Најава Дакар 2025-ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈДОЛГИОТ И НАЈТЕЖОК РЕЛИ СПЕКТАКЛ

26/11/2024

ТАМУ НЕКАДЕ ВО ПУСТИНАТА НЕ МОЖЕ, А ДА НЕ БИДЕ ВОЗБУДЛИВО, НЕПРЕДВИДЛИВО, НАПНАТО, НЕРВОЗНО, СО ПРЕМНОГУ АДРЕНАЛИН И МНОГУ ВДИШЕНА ПУСТИНСКА ПРАШИНА, НО И КРИСТАЛНО ЧИСТИ УТРА, МИР И ТИШИНА КАКО НИКАДЕ НА ДРУГО МЕСТО НА ПЛАНЕТАВА. ТОКМУ ТАМУ ЌЕ СЕ ВОЗИ 47. ИЗДАНИЕ ОД РЕЛИТО ДАКАР, НАЈДОЛГОТО И НАЈТЕШКОТО НА СВЕТОТ.

 

Крајот од годината секогаш е резервиран за релито Дакар. Не дека пред тоа не е време за ова рели, напротив подготовките започнуваат веднаш на почетокот од годината, но на крајот почнуваат гужвите, дотерување до најситни детали за сѐ да биде средено до перфекција. Еве го тоа време на гужви, малку трема, малку повеќе возбуда, малку нервоза и сето тоа измешано, од сѐ по малку… Како нема да е така кога релито Дакар (некогаш познато како Париз – Дакар) е едно и единствено на планетава и тешко како за возачите, така за автомобилите и за сите останати учесници, механичарите, организаторите и секако за земјата или земјите домаќини.

Догодина се вози 47. издание од ова рели, а земјата домаќин е истата како во претходните пет изданија. Тоа значи дека Саудиска Арабија е домаќин шестпати едноподруго на најпознатото, најдолго и најисцрпувачко рели на светот. И да напоменеме дека истата држава ќе биде домаќин и во наредните пет изданија затоа што С. Арабија го продолжи договорот со организаторот на релито, компанијата АСО (Амаури Спорт Организејшн) заклучно со 2030 година. Почетокот на релито е закажан за 3 јануари 2025 година, а ќе заврши на 17 истиот месец со прогласување на победниците. Тоа значи дека возачите ќе талкаат по пустинските предели точно 14 денови плус еден ден одмор, а во списокот на организаторот повторно е вратена 48 часовната „бркотница“, маратонската етапа (етапа), долга 950 км. Најголемото изненадување на годинашното издание е Дачија. Од крајно скромна компанија со уште поскромни продажни резултати, за првпат влегува во релито и тоа не само колку да учествува и името да се појави во јавноста, туку настапува крајно агресивно.

Замислете во своите редови има тројца возачи кои се рангирани во врвот од десетте најдобри на светот, Кристина Гутиерез Хереро, СебастијанЛоеб страв и трепет во СШ во рели, носител на девет титули една по друга и Насер Ал Атија петкратен победник на релито Дакар. Еден мал вовед за Дачија. Тоа е романска фабрика за автомобили основана од Рено и денес е дел од алијансата Рено Нисан Митсубиши. Во спомнатото друштво членуваат Нисан и Митсубиши, марки кои произведуваат најдобри теренски возила во светот. И уште еден податок, Митсубиши е најтрофејна марка на релито Дакар, така што рели конкурентите треба да имаат во предвид со кого имаат работа. Можеби Нисан, а нарочно Митсубиши има пренесено еден мал дел од своите големи искуства на пионерот Дачија. Откако Ауди излезе од релито, поради преголемите трошоци, но и поради учеството во најбрзиот циркус наречен формула 1, во таборот на авантуристите влегува Форд на чело со Ел Матадор алијас „Карлос Саинц“, четирикратен победник на ова рели и две титули СШР. Во класата на камиони каде Камаз душата им ја вадеше на сите останати и тоа со години и години наназад, веќе го нема меѓу учесниците, поради сегашната политичка состојба во светот. Маратонската етапа ја спомнавме, но не кажавме дека релито ќе има заеднички старт за сите наредени еден до друг и сите одеднаш, како што беа некогаш на времето. Деталите за етапи сѐ уште не се објавени така што најавата засега е нецелосна.

Познато е дека релито ќе биде поделено во 12 етапи кои треба да се извозат за време од точно две недели, од кои пет етапи ќе бидат различни за мотоциклите и за автомобилите. Алтернативните автомобили (хибриди и слични на нив) повторно се воведени во посебна класа наречена „Дакар Фјучр Мишн 1000“. 1-ви и 2 ри јануари се денови за завршните подготовки, на 3 јануари сѐ е наместено за претставувањето и „парадното“ возење, а битката започнува со првата етапа на 4 јануари од местото Биша, а крајот е на 17 јануари со завршната етапа која води до местото Шубајта. На ова рели може да учествува секој со наполнети 18 год. и да има меѓународна ФИА / ФИМ дозвола за крос кантри рели, а учеството ќе треба да го плати со најмалку 26.000 односно 28.000 евра. Толку чинеше котизацијата за годинашното издание на релито Дакар.

Автомобил подготвен за релито Дакар чини околу 200.000 евра плус останатите трошоци, механичари, конструктори, носење резервни делови итн. Најтрофеен возач на ова рели е Стефан Петерхансел со вкупно 14 титули, шест во класата на мотоцикли (1991, 1992, 1993, 1995, 1997 и 1998) и осум во класата на автомобили (2004, 2005, 2007, 2012, 2013, 2016, 2017 и 2021). Затоа С. Петерхансел го носи прекарот Мистер Дакар, а прекарот Кралот на пустините го носи Митсубиши со неговите 12 титули, од кои седум една по друга. Во низата од занимливости еве ги најтрофејните марки, Камаз и КТМ, првиот производител на камиони, а вториот на мотоцикли заедно имаат 38, односно секој по 19.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ