ОТКАКО ВОЗАЧИТЕ НА РЕД БУЛ УСПЕАЈА ДА ГО СМЕНАТ ПОРЕДОКОТ НА ТАБЕЛАТА И ДА ГО ПРЕЗЕМАТ ВОДСТВОТО ВО ПРВЕНСТВОТО, ФЕРАРИ СЕ РЕВАНШИРАШЕ СО ДВЕ ПОБЕДИ НА СИЛВЕРСТОУН И РЕД БУЛ РИНГ
Иако среќата знае да биде голем фактор во спортот, таа често доаѓа во главна улога кога сите други параметри укажуваат на голема еднаквост. Ферари и Ред Бул се на врвот од табелата и тоа е заслужено бидејќи ги имаат најбрзите болиди, но во исто време предничат и со бројот на дефекти и откажувања додека нивните болиди се во позиции да освојат трофеи или пласмани на пиедесталот.
Според анализите на упатените аналитичари, перформансите на двата тима се од различна природа: Ферари го имаше приматот на бавните и средно-брзите свиоци, додека болидот на Ред Бул се покажа супериорен на патеките каде што постои диференцијација според брзите свиоци и брзите правци кои ја форсираат максималната брзина. Ферари го адресираше проблемот подготвувајќи ново решение за задното крило. Тоа било специјално развиено за да ги унапреди перформансите во таканаречените „ДРС зони“, односно каде што возачите имаат право на помош во ситуација кога се зад друг болид во временски интервал помал од една секунда, па на правците можат да користат „исклучување на воздушниот отпор“ од задното крило. Тимот го тестирал тоа за време на Големата награда на Канада и резултатот покажал крајна брзина од 342,7 км/ч кај болидот на Леклер со новото крило, односно 331,3 км/ч кај болидот на Саинц. На втората мерна точка (исто така во Канада), резултатот бил 330,6 км/ч наспроти 294 км/ч, повторно во корист на новото решение. Ваквиот расплет сепак повлекува и втор момент, а тоа е делумно губење на перформанси (крајна брзина) на правците, кога возачот нема дозвола да користи помош за престигнување, каде што претходно Ферари бил подобар од Ред Бул, па нивното решение на некој начин чекаше верификација во трка.
Тоа и се случи. Саинц победи на секогаш брзата патека во Велика Британија – поранешниот воен аеродром Силверстоун, додека Леклер славеше во Австрија, односно на најкусата патека од календарот (ако се изземе Монако бидејќи не е автодром) која има најголем степен на искористеност на моторот гледано низ призма на параметарот кој покажува колку време педалот за гас е притиснат „до даска“ споредено со времето за еден круг.
Триумфот на Карлос Саинц во Британија е негова прва победа, која дојде во неговиот јубилеен 150. настап и беше надополнета со пол позиција. Со неа, тој стана 112. возач во историјата на Формула 1 кој стигнал до гран при победа.
– Првата победа секогаш е своевидно олеснување, па нема да лажам. Пол позицијата вчера немаше такво чувство, но победата денеска има,- рече Шпанецот. – Со овој болид ќе продолжам да се подобрувам и да се обидам да го повторам успехот. Никогаш не престанав да верувам дека оваа победа ќе дојде. Оваа година не беше лесна за мене, можев да победам во Монако, бев екстремно блиску и во Канада, па беше само прашање на време. Мора да продолжиш да веруваш, тоа е нешто што го научив во овој спорт. Ова е одличен пример дека тоа се уште се случува.
Приказната за трката на Ред Бул Ринг беше поинаква, бидејќи и самиот формат на гран при викендот беше поинаков. Оваа трка беше селектирана да биде една од трите оваа година што ќе има „спринт квалификации“, односно мини трка од 100 километри во сабота, а пласманот во неа ќе биде основата за старт во неделната трка.
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен обезбеди пол позиција во петочните квалификации, по што обезбеди и победа на спринт трката во пресрет на Големата награда за Австрија. Актуелниот Ф1 шампион водеше од почетокот до крајот и сосема заслужно дојде до првото место кое воедно му овозможи да додаде осум поени на своето конто во генералниот пласман на шампионатот.
Во неделата, Леклер стартуваше од втората позиција, но успеа да покаже капацитет за победа и во трката три пати да го престигне Ферстапен, со што дојде до третата победа сезонава. Интересно е тоа што за него ова беше прв остварен триумф, без претходно да бил на пол позицијата. Вреди да се напомене дека Ферари како тим можеше да дојде до многу подобар резултат во Австрија, но во 57 круг Карлос Саинц мораше да се откаже по проблемите со моторот, по што му се запали и болидот. Тоа се случи кога тој го притискаше Макс Ферстапен и се чинеше дека лесно ќе заврши втор, за „еден-два“ победа на Ферари на теренот на најголемиот ривал.
– Ова дефинитивно ми беше потребно. Последните пет трки беа тешки за мене, но и за тимот. И конечно покажавме дека имаме темпо и дека можеме да бидеме неверојатни. Затоа мора да притискаме до крај. Трката беше добра за нас. Темпото беше тука, уште од самиот почеток. Беше добра борба со Макс. Финишот беше многу тежок, но успеавме и на крајот сум среќен, – порача Леклер кој е втор во генералниот пласман со 170 бодови или 38 помалку од лидерот Макс Ферстапен.
Ферари откри дека во финишот на трката победникот имал проблеми со педалот за гас кој „заглавувал“ некаде на 20% до 30% притиснатост, по што последните три круга биле голема драма. Тимскиот шеф Матија Биното го напуштил командниот пулт бидејќи бил премногу нервозен кога тоа се случило, откако претходно болидот на Саинц заврши во пламен по необјаснивото откажување на моторот.
– Не гледав што се случува зад мене и одеднаш видов оган во болидот. Се обидов да излезам веднаш, но болидот почна да оди наназад. Тогаш ги викав редарите за да дојдат да го сопрат болидот и да го изгаснат пожарот. Не знам зошто толку доцнеа и што правеа и на крајот морав да се фрлам од болидот, иако беше во движење. Треба да ги разгледаме работите, како да се подобриме во вакви опасни ситуации следниот пат, – изјави Саинц.
Ферстапен ја откри причината за слабиот ден, но не пропушти да нагласи дека е задоволен од конечниот расплет.
– Ова беше зафркнат ден. Веднаш се виде дека имаме проблеми со деградација на гумите и тоа продолжи без оглед која смеса ја користевме. Таа деградација беше преголема и ме оневозможи да го нападнам Шарл. Сепак, второто место е одличен резултат за еден тежок ден,- рече Холанѓанецот.
Ферстапен е прв на табелата со 208 бода, Леклер има 170, додека Перез и Саинц ги сладат со 151 и 133. Расел и Хамилтон можеби го имаат најстабилниот болид, иако не е и најбрз, па така се веднаш зад водечките со 128 и 109 бода, а на последните три трки беа и на подиумот. Ред Бул е водечки конструктор со 359 бодови, Ферари има 303, а Мерцедес 237 поени.
Во пресрет на летната пауза има уште две трки, во Франција и Унгарија, но всушност Австрија беше точката по која се влегува во втората половина од сезоната: зад нас се единаесет трки, а уште единаесет се предвидени заклучно со финалето во Абу Даби.