката, додека Еванс и Хјуз речиси цела трка ги менуваа позициите и се напаѓаа. Но по грешката на Касиди и пролизгувањето во заштитната зона, Да Коста „се протна“ на врвот од колоната додека сите други го расипаа својот пласман. На крајот Фријнц и Верње го комплетираа подиумот, додека останатите фаворити останаа без бодови. Во вакви услови наместо Паскал Верлен да ја искористи слабоста на ривалите, победата на Португалецот Да Коста му донесе нови 25 бода и го вивна кон водечките позиции на табелата.
Денеска јас ја зафркнав работата! Претпоставувам дека имаше низа настани кои доведоа до тоа, но на крајот тоа е тоа. Потребно е да се преземе одговорност и да се признае вината, изјави Ник Касиди кој дополни дека доколку ја освоеше победата ќе имаше 50 поени предност и ќе ја резервираше титулата.
Иако возачите на Јагуар останаа фаворити за втората трка во Портланд, во квалификациите најбрзите времиња ги поставија Жан Ерик Верње и Антонио Феликс да Коста, при што првопласираниот имаше време 1:08.779, кое беше прогласено за нов рекорд на патеката, додека второпласираниот задоцни само 25 илјадити делови од секундата. Но, хоророт за Јагуар продолжи и во втората трка, откако Касиди мораше во боксот по судирот во 13 круг со Џејк Денис и Кајо Колет. Веднаш потоа имаше контакт и меѓу болидите на Да Коста и Мортара, по што беше аплицирано возило за безбедност, па позициите дополнително беа измешани. Во рестартот, Фријнс поведе пред Да Коста и Верлен. Касиди падна на тринаесетто место, и повторно не освои бодови, додека Да Коста го презеде водството и успеа да стигне до нова победа оставајќи ги зад себе Фријнс, Еванс и Верлен.
Бев фрустриран од резултатот, но тоа е природно. Имав своја стратегија, бев на 9 место кога се случи контактот, со неискористен „атак мод“ и вишок енергија. Но, сега имам само 12 поени предност во пресрет на последните две трки, откако не освоив ниту бод. Би можел да бидам и во полоша ситуација, но мислам дека ќе бидеме силни во Лондон. Тоа е една од моите омилени патеки во календарот и очекувам дека ќе има голема борба, рече Касиди на крајот од викендот во Портланд.
Касиди има 167 бода, а Мич Еванс и Паскал Верлен сега имаат по 155, додека Антонио Феликс да Коста стигна до 134 и го престигна Оливер Роуланд кој беше спречен да вози и остана на 131 поен. Последните две трки од „дуплексот“ во Лондон ќе бидат одлучувачки за титулите, но извесно е дека на крајот се сведува на дуел меѓу Јагуар и Порше, бидејќи тие се борат за конструкторската титула, а нивите возачи за поединечната. Последниот тркачки викенд на Формула Е ќе се вози на 20 и 21 јули.