Автомобил на годината за 2025-ПОВТОРНО РЕНО

16/01/2025

МАЛКУ Е ЧУДНО ШТО „РЕНО 5“ НЕ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ТОГАШ КОГА БЕШЕ НАЈПРОДАВАН И НАЈПОСАКУВАН МАЛ АВТОМОБИЛ НА КОНТИНЕНТОВ. ТРЕБАШЕ ДА ПОМИНЕ ПОЛОВИНА ВЕК ЗА ГРЕШКАТА ДА БИДЕ ИСПРАВЕНА

 

Еден од најпопуларните модели на Рено по долги години ја доби титулата Автомобил на годината за 2025. За првпат се појави во далечната 1972 год. како мал семеен автомобил со три, односно пет врати. Јавноста беше наклонета кон овој модел на Рено затоа што во секој поглед беше подобар од сите останати во семејството, но подобар и од тогашните конкуренти во класата. Дизајнот беше во сопственост на Мишел Боуе, а се произведуваше во дури седум држави во светот на три континенти, Европа, Ј. Америка и Африка.

Кон крајот на 1984 и почетокот на 1985 „рено 5“ доби обновување на дизајнот и тоа многу успешен. Како нема да биде успешен кога зад тоj дел стои името на легендарниот Марчело Гандини, творецот на линијата на „ламборџини каунтач“. Душата на овој автомобил сѐ уште провејува во Ламборџини – денешните модели ја имаат таа препознатлива „каунтач“ линија – душа дадена од страна на големиот М. Гандини. Така обновениот и до перфекција испеглан „рено 5“ опстојуваше сѐ до 1996 година, а потоа беше заменет со не така успешниот „клио“, модел кој во ниту еден сегмент не можеше да ѝ се спротивстави на легендарната „петка“. Во тоа време „петката“ не ја доби престижната континентална титула.

Мораше да минат пет десетлетија за грешката да биде исправена. Годинава „рено 5“ доживеа да ја освои европската титула Автомобил на годината за 2025. Како се случи тоа? Повторното доаѓање на сцена на рено 5 се случи во 2021 како концепт под името „5 е“, модел на електричен погон, но со зачуван дизајн, тој од М. Гандини. Серискиот модел се појави минатата година и веднаш влезе на списокот од кандидати кои ќе се борат за титулата. Списокот броеше 41 (42) кандидат, потоа според правилникот на организаторот во завршниот дел влегоа седум модели: „алфа ромео јуниор“ (некогашен „милано“), „цитроен ц 3“, „купра терамар“, „дачија дастер“, „хјундаи инстер“, „киа ев 3“, а меѓу нив и „рено 5 е – тек“.

На ден пред одржувањето на Салонот за автомобили во Брисел, жирито го прогласи автомобилот „рено 5 е – тек“ за Автомобил на годината за 2025 со освоени 353 бодови, а по него следат: „киа ев 3“, со 291, „цитрен ц 3 / е – ц 3“ со 215 бодови, „хјундаи инстер“ собра 172, „дачија дастер“ 168, „купра терамар“ 165 и „алфа ромео јуниор“ освои 136 бодови. Ова е втора едноподруго титула за Рено. Минатата година моделот „сеник“ беше прогласен за прв носител на признанието. Првиот избор е одржан во далечната 1964 година, а тогаш престижното признание му беше доделено на „ровер 2000“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ