VANTAGE Е КРУНА КОЈА ГО КРАСИ НАЈДИНАМИЧНИОТ ПЕРИОД ВО 111 ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА ASTON MARTIN. ТОЈ Е ЕКСПЛИЦИТНА ПРЕТСТАВА ЗА ФИНО ДОТЕРАН ЛУКСУЗЕН СПОРТИСТ СО БЕСПРЕКОРЕН СТИЛ И НЕПОВТОРЛИВ КАРАКТЕР.
Исконската лоза на Vantage, еден од најдобрите чистокрвни спортски автомобили кој доаѓа од легендарната одгледувачница на расни грла во Гајдон, продолжува да блеска. Според името лесно е да се погоди дека станува збор за Aston Martin и неговиот ултимативен спортист Vantage чие име се протега низ 74 години долга историја. Синоним за беспрекорен стил, незаборавни перформанси и неповторлив карактер, Vantage е ултимативниот Aston Martin. Токму со Vantage, Aston Martin во 2018 година го претстави новиот дизајнерски правец од кого произлегоа моделите DBS, DB12 и спортскиот теренец DBX. Оваа нова генерација на Vantage ги подигнува границите уште повисоко. Моќноста во однос на претходникот скокнува од 510 на 665 КС, а максималната брзина од 314 на 325 km/h. Сепак, овие податоци се само најава за претставата која ја приредува овој фино дотеран луксузен спортист со возачко доживување кое остава без коментар.
ЕКСПЛИЦИТНА МУСКУЛЕСТА ФИЗИОНОМИЈА
Претставата за предатор која се провлекува низ дизајнот на моделите на Aston Martin преку целата 111 годишна традиција ја достигнува својата кулминација кај новиот Vantage. Приказната за експлицитна мускулеста физиономија која започна кај претходникот во 2018 година дизајнерите успеаја да ја продолжат во уште повпечатлива претстава на предатор. Vantage сега, посебно гледан од профил, уште повеќе делува како ајкула со отворена челуст спремна на загриз. Телото е пошироко за 38 mm и значително помускулесто. Препознатливата муцка која е синоним за еден Aston Martin сега има дополнителна длапка во подножјето која и дава доза на префинетост, но во исто време делува застрашувачки. Посебно кога се гледа како целина со дополнителните отвори за воздух и новиот светлосен потпис со LED технологија. Масивните отвори имаат 38% поголема површина и овозможуваат 50% поголем проток на воздух кој помага да се разлади масивно навиената енергана напикана под хауба. Куполите над тркалата се забележливо понапумпани од бил кој Aston Martin досега, додека задникот е варијација на една успешна дизајнерска приказна која за волја на вистината нема потреба да се менува.
ЦВРСТ И ЛЕСЕН
Супер цврстата и неверојатно лесна шасија која како платформа Aston Martin ја донесе со Vantage во 2018 година и околу неа ги изгради и DBS и DB12 носи низа подобрувања за продолжувачот на лозата. Таа во суштина е монокок од панели и профили добиени од легура на алуминиум и споени со лепење. На него се споени полурамки од иста легура кои ги носат моторот, подвозјето и механиката. Совршениот баланс заради тежински распоред врз оските од 50:50 му овозможува вродена агилност. Таа се должи на менувачот поставен директно на задна оска по принцип трансаксл. Со поставување на полесни, а поцврсти напречни крути врски врз моторот и меѓу куполите на задните амортизери и дополнителни крути врски во подот на шасијата под предната и задната оска, добиена е 29% покрута шасија во однос на претходникот. Така е овозможена полна контрола на подвозјето врз автомобилот која гарантира чувство на директна врска и одзив на миг. Едноставно возачот добива мнение дека Vantage реагира на мисла.
ВРОДЕНА АГИЛНОСТ
Крутата шасија со зајакнати врски за елементите од подвозјето и амортизерите носи двојни водилки од кована легура напред и мултилинк назад. Амортизерите Bilstein DTX припаѓаат на нова генерација и нудат пет пати побрза реакција при промена на оптоварувањето, односно навалувањето на автомобилот кое се детектира од шест канален жироскоп. Заедно со електронски управуваниот диференцијал кој при старт во 135 милисекунди минува од отворен во целосно затворен и во 60 милисекунди реагира при промена на динамиката при возење овозможуваат Vantage да реагира брзо како мисла на командите од возачот. Дополнителното чувство на директна врска со тркалата е добиено со исклучување на изолирачките елементи од управувањето. И тоа носи дополнителни предности. Има варијабилен пренос зависно од брзината, и само 2,27 свртувања на волан од крај до крај. Прецизното водење добива помош и од гумите Michelin Pilot Sport S 5 создадени само за Vantage со димензии 275/35 R21 напред и 325/30 R21 назад.
НАВИЕН ДО НАЕЖУВАЊЕ
Значителниот скок во моќноста во однос на претходникот се должи на обемна доработка на моторот кој изворно доаѓа од AMG. Рачно изработениот би-турбо V8 од 4.0 литри е навиен да ослободува 665 КС при 6.000 min-1 и 800 Nm меѓу 2.000 и 5.000 min-1. Плус 155 КС и 115 Nm во однос на претходникот. Модификуван профил на брегасти вратила, оптимизирање на компресија, поголеми турбо полначи, подобро ладење и фино дотерување на параметрите за побрз одзив се елементи кои довеле до создавање на овој моќник. Дополнително е работено и на вокалниот карактер на бесниот V8 кој наежува со рапав тон при ниски вртежи и дивее со крешендо кога се врти на максимум. Спарен е преку карбонско карданско вратило со менувач на ZF со осум тесно распоредени преносни односи и електронски диференцијал. Тој помага дури и екстремните стартови да минат без губење тракција. Затоа моќникот турка како локомотива врз грбот на возачот кога педалот за гас ќе се притисне до крај. Со помош на контролата за лансирање во само 3,5 секунди катапултира од место до 100 km/h, а заради колосалните 800 Nm кои стојат на располагање се до 5.000 min-1 притисокот врз грбот на возачот не попушта сѐ додека не се достигне максимумот од 325 km/h. Сопирачкиот апарат го сочинуваат масивни пливачки вентилирачки дискови од 400х36 mm напред кои ги зафаќаат шест клипни клешти и вентилирачки дискови од 360х32 mm назад кои ги зафаќаат четири клипни клешти. Како опција се нудат карбон-керамички дискови кои се 27 kg полесни од челичните, отпорни се на прегревање и нудат подобра возна динамика и побрз одзив на управувањето.
НАЈФИНА БРИТАНСКА ТРАДИЦИЈА
Иако по душа Vantage е чистокрвен спортист тоа не значи дека не треба да биде современ, комфорен и опремен со најнова информациска технологија. Кабината е благородна, дотерана според најфина британска традиција. Кожата за рачно изработениот ентериер е импрегнирана со ароматичен мирис кој нуди смирувачки комфор. Доаѓа од престижниот шкотски производител Bridge of Weir, кој постои од 1905 година и за првпат Aston Martin ја користеше во својот Super Tourer DB12. Современиот информациски и комуникациски систем користи екран вметнат во арматурата за да не го одзема вниманието при спортско возење. Системот нуди мноштво опции за постојана конекција со остатокот од светот, додека ушите ги милува совршениот звук од системот сараунд на специјалистот Bowers & Wilkins. Составен од 15 звучници и со моќност од 1170 W системот, исто така, за првпат беше промовиран во DB12.
Нема двојби дека ова скапо парче машина е создадено да одушевува и со својата појава, и со својата техника. Но, најмногу од сѐ со задоволството кое го приредува додека со него се бришка без оглед дали на пат или на патека. Едноставно Vantage е круна која го краси најдинамичниот период во 111 годишната историја на Aston Martin.