ВИЗИЈА ПРЕТОЧЕНА ВО РЕАЛНОСТ НИ ГО ДАВА GMA T.50. ЕДНОСТАВНА ОЗНАКА ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ, АПСОЛУТНО КОН ВОЗАЧОТ ОРИЕНТИРАН СПОРТИСТ, КОЈ ПИШУВА НОВ ПРАВИЛНИК КАКО ТРЕБА ДА БИДЕ КОНСТРУИРАН ЕДЕН ЧИСТОКРВЕН СУПЕР АВТОМОБИЛ
Дали можеби го помниме генијалниот професор Гордон Мареј? Доколку името ви звучи познато и претпоставуваме дека станува збор за генијалниот автомобилскиот гуру кој стоеше зад програмата на McLaren во Формула 1 во златната ера на легендарниот Аиртон Сена, тогаш одговорот е ДА. Само да ги разбудиме спомените на сега далечната 1988 година кога McLaren со болидот MP4/4 движен од турбо моторот на Honda победи на 15 од вкупно 16 трки од сезоната, а Аиртон Сена ја освои својата прва шампионска титула.
Ќе се сетиме и дека името Гордон Мареј стоеше дури и зад патната програма на McLaren, и под негово водство беше создадена иконата меѓу спортските автомобили McLaren F1. Единствен спортски автомобил во историјата со интригантна комбинација од три седишта. Возачот седнат напред централно за да има присен контакт со автомобилот, а двајцата патници лево и десно од него повлечени кон назад. McLaren F1 се произведуваше од 1992 до 2000 година и од него беа направени само 106 примероци. Постави низа рекорди во свое време, и, иако современите супер спортисти го надминуваат, сѐ уште претставува синоним за перформанси. Меѓутоа McLaren F1 и неговите три седишта повеќе не се сами.
После F1 Мареј заминува од McLaren. Одлуката дека неговата идеја за тросед е отфрлена во идните проекти на марката го прогонува. Но, тој не ја напушта својата идеја. Држејќи се цврсто за неа и сметајќи дека концептот каде возачот седи централно е вистинскиот одговор за идеален спортски автомобил основа своја фирма, Gordon Murray Automotive – GMA. Години подоцна доаѓа неговото второ автомобилско ремек-дело со три седишта и едноставна ознака GMA Т.50.
Создаден од визијата на Мареј, Т.50 пишува нов правилник како треба да биде конструиран еден супер автомобил. Со возачко седиште поставено на средина Т.50 е единствениот, апсолутно кон возачот ориентиран спортист на сите времиња. Можеби оваа најава звучи претенциозно, но, ќе се обидеме да опишеме зошто.
ЕКСТРЕМНО ЦВРСТ, ЛЕСЕН И КОМПАКТЕН
Гонет од недостатоците на McLaren F1, но и од предизвикот да создаде уште подобар спортист, Мареј одлучил да ги извади од ракав сите инженерски трикови собрани низ искуство кое се протега повеќе од 50 години. Шасијата на Т.50 е монокок од јаглеродни-влакна поставени врз јадро од алуминиум во облик на саќе. Ваквата конструкција и дава неверојатна структурна цврстина пресудна за возната динамика, но и за безбедност. Ќелијата на кабината нуди заштита за патниците како кокпитот на болидите во Формула 1. Панелите на каросеријата, исто така, во целост се изработени од јаглеродни-влакна спуштајќи ја тежината на целата конструкција на помалку од 150 kg.
Седиштата за двајцата патници се слеани во монококот, додека централното седиште на возачот се крои по мерка и се поставува во соодветна позиција која одговара на неговите димензии, соодветно се нагодуваат воланот и педалите. Така автомобилот буквално станува скроен според мерките на сопственикот.
Т.50 нема посебно прицврстени рамки кои ги носат механичките компоненти на подвозјето, моторот и менувачот. Сите носечки точки се слеани во шасијата, а моторот и менувачот претставуваат самоносечка структура како во Ф1 што дополнително ја спушта тежината. Па така на целиот автомобил на вага мери точно 997 kg. Бројка која заслужува почит. GMA Т.50 е и екстремно компактен со должина од 4.352 mm, ширина од 1.850 mm и висина од 1.164 mm.
НАЈБРЗ И СО МОЌ НАЈНАБИЕН V12
Водејќи се од чистината кон создавањето на Т.50 Мареј одлучил моторот да дише природно и да се врти како ниту еден сериски мотор досега. Специјалистите во Cosworth успеале да му ги исполнат желбите. Моторот V12 од 3.9 литри е способен да се врти до неверојатни 12.100 min-1. Максималната моќност од 670 КС ја остварува при 11.000 min-1, a вртежниот момент од 479 Nm при 8.000 min-1. Оваа беснотија на Cosworth има најбрз одзив од било кој атмосферски мотор. Одзивот е толку брз што набира 28.400 min-1 во секунда. Односно, од лер гас во само 0,3 секунди удира 12.100 min-1. Со тежина од 178 kg и моќност од 172 КС на литар зафатнина овој V12 е најлесниот и со моќ најнабиен сериски V12 на сите времиња.
За чистината на моторот да дојде до израз спарен е со рачен менувач со шест степени на пренос кој доаѓа од уште еден специјалист, Xtrack. Менувачот има пет тесно распоредени преносни односи пресметани за силни забрзувања, додека шестиот e долг и помага да се намалат вртежите при крстарење. Движењето на рачката е внимателно дотерувано за да се добие кус од, и мазно но исклучително прецизно префрлање кое се граничи со перфекција. И менувачот со тежина од само 82 kg влегува во линијата на најлесни.
Со вака скроена погонска спрега GMA T.50 е способен да се катапултира од место до 100 km/h во само 2,8 секунди и да одлета до максимални 364 km/h. Но, тука не застанува приказната за перформансите.
ВРВНА АЕРО И ВОЗНА ДИНАМИКА
Мазниот дизајн на Т.50 произлегува од визијата на Мареј за автомобил со активна аеродинамика која не бара масивни елементи како спојлери, прагови, крила… Овие елементи покрај аеродинамична функција имаат за цел и да додадат доза на визуелна агресивност кај спортските автомобили. Но, Мареј сака да избега од ова клише. Затоа Т.50 е заоблен и мазен како сапун. Меѓутоа поседува иновативен систем кој користи вентилатор поставен во задниот дел. Идејата не е нова. Мареј првпат ја користи на болидот Brabham BT46B од 1978 година кој благодарение на вентилаторот одзади создава неверојатно голем негативен потисок и му помага да владее на патеките.
Сличен принцип, но далеку пософистициран е применет и кај Т.50. Вентилаторот со дијаметар од 400 mm има цел да ги извлекува воздушните вртлози кои се создаваат во двата огромни дифузори одзади. Забрзувајќи го струењето на воздухот под автомобилот вентилаторот придонесува за создавање на огромен негативен потисок. Заедно со активните перки на врвот од задникот го притискаат автомобилот кон асфалтот со сила до 1.500 kg. Вредност која досега не ја достигнал ниту еден сериски автомобил. Дополнително при сопирање активните перки се креваат под агол од 45° и дејствуваат како воздушни сопирачки кратејќи го патот на сопирање од 240 km/h за 10 метри. Секако активната аеродинамика дозволува и намалување на силата на негативниот потисок кога Т.50 се користи за патување. Тогаш вентилаторот е исклучен, а перките место да се креваат се спуштаат кон назад под агол од -10° со што се постигнува понизок отпор на воздух, повисока брзина и пониска потрошувачка.
Придобивките од оваа единствена технологија му овозможуваат на Т.50 да реагира како мисла на секоја наредба од возачот кога се вози на нож, но во исто време да биде пријатен при секојдневно користење.
Секако сето ова си има и соодветна цена. Таа почнува од 2.36 милиони британски фунти без давачки. Интересно е што во само 48 часа од претставувањето сите 100 примероци колку што се предвидени за производство беа купени, или поточно разграбани. Така што ако веќе не сме на списокот на избраните, а желно го посакуваме Т.50, ќе мора да чекаме некоја аукциска прилика во блиска или далечна иднина.