СО КОМБИНИРАНА МОЌНОСТ ОД 680 КС, ВРТЕЖЕН МОМЕНТ ОД 1.020 NM И ПОГОН НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА 4MATIC+, MERCEDES-AMG C 63 S E PERFORMANCE Е ПОДГОТВЕН ДА ГО НАБИРА АСФАЛТОТ ПОД ТРКАЛА И ДА ДРИФТУВА КАКО ЧИСТОКРВЕН ТРКАЧ
Одгледувачницата на змееви од Афалтербах позната под акронимот AMG слави 55 години од своето основање и место роденденска торта на светот му поклонува притаена ѕверка спремна да одушеви со својата исклучителна моќност која е плод на врвната технологија земена на заем директно од болидот во Формула 1. Нема двојби дека моделите кои го носат беџот на AMG отсекогаш го воодушевувале светот на октаните. Прво преку мотоспортот, а потоа преку сериските високо-перформансни автомобили.
Приказната за AMG почнува со ентузијазмот на двајцата инженери Ханс Вернер Ауфрехт и Ерхард Мелхер кои го напуштиле Daimler-Benz бидејќи компанијата ја прекинала програмата за мотоспорт на почетокот на 1960-те години, а со тоа и развојот на тркачкиот мотор за 300 SE во коj тие биле директно инволвирани. Тој мотор бил нивно чедо. Затоа продолжиле да работат на негo користејќи го своето слободно време во куќата на Ауфрехт во родниот град Грoсaшпах. Кога завршиле со развојот во 1965 година нивниот AMG Mercedes 300 SE со 6.8 литарски V8 под хауба победува на десет трки од DTM. Тогаш почнале нарачките за овој мотор од приватните тимови што било повод да заминат од матичната фирма. Во 1967 година за првпат е регистрирано името AMG, акроним од нивните презимиња и родниот град: Aufrecht Melcher Grossaspach. Светската слава почнува во 1971 година кога тешкиот 300 SE победува во класа и зема второ место во генерална класификација на 24 часа Спа. По овој успех почнуваат нарачки за модификација на сериските модели на Mercedes. За да ги задоволи клиентите AMG во 1976 година гради нов погон во Афалтербах и оттогаш не престанува да одушевува со своите креации, а најавениот C 63 S E Performance е најновата меѓу нив.
ВОЛК ВО ЈАГНЕШКА КОЖА
За првпат во историјата на доработките на AMG кога станува збор за C-Class покрај седан паралелно е претставена и комби изведбата. Иако со својот настап не делуваат брутално тие се олицетворение на волк сокриен во јагнешка кожа. Притаена ѕверка која со комбинирана моќност од 680 КС, вртежен момент од 1.020 Nm и погон на четири тркала 4Matic+ е подготвена да го набира асфалтот под тркала. Под хауба работи најмоќниот четирицилиндричен мотор на светот, со специфична моќност од 238 КС по литар зафатнина. Моќни 476 КС при 6.750 min-1 и 545 Nm меѓу 5.250 – 5.500 min-1 испраќа кон сите четири тркала 2.0 литарскиот турбо бензинец. Вредности кои и сами по себе се доволни за дивеење, но тоа не било доволно за инженерите на AMG. Тие на задната оска поставиле електричен мотор од 204 КС кој доаѓа како поткрепа на бензинецот за остварување на олкава комбинирана моќност која ветува катапултирање од место до 100 km/h во 3,4 секунди и максимум лимитиран на 250 km/h, односно на 280 km/h со доплата.
ОД ФОРМУЛА 1 ДИРЕКТНО НА УЛИЦА
Токму во комбинирањето на хибридниот погон се сокрива технологијата која се применува на болидот на Mercedes-AMG Petronas во Формула 1. Батеријата не е конструирана за автономно возење на струја, туку за брза испорака на моќност во момент кога му е најпотребна на возачот, како на пример при излез од свијок во полн налет, или при престигнување. Посебно конструираниот систем за ладење ја лади секоја од 560 ќелии одделно што овозможува батеријата секогаш да има оптимална температура. На овој начин се продолжува нејзиниот век, но во исто време е возможно од неа да се извлечат 1,7 kW/kg што е двојно повеќе енергија од вообичаените батерии. Така електричниот мотор во секој момент му дава максимална поддршка на бензинецот. Дури и кога се вози на патека со силни забрзувања и сопирања, и кога батеријата најмногу трпи се задржува постојаноста на испораката на енергија.
ПОД ПОЛНА КОНТРОЛА
Компактниот електричен мотор е интегриран во задната оска која преку диференцијал со ограничено пролизгување варијабилно го распределува вртежниот момент меѓу двете тркала, а по потреба го испраќа и кон предна оска. Бидејќи електромоторот делува директно на задната оска возачот без задршка го чувствува напливот на моќ секогаш кога ќе го притисне педалот за гас. Испораката се случува во миг и како што предупредуваат од AMG бара навикнување. Доколку се случи пролизгување на некое од тркалата на задна оска моќноста која доаѓа од електромоторот веднаш се испраќа кон тркалото со подобра тракција и кон предните тркала. Така се воспоставува полна контрола над автомобилот без да се намалува моќноста на моторот и активираат сопирачки како при интервенција на ESP.
Возната динамика на C 63 S E Performance дополнително ја подобрува активното управување на четири тркала. При брзини до 100 km/h задните тркала се вртат спротивно од предните до отклон од 2,5 степени со што се добива ефект на намалување на меѓуоскиното растојание и се подобрува нагонот за напад во свијок. Значително се подобрува и маневрирањето низ град. При брзини над 100 km/h задните тркала се вртат во иста насока со предните до отклон од 0,7 степени за поголема стабилност при високи брзини и подиректна реакција на возилото кога се менува правецот.
СПОСОБЕН ЗА ДРИФТ
Покрај целосно варијабилниот погон на четири тркала кој поставува висок лимит и ги подигнува перформансите и возната динамика на сосема ново рамниште во овој сегмент C 63 C 63 S E Performance е способен и за дрифт. Една од опциите за нагодување на погонот 4Matic+ вклучува и посебен Drift Mode кој го исклучува преносот на вртежен момент кон предната оска. Во овој модус задната оска е таа која ја добива масивната моќност на хибридниот погон дозволувајќи контролирани пролизгувања за уште поголемо возачко задоволство. Овој модус на работа е погоден и за возење на патека и често е практикуван од вистинските познавачи на возачкиот занает.
Mercedes-AMG C 63 S E Performance е способен да комбинира добра од два света. Да биде семеен транспортер, посебно во изведбата комби, но и да одушевува на патека. Со него AMG целосно ја менува играта во сегментот на лимузини од средна класа со високи перформанси и поставува нови насоки кои останатите треба да ги следат.