Претставуваме Maserati Grancabrio Trofeo-УБАВИНАТА ПРЕД СÈ

16/04/2024

СЛЕДЕН ОД СЛАВАТА НА СВОИТЕ КАБРИОЛЕТИ MASERATI НЕ ПРЕСТАНУВА ДА ПОТПИШУВА ОТВОРЕНИ АВТОМОБИЛИ КОИ ГИ КРАСАТ УБАВИНА, ЕЛЕГАНЦИЈА И БЕСПРЕКОРЕН СТИЛ. А НАЈНОВ ИЗДАНОК Е СЕКАКО GRANCABRIO TROFEO

 

Самото спомнување на името Maserati предизвикува лесна вознемиреност и навестува возбуда. Како холограм пред очи се појавува впечатливиот тризабец на римскиот бог на морето Нептун кој гордо ги краси техничките и дизајнерски ремек-дела на славниот производител од Модена. Со претставувањето на бесниот MC20 и враќањето во историското седиште на марката, Maserati ја започна својата нова историја. Oд неа произлегува и првиот кабриолет Maserati GranCabrio Trofeo создаден во ултра модерниот развоен центар наречен: Maserati Inovation Lab. Да не дојде до недоразбирање, со претставување на GranCabrio Trofeo, Maserati ја продолжува долгата лоза на беспрекорни кабриолети која датира од далечната 1931 година.

 

Тогаш, родениот тркач Maserati 4CS е адаптиран за да се вози на пат. Набргу по него во 1932 година во патен разбојник е преадаптиран уште еден тркач Maserati 8CM. Но, вистинскиот спортски кабриолет со кого започнува сериското производство на овој вид автомобили е Maserati 3500 GT Spyder кој се појавува во 1959 година со 3.5 литарски шест цилиндричен мотор кој испорачувал 235 КС. Овој автомобил со својот беспрекорен стил оставил силен печат врз индустријата и долго го носел епитетот „ремек-дело во движење”. Врз славата на 3500 GT се бројат уште низа успешни кабриолети.

 

Во 1960-те Maserati ознаките на своите модели ги заменува со звучни имиња. И во 1964 година се појавува елегантниот Mistral со 3,5 или 4.0 литарски мотори под хауба. По него во 1969 година доаѓа Spyder верзија на Maserati Ghibli прочуена по својата убавина и елеганција. Со 4.7 литарски V8 под хауба се смета за најскапиот автомобил во своето време. Постоела уште поретка изведба Spyder SS со 4.9 литарски V8 со 335 коњски сили. Интересна анегдота е врзана за купе изведбата на Ghibli. Хенри Форд вториот, поседувал Maserati Ghibli и никако не сакал да се откаже од него. Кога неговите луѓе го прашале зошто инсистира да го чува, тој одговорил: „Останува со мене додека не направите подеднакво убав Ford.“

ОТВОРЕНА ЕЛЕГАНЦИЈА

Следен од славата на своите кабриолети Maserati не престанува да потпишува отворени автомобили кои ги красат убавина, елеганција и беспрекорен стил. А најнов изданок е секако GranCabrio Trofeo. Иако воден од новиот дизајнерски стил кого Maserati го наметна со MC20, при создавање на кабриолетот дизајнерите се свртеле на друга страна. Ги зеле на заем дизајнерските детали кои го ставаат печатот на новиот стил, но се осврнале кон креирање на нешто поприродно. Тело кое не напаѓа прштејќи од најмодерен стил, туку напротив, зрачи со смиреност на една безвременска убавина. Современа скулптура со чисти форми под кои се сокрива врвна механика. Едноставно, со својата убавина GranCabrio Trofeo привлекува, кога ќе се слушне наежува, а кога се вози возбудува.

КОМФОР НА ОТВОРЕНО

Без оглед што во неговата суштина претставува чистокрвен спортски автомобил со нота на „грантурер”, GranCabrio Trofeo плени со комфор кога се вози на отворено. Впрочем тоа е суштината која стои зад кабриолетите. За таа цел инженерите се погрижиле да го опремат со најбитната комфорна техника која дозволува возење со спуштен кров дури и кога е студено.

Првата комфорна зона се т.н. грејачи на врат кои всушност претставуваат отвори за довод на топол воздух вградени во новоконструираните седишта. Од нив топлиот воздух дува во горниот дел на телото греејќи ги директно возачот и совозачот. Оваа опција ја нема за патниците на задните седишта кои за волја на вистината уживаат во полн комфор како и оние напред. Втората комфорна зона е дефлектор кој го спречува вртложењето на ветрот зад главите на возачот и совозачот. Поставен, тој ги покрива задните седишта и нуди заштита само за оние напред. Секако кога од него нема потреба тој се пакува во посебна торба во багажникот.

Мекиот кров кој се нуди во пет бои воопшто не го нагрдува ликот на автомобилот кога е затворен, иако според функцијата најдобро е кога е отворен. Механизмот го отвора за 14 секунди, а за затворање му требаат 2 секунди повеќе. Сето ова се случува при брзини до 50 km/h со притискање на копче на централниот дисплеј. Секако постои опција кровот да се затвори или отвори и со притискање на копче на далечинскиот управувач.

НЕИСЦРПНАТА МОЌ НА НЕПТУН

Под хауба на GranCabrio Trofeo бревтаат моќните коњи ослободени од модерниот мотор на Maserati наречен Nettuno или Нептун за првпат претставен во MC20 каде е навиен на 630 КС. Овој, патентиран од Maserati, 3.0 литарски V6 со агол меѓу цилиндрите од 90° и два турбо полначи кои пумпаат со притисок од 2 бари користи иновативeн систем на согорување со пред-комора и две свеќички. Технологијата доаѓа од Формула 1 и првпат е вградена во мотор од сериско производство. Меѓутоа за во GranCabrio Trofeo сувиот картер од МС20 е заменет со класичен, а моќноста е спуштена на 542 КС при 6.500 min-1. Вртежниот момент од 650 Nm се испорачува при 3.000 min-1. Моторот дозволува и деактивација на десниот ред цилиндри при помали напрегања за да се заштеди на гориво.

Погонот е на четири тркала преку 8 степен автоматски менувач. Интересно е што инженерите успеале предниот диференцијал да го постават централно точно пред моторот со што е добиен идеален распоред на тежината кој значително влијае на подобрување на динамиката на возилото во спрега со задниот самозаклучувачки диференцијал.

Потпирајќи се на воздушни пружини и активни амортизери GranCabrio Trofeo нуди извонредна возна динамика. Соодветно на условите на располагање се три варијанти на сетап: GT, Sport и Corsa. За оние најумешните оставена е и опција за ESC-OFF. Тогаш сета контрола која ја нуди електрониката е исклучена и автомобилот во целост е препуштен на возачкото умеење на возачот. Maserati GranCabrio Trofeo иако по димензии е завидно парче автомобил долго безмалку 5 m, а широко безмалку 2 m, способно е за бесни перформанси. Од место до 100 km/h спринтува за 3,6 секунди, до 200 km/h за 12,2 секунди, а максимална брзина достигнува при 316 km/h.

Типично за еден Maserati, GranCabrio Trofeo комбинира високи перформанси на чистокрвен спортски автомобил со комфор достоен за мирно совладување на долги тури. Нема двојби дека GranCabrio Trofeo е еден впечатлив и над сè возбудлив автомобил кој доаѓа од ергелата на една од прославените италијански одгледувачници на расни грла.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ