СЛЕДЕЈЌИ ГИ НОВИТЕ ТРЕНДОВИ PEUGEOT ЗА ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА ОДЛУЧИ ВО ЦЕЛОСТ ДА ГО ТРАНСФОРМИРА ОБЛИКОТ, НО И НАЧИНОТ НА КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРИДВИЖУВАН НОВИОТ 3008. НОВАТА ФОРМУЛА ВЕЛИ ДЕКА ЕЛЕКТРИФИКАЦИЈАТА Е ВО ПРВ ПЛАН, А НАДВОРЕШНИОТ ИЗГЛЕД ТРЕБА ДА СЕ ВОДИ ПО СЕ ПОПУЛАРНИОТ ТЕРК НА КРЕИРАЊЕ СУВ ВОЗИЛА СО КУПЕ ИЗГЛЕД
ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ФОРМАТА
Големата промена за целосно новиот Peugeot 3008 е тоа што отсега тој настапува како купе СУВ возило, менувајќи го комплетно концептот на претходната генерација кој беше потрадиционален компактен кросовер со класичен завршеток на каросеријата и исправена врата на багажниот дел. Заоблената форма на покривот на 3008 не е избрана само поради естетската вредност, самиот профил сега промовира и подобра аеродинамика. Авангардната француска школа на креирање е високо ценета во светот, што значи дека ако ја изберете оваа генерација на 3008, тоа првенствено ќе биде засновано на тоа како возилото изгледа однадвор. Многумина, сметаат дека купе каросерија не треба да се меша во СУВ сегментот. Сепак, 3008 е тука и ги побива во самиот старт, бидејќи стилистите на Peugeot во тесна соработка со инженерскиот тим прават одличен потег што да ја одржува практичноста без да се наштети на привлечноста. Сплетот на острите линии кои започнуваат на предниот дел претставени преку ултра тенките светлосни групи, продолжува во елегантно стилизирање на профилот во купе форма, линии кои што кон крајот на каросеријата се претопуваат во препознатливиот тенок 3D панел на задните светла и необичниот „лебдечки“ заден спојлер кој на надворешните точки наликува на „мачкини уши“.
ФУТУРИСТИЧКО ДОЖИВУВАЊЕ
Со новиот 3008 Французите потврдуваат дека немаат намера да се откажат од својот необичен пристап за дизајнирање на контролната табла наречена „i-Cockpit“. На ново развиената „панорамска“ интерпретација сега сè изгледа далеку попривлечно, а воедно и делува многу функционално. Еволуцијата носи интеграција на заоблен екран од 21 инчи кој служи како конфигурабилен дисплеј за примарните функции пред возачот, а втората половина е екран задолжен за инфозабава. Монтиран е така што навидум изгледа како да лебди протегајќи се од централната конзола до А столбот од возачката страна. Како што Peugeot не навикна од претходно, под него е поставен уште еден екран кој има таканаречени „i-Toggle“ виртуелни копчиња на кои може да се конфигурираат за брз пристап до десет омилени функции. Сето тоа оддава чувство на висока софистицираност во кабинскиот простор, особено кога предниот дел од кокпитот е обвиткан во фин сив текстил, а позадинското осветлување ја истакнува структурата на конкавно изведените панели кои личат како метални структури. Целата претстава доаѓа до полн израз во вечерните часови кога едноставно делува спектакуларно. Што се однесува до задните седишта, слегувачката линијата на покривот не треба воопшто да ве загрижува и кога превезувате повисоки патници. Простор има во сите правци, поради зголемувањето на должината на меѓуоскиното растојание за 64 мм нема да се пожалат и оние со подолги нозе. Дека станува збор за практично семејно возило дополнително не уверува багажниот простор кој со волумен од стандардни 520 литри е подготвен да го транспортира целиот багаж на семејството, доколку има потреба габаритот може да се прошири до 1.480 литри во случај кога е соборена задната клупа.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.598CM3 |
МОЌНОСТ НА АГРЕГАТОТ: |
198 КС при 6.000 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД: 215/55 R17, НАЗАД: 215/55 R17 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.360 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4350/1825/1580 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
7.8 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.9 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
210 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
35.300 ЕВРА |
ЕЛЕКТРИФИКАЦИЈА НА КОМПЛЕТНАТА МОТОРНА ПОНУДА
Двигателите кај новата генерација на моделот 3008 се насочени кон електрификацијата, некои од нив се делумно, а дури три изведби се целосно електрично придвижувани. Во нашиот случај се дружиме со благата хибридна опција која претставува основа во моторната понуда и според нас ќе биде најчестиот избор на купувачите не само на нашиот туку и на повеќето европски пазари. За оние кои претпочитаат да не зависат во целост од електричната енергија, а во исто време посакуваат повисока моќност, наскоро опсегот ќе биде дополнет со „плаг-ин“ хибридни опции која ќе испорачува 195 КС, што би требало да ги долови најдобрите особини од двата света. Примарната улога за задвижување кај тесттираниот примерок му беше отстапена на трицилиндарскиот бензинец опремен со турбо полнач кој од 1.2 литарска зафатнина развива 136 КС при 5.500 врт/мин, а максималениот вртежен момент од 230 Нм го ослободува од ниски 1.750 врт/мин. Како дополнување на агрегатот со внатрешно согорување развиен е нов 6 степен автоматски менувач со двојна спојка во кој е интегриран мал електромотор што располага со моќ од 21 КС, а енергијата ја црпи од мала 0,89 kWh батерија. Иако е способен да ја го движи возилото самостојно на кратка дистанца, неговата примарна улога е да го помогне стартот на движењето, благодарение на инстант испорака на влечната сила од 51 Нм веќе од 750 врт/мин. Во текот на возењето додава моќ кога e потребно подобро забрзување или едноставно да ја одржува (coasting) зададената патна брзина. Системот обезбедува сосема солидни перформанси за возило чија тежина преминува 1.600 килограми. Забрзувањето до 100 км/ч трае нешто повеќе од 10 секунди, а воедно може да го однесе 3008 до максимални 201 км/ч. Кога станува збор за потрошувачката, таа во просек се движи во зоната од 8 до 8,5 л/100 км во зависност од начинот на возење. Можеби на прва изгледа дека оваа работна едниница делува мала или недоволно моќна за типот на возилото во кое е вградена, но во секојдневно користење е сосема спротивно. На скептичните возачи им препорачуваме прво да го испробаат возилото, па потоа да носат заклучоци.
За моделот 3008 може да кажеме дека е подготвен да ве однесе секаде, но претпочита тоа да биде со посмирено темпо што е логички наметнато од семејната ориентираност на возилото. Сетирање на суспензијата е повеќе наклонето кон удобноста, што не значи дека не може да се справи со поостар начин на возење, но сепак тоа не е неговото „форте“. Комфорот не е нарушен ниту од големите 19 инчни тркала. Управувањето во град е на завидно ниво, а рафинираноста која ја презентира на отворен пат го сместува високо во сегментот.