СОЗДАДЕНА ДА ДАВА ПОВЕЌЕ KOENIGSEGG GEMERA Е СПОСОБНА ДА КАТАПУЛТИРА ДО 100 KM/H ЗА 1,9 СЕК. И ДА ВОЗИ СО 400 KM/H ОВОЗМОЖУВАЈЌИ МУ ПРИТОА НА ВОЗАЧОТ ДА ГО СПОДЕЛИ ЕДИНСТВЕНОТО ИСКУСТВО ШТО ГО НУДИ ЕДЕН МЕГА-АВТОМОБИЛ СО СЕМЕЈСТВОТО И ПРИЈАТЕЛИТЕ
Koenigsegg, ултимативното автомобилско ателје од Шведска чии креации на четири тркала наликуваат на филигран, и важат за швајцарски часовник меѓу автомобилите одлучи да го маѓепса светот со своето најново ремек-дело наречено Gemera. Оваа уметничка креација е првиот „Mega-GT” на светот, барем така го нарекуваат од Koenigsegg својот хипер-спортист способен да вози 400 km/h со четири патници и нивниот багаж. Сметаме дека називот е соодветен и наскоро да биде општо прифатена номенклатура. Мислата да се создаде мега-автомобил за четворица до сега не била исползувана од друг производител, можеби не затоа што не се сетил, туку сметал дека за тоа нема потреба. Но, Швеѓаните поинаку размислуваат! Сметаат дека е дојдено времето токму за ваков врвен модел. Машина која дозволува единственото возачко искуство што го нуди еден мега-автомобил да се сподели со семејството и пријателите. Па, да видиме кои се технолошките бисери што ја прават Koenigsegg Gemera толку посебна.
СОЗДАДЕНА ДА ДАВА ПОВЕЌЕ
Иако, на прво слушање, личи дека името Gemera е извадено од некоја митолошка приказна, не е така. Приказната исплетена околу неговото создавање е многу пообична. Доаѓа од наречието на шведскиот говор и претставува кованица од два збора: „ge” – дава и „mera” – повеќе, што би значело „да дава повеќе”. Токму така! Gemera е создадена да дава повеќе. Таа ги поседува сите карактеристики, (без исклучоци и обиди да се заштеди на ситно), што ја прават вистински мега-автомобил. Во суштина Gemera е круна на четврт вековниот поттик на Koenigsegg во создавање на ултимативен спортски автомобил кој ќе биде над сите досегашни познанија. Затоа, иако четирисед, лесно ги надвозува повеќето хипер-спортисти двоседи и на правец, и на патека, без оглед дали возат на електрика или со класичен погон. Иако, за волја на вистината, создадена е за секојдневна употреба, возење на долги фамилијарни тури во комфор и стил со досега не искусено доживување.
МАЛИОТ ЏИН
Да не должиме кога станува збор за перформансите. Koenigsegg Gemera се катапултира од место до 100 km/h за 1,9 сек. и стига до максимални 400 km/h, или 300 km/h ако вози само на електричен погон. За да се достигнат овие вредности треба чудовишна моќ. Таа во Gemera доаѓа од еден мал џин од бензинец и уште помал џин од електромотор. Во Koenigsegg првиот го нарекуваат TFG – Tiny Frendly Giant, или мал пријателски настроен џин. Вториот е наречен Dark Mаtter, или Црна Материја, поим кој не потсетува на филмската фикција за Војна на ѕвездите.
Бензинецот има 2.0 литри, три цилиндри, два турбо полначи и тежи едвај 70 kg. Нема брегасти вратила, со вентилите управуваат хидраулични подигнувачи за прецизно фазно отворање, картерот е сув, а нема ниту замаец. Навиен е на 600 КС при 7.500 min-1, а се врти до 8.500 min-1. Вртежниот момент нуди 600 Nm меѓу 2.000 и 7.000 min-1. Поставен е централно/надолжно во шасијата и спарен е со т.н. Dark Matter, прв во автомобилската индустрија шест фазен електромотор кој работи на напон од 850 V и испорачува 800 КС и вртежен момент од 1.250 Nm, а тежи 39 kg. Така е добиена комбинирана моќност од 1.400 КС и 1.850 Nm. Кому ова не му е доволно и копнее по заглушувачкиот звук на бесните V8 машини на Koenigsegg постои опција.
Koenigsegg го нуди и т.н. жежок V8 на кого издувот и двата турбо полначи му се поставени внатре меѓу двата блока цилиндри заради ограничениот простор. Пет литарецот е навиен на 1500 КС при 7800 min-1 со црвено поле од 8500 min-1 и вртежен момент од 1.500 Nm при 5.000 min-1. Во комбинација со црната материја се добиваат 2.300 КС и 2.750 Nm што е нов светски рекорд во сегментот.
БИСЕР ОД МЕНУВАЧ
Единствениот менувач LSTT – Light Speed Turbillion Transmition патентиран од Koenigsegg, како што вели името, е способен да менува со брзина на светлината. Поимот Turbillion е земен на заем од швајцарските часовничари бидејќи според зборовите на основачот и сопственик Кристијан фон Кенигсег механизмот на менувачот претставува автомобилски еквивалент на врвен швајцарски часовник. Менувачот кој тежи едвај 90 kg има девет степени на пренос и нема потреба од традиционалниот замаец поставен на коленестото вратило од моторот и спојка. Место нив користи спојки поставени внатре меѓу запчениците таму каде што кај мануелниот менувач стојат синхрони. Така со нивно активирање и деактивирање се пренесува вртежниот момент кон тркалата и се избира степенот на пренос. Затоа моторите на Koenigsegg се вртат побрзо од било кој друг мотор на светот што се произведува во серија.
Преносот е на четири тркала со можност за варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу оските и меѓу тркалата на иста оска. Постои опција за исклучување на погонот на предната оска кога се вози само на електрика заради заштеда на енергијата. Управувањето е активно, исто така, на четири тркала и заедно со погонот дозволуваат истражување на границите како на пат, така и на патека.
ПРАКТИЧНОСТ ВО ЕКСКЛУЗИВЕН ПАКЕТ
Без оглед на ниската силуета која е правило за еден спортски автомобил Gemera нуди комфорна кабина во која се патува на четири одвоени седишта. Влезот е преку две огромни врати кои се отвораат карактеристично за Koenigsegg со кусо хоризонтално отклонување и потоа вертикално нагоре. Така се добива лесен пристап дури и за патниците одзади. Вратите и хаубите се отвораат со помош на електро-хидраулика преку притискање на копче. Дека Gemera е предвидена за семејства говорат ISOFIX точките за фиксирање детски седишта, но и опцијата за носачи на кров со кутија како помош на багажникот од 200 литри.
Уредувањето е благородно и ексклузивно со врвна посветеност на детали и висока технологија. Седиштата се всушност тркачки кади, но задните имаат опција за соборување на потпирачот. Изборот на бои и материјали зависи од желбите на клиентот. Информациско-забавниот систем е составен од два 13 инчни централно поставени екрани поткрепени со премиум аудио систем составен од 11 звучници и сабвуфер. Тука се внатрешните камери, конекција со социјалните медиуми, Apple CarPlay и стриминг во живо. Покрај конекторите USB има и два безжични полначи за мобилен, четири греени и ладени држачи за чаши и три зонски клима уред. При паркирање од помош е погледот од птичја перспектива и вообичаените паркинг сензори со камера за возење назад, а место ретровизори има странични камери со екрани во агол од врата.
Сета оваа ексклузива е сместена во монокок од карбон-фибер од кого е направена и каросеријата. Со користење на лесни материјали овој мега-автомобил долг 4.975 mm, широк 1.988 mm и висок 1.295 mm тежи 1.843 kg, а поставен е на тркала од 21 и 22 инчи обуени во гуми 295/30 ZR 21 и 315/30 ZR22. Зад нив се сокриваат дискови од карбон-керамика со димензии 410х38 mm напред и 395х32 mm назад. Нив ги зафаќаат 6 и 4 клипни сопирачки клешти со клипови од керамика за врвна термичка стабилност.
Нема двојби дека Koenigsegg Gemera блеска како фино избрусен дијамант издвојувајќи се од постоечката автомобилска ексклузива што секако повлекува и соодветна цена. Таа почнува од 1,9 милиони долари за изведбата со малиот бензинец. Тој што сака да ужива во татнежот од титаниумскиот издув на жешкиот V8 ќе мора да издвои дополнителни 400.000 илјади долари. Дополнителните желби и опции го креваат прагот уште повисоко за секој од планираните 300 примероци. Од Koenigsegg наведуваат дека производството ќе биде спремно за старт следната година, а првите примероци до клиентите ќе стигнат дури во 2025 година.