WEC – 6 ЧАСА НА САО ПАОЛО – БОРБАТА ЗА ТИТУЛА СЕ РАЗГОРУВА

22/07/2024

ГОЛЕМАТА ПОБЕДА НА TOYOTA И НЕЈЗИНАТА ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА НА ЖЕШКИОТ БРАЗИЛСКИ АСФАЛТ, ЈА ИСПРАЌААТ НА СОВРШЕНА ПОЗИЦИЈА ЗА ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА. ВИСТИНСКА ШТЕТА ШТО ЕДЕН БАНАЛЕН ПРОБЛЕМ МУ ЈА ОДЗЕДЕ 1 – 2 ПОБЕДАТА НА ЈАПОНСКИОТ ТИМ.

 

Три трки преостануваат од годинешниот шампионат во трки на издржливост кој полека се доближува до една огнена завршница. САД – Тексас, Јапонија и Бахреин се упориштата каде ќе се кршат копјата за превласт во шампионатот. После доминантната победа на Toyota на трката 6 часа на Сао Паоло во Бразил, борбата за титула никогаш не била потесна. Porsche со 126 бодови останува на врвот, но само 4 бода го делат од Toyota која со 122 бода му дише во врат. Ferrari иако извојуваше голема победа на иконата меѓу трките, 24 часа на Ле Ман, со 109 бода е малку подалеку. За волја на вистината неговите 17 бода дефицит во однос на водечкиот можеби не изгледаат многу. Но, ако се земе предвид поставеноста на силите на терен и остварувањата во изминатиот дел од сезоната малку е веројатно дека истопорениот коњ од Модена ќе успее да слави на крај.

По пауза од десет години автодромот Интерлагос во Сао Паоло се враќа во календарот на Светскиот шампионат во трки на издржливост – WEC. Сао Паоло беше дел од календарот во воведната сезона на WEC во 2012 година, а на жешкиот бразилски асфалт се возеше и во 2013 и во 2014 година. Годинава токму Сао Паоло ја одбележа и јубилејната 90. трка во WEC од отворањето на шампионатот во 2012 година. Воедно, Toyota во 2012 година во Сао Паоло, ја забележа својата прва победа во WEC, а Porsche својата прва победа во 2014 година. Податоците откриваат дека многу нешта го поврзуваат светскиот шампионат со Сао Паоло и беше редно ова легендарно тркалиште да се врати во календарот.

Toyota прикажа целосна доминација и ја однесе првата победа на враќањето на Сао Паоло во WEC. Број 8 Toyota GR010 на Toyota Gazoo Racing со Себастиен Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава е автомобилот кој ја извојуваше оваа голема победа за јапонскиот производител. Воедно за број 8 и неговиот екипаж ова беше и првиот подиум годинава. На доминацијата на 6 часовната трка претходеше доминација и во квалификациската сесија Hyperpole каде двата автомобили на Toyota се изборија да стартуваат од првиот ред. Сепак полсетер беше победникот од Имола, број 7 Toyota GR со Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Ник Де Вриј, додека број 8 Toyota GR стартуваше од втората позиција.

Токму број 7 Toyota GR и ја поведе трката тесно следен од своите тимски другари во број 8. И двата јапонски автомобили возеа со средно меки гуми на Michelin и покажаа подобро темпо во однос на останатите кои одбраа тврди гуми за грубиот и жежок асфалт на патеката во Сао Паоло. За кусо време создадоа солидна предност. Број 7 на Toyota беше во водство  до половина од трката кога еден банален проблем, откажување на сензор за гориво, го испрати во бокс на долги 3 минути и по враќањето во трка го однесе на последното место во категоријата Hypercar.

Тимските другари од број 8 го презедоа водството и градејќи предност во сите 6 часа од трката победија завршувајќи со повеќе од 1 минута предност пред второ и трето пласираните автомобили на Porsche. Број 6 Porsche 963 на Penske со Кевин Естре, Лоренс Вантор и Андре Лотерер го освои второто место, а третото место му припадна на број 5 Penske Porsche со Мет Кемпбел, Мајкл Кристенсен и Фредерик Маковијецки. И двата екипажи на Penske Porsche во текот на целата трка не успеаја да најдат одговор за брзината на Toyota GR010.

Херојство покажа екипажот на број 7 на Toyota GR. Во преостанатиот дел од трката успеаја од последно место во категоријата да завршат четврти. Малку недостасуваше да се качат и на подиум. Ја завршија трката 7,5 секунди зад третопласираниот број 5 на Penske Porsche. На пат до четвртата позиција ги престигнаа дури и двата автомобили на Ferrari AF Corse. Петтото место го освои број 51 Ferrari 499P со Алесандро Пјер Гвиди, Џејмс Каладо и Антонио Џовинаци, додека победникот од 24 часа на Ле Ман број 50 Ferrari 499P со Антонио Фуоко, Мигуел Молина и Никлас Нилсен заврши шести.

Како што Toyota доминираше во категоријата Hypercar, така во послабата класа LMGT3 доминираше тимот на Manthey Purerxcing. Број 92 Porsche 911 GT3 R со Александар Малихин, Џоел Штурм и Клаус Бахлер водеше во текот на целата трка без оглед што беше под притисок на број 27 Aston Martin Vantage AMR на тимот Heart of Racing со Ијан Џејмс, Алекс Рибера и Даниел Манчинели. Се чинеше дека ќе биде тесно во завршницата, но казната „drive-through” која му беше изречена на број 27 Aston Martin го спречи да се бори за победа. Казната бара да се влезе и излезе од пит-стоп минувајќи низ него со ограничена брзина. Така број 27 заврши втор со 1 круг заостанување зад победникот број 92 Manthey Purerxcing. Во истиот круг како трет заврши број 95 McLaren 720 S на тимот United Autosports со Џошуа Кајгил, Николас Пино и Марино Сато. Веќе четвртиот во оваа категорија број 59 McLaren 720 S, исто така, на тимот United Autosports заостануваше 2 круга.

Во генерален пласман во категоријата  LMGT3 продолжува да води тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R број 92 со 100 бодови, втор е тимот Manthey EMA со Porsche 911 GT3 R број 91 со 75 бодови, а трет тимот Team WRT со BMW M4 број 31 со 74 бодови.

После летна пауза следниот настан не носи во САД, поточно во Остин – Тексас, на трката Лоун Стар Ле Ман која се вози на патеката COTA (Circuit of the Americas) на 1 септември.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ