Претставуваме BMW Concept Touring Coupé-ВОНВРЕМЕНСКА УБАВИНА

20/06/2023

КРЕАЦИЈАТА НА BMW Е УНИКАТ СОЗДАДЕН ЗА ДА ПЛЕНИ СО СВОЈОТ ДИЗАЈН И ДА МАМИ ВОЗДИШКИ. ТАА Е ПАРЧЕ АВТОМОБИЛСКА МОДА СО ВОНВРЕМЕНСКА УБАВИНА И СИМБОЛ ЗА СТРЕМЕЖОТ КОН ИСПОЛНУВАЊЕ НА ВРВНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ

 

Конкурсите на елеганција, изложби организирани во чест на неговото величество автомобилот ја даваат таа ретка можност пред светот да бидат прикажани историски модели кои оставиле печат, но и уникати, студии, концепти преку кои се прикажуваат визии до каде може да стигне фантазијата во креирањето на најпопуларната форма на транспортно средство, кое неретко е и предмет на обожување и место на повеќе-сетилно доживување. Имајќи го сето ова во предвид Баварската марка на автомобилска екселенција одлучи на една од најпопуларните изложби од оваа врста Concorso d’Eleganza Villa d’Este, која се одржува во истоимениот хотел на брегот на езерото Комо во Италија, на светот да му ја претстави својата визија наречена BMW Concept Touring Coupé. Автомобил кој оддава почит на едно успешно минато на марката и го слави нејзиниот стремеж кон исполнување на возачко доживување во негова најчиста форма. Но, во исто време и парче автомобилска мода, креација со вонвременска убавина која за секогаш ќе остане симбол кој ја претставува слободата и уживањето во патување во пар.

ОДДАВАЊЕ ПОЧИТ НА ЕДНО МИНАТО

Не случајно Баварците одлучија да го претстават BMW Concept Touring Coupé на Изложбата на елеганција Villa d’Este која го става моделот во еден историски контекст. Опкружен со класични модели од автомобилската историја кои им носеа радост на своите сопственици во минатото, а подеднакво дотерани како во цутот на младоста истото го прават и денес. Во една, на ваков начин сложена историска претстава BMW Concept Touring Coupé му оддаде почит на својот далечен предок, моделот BMW 328 Touring Coupé. Историски модел кој победи на легендарната трка Миле Милја во 1940 година и послужи како инспирација за создавање на овој современ уникат подготвен да одушевува подеднакво како и далечниот предок. И со својот дизајн, и со перформансите, и со возната динамика која ветува врвно возачко доживување.

УНИКАТ ДОБИЕН СО РАЧНА ИЗРАБОТКА BMW

Concept Touring Coupé е уникат, единствен од оваа врста, создаден за да плени со својот дизајн и да мами воздишки секогаш кога ќе се фрли поглед на него. Лајт-мотив на овој концепт е извајаниот задник, создаден од контурите на кровот кои течно преминуваат во мускулести странични панели назад. Заради нив BMW Concept Touring Coupé делува како боди-билдер чии широки раменици упатуваат кон цврст став и непоколебливост во настапот. Гледано отстрана ова купе на BMW е типичен претставник на автомобилската концептуална форма наречена shooting-brake која по дефиниција ја красат долга хауба, низок кон назад извлечен кров со нагласена аеродинамика и моќен задник. Секако сето тоа дополнето со дизајнерски детали кои на крај ја прават разликата меѓу рачно изработен уникат, или сериски модел излезен од производна линија.

Дека BMW Concept Touring Coupé не е обичен модел докажува и специјалната боја наречена Sparkling Lario. Бојата во себе содржи ситни парчиња од сино стакло кои во комбинација со сиво-кафената нијанса постигнуваат уникатен впечаток на длабочина. Ефектот на бојата е дополнет со сребрено-бронзени детали и уникатна изведба на прочуените бубрези на BMW со вертикални решетки. Сето ова стои на ексклузивни бандажи од лесен метал со дискретно вметнати златно обоени површини кои напред мерат дијаметар од 20 инчи, а назад од 21 инч.

ЕНТЕРИЕР ОД МОДНА ЕКСКЛУЗИВА

Дизајнот на ентериерот на BMW Concept Touring Coupé ги следи вообичаените поставки на баварската марка со кокпит ориентиран кон возачот и високо поставен централен гребен кои ставаат акцент на спортската ориентација. Меѓутоа за разлика од вообичаените модели BMW Concept Touring Coupé нуди содржина која му дозволува да отскокне далеку над своите сериски браќа. А содржината опфаќа внимателен избор на материјали, посебни бои и врвна рачна изработка. Кожата со која е преслечен ентериерот доаѓа од специјализираната италијанска работилница Poltrona Frau. Италијанците внимавале на нијансата користејќи посветли тонови на кафена боја за горниот дел од кабината и седиштата која му дава топлина на ентериерот, а плетенката на рабовите му дава уметничка нота.

Целосно во кожа е преслечен и багажникот со надолжно поставени кожни каиши за кои се прицврстува багажот. Секако одзади во BMW Concept Touring Coupé не доликува да се смести било каква торба. Затоа за креирање на торбите била задолжена уште една италијанска ексклузива. Специјализираната работилница за кожна галантерија од Модена, Schedoni, која ги прави и чантите и куферите за Ferrarri. Уникатниот сет на торби специјално создаден за BMW Concept Touring Coupé е составен од две големи и една мала торба доволни за одење на викенд, плус една торба за одело. Сите тие совршено пасуваат во багажникот на купето и го комплетираат уникатниот стил што го наметнува BMW со целиот автомобил.

 

НАЈДОБРОТО ОД РОДСТЕРОТ БЛИЗНАК

Инженерите од Минхен, исто така, го одбрале најдоброто за BMW Concept Touring Coupé кога станува збор за техниката. Потпирајќи се на основата на родстерот Z4, овој shooting-brake под хауба го пакува најдоброто од понудата, односно моќната енергана од Z4 M40i. Тоа значи дека под хауба на BMW Concept Touring Coupé свири линискиот шест цилиндричен бензинец со зафатнина од 3.0 литри кого го потпомага твин-турбо компресор. Остварувањето на максимална моќност од 340 КС се случува меѓу 5.000 – 6.500 min-1, додека вртежниот момент од 500 Nm стои на располагање меѓу 1.600 – 4.500 min-1. Вртежниот момент се пренесува кон задните тркала преку осум-степениот автоматик на ZF со можност за рачно префрлање на степените и диференцијал со ограничено пролизгување. Гумите Pirelli P Zero се спремни да ја испратат големата моќност врз асфалтот и притоа да остварат спринт од место до 100 km/h за околу 4 секунди и максимални електронски ограничени 250 km/h. Сетапот на подвозјето е посебно тјуниран според потребите на купето, а за сопирање се користат вентилирачки дискови и напред, и назад.

Иако раководството на баварскиот производител сакаше BMW Concept Touring Coupé да остане уникат, единствен од својата врста, кој ќе се перчи на изложби и во музејот на марката во Минхен, сепак тоа нема да се случи. Само за време на премиерата покажан е толку голем интерес за BMW Concept Touring Coupé што ги натера челниците на марката да ја преиспитаат својата одлука. BMW Concept Touring Coupé сепак ќе се произведува. Планот е да се направи ограничена серија од 50 примероци. Но, дали патешествието ќе застане на овие педесет бројки ќе покаже времето. Производството ќе се одвива рачно, како и кај изложбениот експонат. Соодветно на тоа ќе стои и ексклузивноста на моделот, но и цената. Таа треба да стартува од околу, исто така, ексклузивни, 230.000 европски банкноти.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ