СО ОВИЕ ТРИ ЗБОРА МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАСНИ ХИРУРШКИ ПРЕЦИЗНО ОДРАБОТЕНАТА ПОБЕДА НА СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ НА РЕЛИТО НА ПОРТУГАЛИЈА. СО НЕА ОСУМКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН ДОКАЖА ДЕКА БРОЈНИТЕ ТИТУЛИ СЕ ПОСТАВЕНИ ВРЗ ДЕБЕЛО НАМАЧКАНА ПОДЛОГА
Релито на Португалија и годинава покажа дека е заслужен дел од календарот на Светскиот шампионат, и дека така треба да остане. Со зад себе долга историја на успешни настани Португалија несебично им овозможи на френетичните фанови да почувствуваат сѐ што едно рели треба да понуди. Ова е едно од ретките настани кој може да испорача драма, жестокост во борбата до последен сантиметар и бурна публика која придонесува за возбудливо доживување на ова уникатно рели.
Преку 800 илјади фанови ги бодреа екипажите крај патеките и во сервисната зона. Португалците ги тресе рели-треска. Отидоа дотаму што деновите од релито ги прогласија неработни за училиштата. Огромен број ученици беа упатени да присуствуваат на овој спектакл од рели со надеж дека на младите генерации ќе им се вткае љубовта кон овој спорт. Посебно атрактивен е брзинскиот испит Фафе долг околу 11 километри кој кулминира со славниот скок Педра Сантада. На оваа делница вообичаено се собираат околу 100 илјади фанови. Но, според проценките годинава имаше двојно повеќе навивачи. Токму на ова место навивачите имаат и посебен начин на бодрење. Користат моторни пили со изваден меч и синџир заради безбедност. Па цел регион ѕвони од турирани пили, а во воздух се меша мирис на согорен бензин со двотактол, со вкусна португалска скара која се нуди во изобилие. Затоа релито на Португалија е најголем спортски настан во оваа држава и годишно инкасира преку 60 милиони евра во националната економија.
Токму тука, во оваа воодушевувачка рели-атмосфера, Себастијан Ожие испорача возачко и тактичко ремек дело. Ја освои рекордната шеста победа која ја чекаше цели седум години. Релито на Португалија има посебно место во срцето на Ожие. Тука првпат победи во 2010 година. Негова прва победа во WRC. Потоа победи уште четири пати за пет години, а последната победа се случи во 2017 година. Тогаш го изедначи рекордот со легендарниот Марку Ален, а годинава го постави својот. Воедно со победата во Португалија Ожие ја заокружи бројката од вкупно 60 победи во кариерата во WRC. Така овој настан доби уште поголемо значење за осумкратниот светски шампион кој е најуспешниот возач во 56 годишната историја на релито на Португалија. После релито на Монте Карло каде го држи рекордот со девет победи ова е втор рекорд по број на победи што го поседува Ожие. Рекорди кои веруваме уште долго време ќе останат недопрени.
После победата на релито на Хрватска успехот во Португалија дојде како фил на торта во годинешната скратена програма на Ожие. Французинот е ретка врста на спортист. Тој никогаш не наоѓа оправдувања за своите настапи. Едноставно ниже успеси без оглед што не е постојано зад волан. Воедно е возач кој минува најмногу време со фановите и никогаш не наоѓа изговори за да отсуствува од дружењето со нив. Во манир на супер ѕвезда Ожие годинава го освои релито на Португалија по принцип: дојдов, видов, победив!
Можеби рели-викендот во Португалија не беше добар за тимот на Toyota, но факт е дека беше добар за Ожие и за совозачот Винсент Ландаи. По отворањето на релито на Португалија во четврток навечер и безмалку совршениот петок во кого три екипажи на Toyota се наредија на врвот: Кале Рованпера, Себастијан Ожие, Такамото Катсута, следеше студен туш. Катсута изненади во петок наутро кога го поведе релито, но после големиот сервис Рованпера беше човекот што застана на врвот, тесно следен од Ожие кој внимателно ја чекаше својата шанса. Заради добрата стартна позиција на Ожие му беше лесно да го одржува темпото. Возеше без ризик по подлога која веќе беше исчистена од слободниот чакал, од повисоко пласираните во шампионатот: Нувил, Еванс, Танак, Формо и Катсута. Во целата приказна за Toyota Еванс беше вистински трагичар. Неговиот совозач Скот Мартин ја заборави книгата со белешки и беше принуден да ги чита од својот мобилен што на крај ги чинеше многу време.
Водечка тројка со која Toyota стартуваше во сабота наутро се распадна. Лидерот Кале Рованпера и совозачот Јоне Халтунен преживеаја тежок судир. На вториот испит од денот Рованпера влезе широко во еден десен свијок, закачи дрво кое го фрли неговиот Yaris GR во повеќекратно превртување. Тој и совозачот излегоа од него неповредени. Меѓутоа за нив приказната за Португалија заврши прерано. На следниот испит Катсута го уништи задното потпирање на неговиот Yaris GR и се откажа. По овие два инциденти Ожие ја наследи водечката позиција тесно следен од От Танак. Естонецот дури накратко поведе по третиот испит од денот, но откако дупна гума на следниот Ожие веднаш ја врати позицијата. Првите три испити од денот беа пресвртница на релито. Оттука Ожие продолжи кон победа иако постојано мораше да внимава на Танак кој му дишеше во врат.
Оваа борба продолжи и во недела, на последниот ден од релито, за кога останаа последните четири испити. Ожие победи на првиот испит од денот, следните два му ги препушти на Танак, а последниот Wolf Power на Нувил. Сепак, за него освојувањето на рекордната победа беше поважна од бројот на бодови.
Притисокот од Естонецот беше евидентен. Танак, кој од почетокот на сезоната се бори со својот Hyundai i20 обидувајќи се да го прилагоди според својот возачки стил, се чини дека конечно дојде до откровение. И да не беше дупнатата гума сигурно ќе беше кандидат за победа. Но, беше принуден да се задоволи со второто место.
Најмногу полза од релито на Португалија извлече тимот на Hyundai. Покрај Танак кој покажа шампионски квалитет одлично се покажа и Нувил кој заврши трет. Четвртата позиција му припадна на Ејдриен Формо од M-Sport Ford, a петтата на Сордо кого Hyundai за ова рели го врати во игра. Шести заврши Еванс кому на ова рели среќата не му беше наклонета. Покрај проблемот со белешките доживеа и дефект. На претпоследниот испит од релито неговиот Yaris ја загуби течноста за ладење и Еванс мораше да дотурка до крај само на електрика.
Во генерален пласман сезоната му оди во прилог на Нувил. Белгиецот после пет настани води со 110 бодови далеку пред Еванс кој има 86. Танак, пак, е на третото место со 79 бодови. После ова рели се смени состојбата и меѓу производителите. Hyundai со 219 бодови прејде во водство пред Toyota која има 215 бодови. Далеку на третото место е M-Sport Ford со 110 бода. Се чини годинава може да очекуваме жестока борба за круната и меѓу производителите.
Следното рели се вози на медитеранскиот остров Сардинија од 30 мај до 2 јуни каде мешаната подлога ќе биде вистински предизвик и за екипажите, и за тимовите.
WRC2 – ДЕБИТАНТ НА ТРОНОТ
Релито на Португалија предочи дека во категоријата WRC2 позицијата на Škoda е загрозена. Чешкиот производител кој буквално доминираше во WRC2 изминатите сезони добива соперници достојни за почит. Покрај Citroen во Португалија во игра се вмеша и Toyota. Водена од Шпанецот Јан Соланс Toyota Yaris GR Rally2 која дебитираше оваа сезона ја заработи првата победа. Ова беше прва победа и за Соланс кој стана првиот шпански возач што победил во WRC2. Победата дојде после вистинска драма која ја следеше оваа категорија. Водството се смени дури 21 пат во текот на релито кое сведочеше за падот на ѕвездите Оливер Солберг и Гус Гринсмит. Второто место му припадна на Ирецот Џошуа МекЕрлин, а третото на Финецот Лаури Јона и двајцата зад волан на Škoda Fabia RS Rally2.