СВЕТОТ ДЕНЕС-ЗДОДЕВЕН КАКО СТЕНИЦА

10/04/2020

СВЕТОВ КАКО ДА СЕ „РАСТРОИ“ СО КОРОНАВИРУСОВ, А ЗАЕДНО СО НЕГО И АВТОМОБИЛСКАТА И ПРИДРУЖНАТА ИНДУСТРИЈА. НАСТАНА ХАОС, СИТЕ ФАБРИКИ СЕ ЗАТВОРЕНИ, ТРКИТЕ СЕ ОТКАЖАНИ, САЕМИТЕ СЕ ОДЛОЖЕНИ, НО ДОБРАТА СТРАНА Е ТОА ШТО ПСА И ДОНГФЕНГ ЈА ОТВОРИЈА СВОЈАТА ФАБРИКА ВО ВУХАН.

 

Непријатново чудо што ни се случува во моментов навистина го претера и веќе преминува во досада. Ја помните нашана изрека „здодевен си како СТЕНИЦА“? Е токму така вирусов е здодевен и, што е уште пострашно, многу е упорен. Да не одиме подалеку, ќе си го гледаме нашиот двор, а во него веќе сѐ е одложено или откажано. Еден куп трки се одложени за друг датум, уште поголем куп манифестации се откажани, родендени и разни други собири каде што автомобилите и придружната индустрија имаат главна улога.

Легендарната трка Инди 500 е поместена за 23 август, но прашање е дали и тогаш ќе се одржи. Фестивалот на брзината во Гудвуд ќе биде поместен за крајот на летото или за почетокот на есента. Според изјавите на одговорните во Форд, оваа компанија сѐ уште ќе ги држи под клуч производните капацитети на територијата на Северна Америка. Фабриките на овој автомобилски гигант се затворени уште од март и засега нема најава за нивно повторно отворање. Последните известувања навестуваат мали шанси за отворање на дел од капацитетите на крајот на април. Да видиме што ќе се случи.

Манифестацијата „Конкурс на елеганцијата“, која секогаш се одржува во мај на едно од езерата во Италија во месноста наречена Вила де Есте, е одложена за средината на октомври. Егзотичната марка „Бугати“ во моментов е на „одмор“ – компанијата ги затвори погоните во Франција. Луксузната егзотика и конфекцијата никогаш не оделе заедно, но овој пат е поинаку и се дружат – „КИА“ ги затвори вратите од фабриката во Џорџија, САД. Истиот чекор го следи и „Волво“, привремено ќе ги затвори производните погони во САД и дома во Шведска. „Бентли“, „Јагуар“ и „Ленд Ровер“ веќе ги затворија домашните фабрики, а сѐ уште е рано да се каже кога ќе ги отворат. И новакот „Тесла“ на 23 март ја затвори фабриката во Калифорнија и засега не најавува датум за повторно пуштање во погон.

И „Тојота“ најави затворање на сите фабрики што се наоѓаат на северноамериканскиот континент. Таму некаде преку големата бара „Фолксваген“ најави затворање на фабриката Чатануга во државата Тенеси во САД, но само во период од една недела. Според најавеното и стореното се чини најупорен меѓу производителите е „Фолксваген“. Сепак, според светските епидемиолози, вирусот допрва ќе земе замав во Северна Америка, така што „тактиката“ на фолксвагеновци нема да успее.

Согледувајќи како се движат работите во светот, организаторот на најпознатата трка од шампионатот во Формула 1 што се вози на улиците на Монте Карло, трката за Големата награда на Монако се откажува без да биде најавен дополнителен датум, односно термин. Ако се има предвид дека вирусот пристигнал и во тамошната палата, а заразениот е никој друг туку принцот Рение Јуниор и сите други во палатата, тогаш е повеќе од јасно што се случува во кнежевството.

Всушност, целата организација на трките на Формула 1 се презакажани, така што отворањето на сезоната е најавено за крајот на мај. Додека ФИА беше зафатена со Формула 1, Светскиот шампионат во рели почна, но е прекинат на неодредено време, односно откажано е релито во Аргентина. Покрај нив откажани се трките и Мото ГП.

И „Субару“ тргна по примерот на „Фолксваген“, односно сакаше да биде упорен и нескршлив со известувањето дека неговата фабрика во Индијана, САД, ќе биде затворена само една недела, но ја повлече одлуката со најава за затворање на остатокот од капацитетите на подолг период.

„ФИАТ Крајслер Автомобили“, „Џенерал Моторс“, „Форд“, „Акура“, „Хонда“, „Нисан“ и другите донесоа одлуки за затворање на фабриките и за нивно повторно стартување во првата недела во април. Оваа одлука веќе не важи зашто фабриките и натаму ќе останат затворени. Не е прецизиран датум кога повторно ќе бидат отворени.

Нема нешто што не е затворено, одложено или откажано во светов. Колку и да си голем во вакви и слични услови некој друг го диктира темпото и начинот на животот. Дури и славната, прочуена и легендарна трка 24 часа Ле Ман е одложена. Оваа трка на издржливост требаше да се вози на 13 и 14 јуни, а одложена е за крајот од летото, за 19 и 20 септември. Сепак, велат дека се можни понатамошни презакажувања и одложувања во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата.

„Ролс Ројс“ направи иста грешка со затворање на производството во времетраење од две недели, но најверојатно неделите ќе се претворат во месеци, а можеби и повеќе од тоа. За да не остане покусо и групацијата „Даимлер“ тргна по умот на „Ролс Ројс“ и најави две недели прекин на производството. И кај него неделите ќе се претворат во месеци.

„Рено“ ги затвори фабриките на одредено време, но Групацијата „ПСА“ тргна со оптимистичко соопштение: „Фабриките ќе се затворат, но ќе бидат отворени на 27 април.“ Ќе видиме што ќе се случи. А големиот „Ферари“ ги затвори халите во Модена и во Маранело и не најави кога повторно ќе почнат со работа, но затоа во меѓувреме ќе помагаат во планирањето, подготовката и изработката на апарати за дишење. Нивниот лут противник „Ламборџини“ ја затвори фабриката во Санта Агата Болоњезе и толку од соопштението. Кратко и јасно. Откажани се тестирањата што требаше да се одржат од 16 до 19 март на патеката Хокенхајм за потребите на трките од германскиот шампионат за туристички автомобили ДТМ, се вели во извештајот на организаторот. И НАСКАР и Индикар ги поместуваат датумите за почетокот на сезоната и се презакажуваат во април. Колку ќе биде тоа изводливо, ќе видиме што ќе каже април.

Еден од најголемите саеми посветени на автомобилите, кој секоја година се одржува во Њујорк во април, сега е поместен за крајот на август. Таму се прогласуваше автомобилот на годината во светот. Прашањето е дали на прогласувањето на победникот ќе чекаме до крајот на август или резултатите ќе бидат објавени во април, а доделувањето на признанието во август?

И премиерата на најновиот филм за Џејмс Бонд што требаше да се одржи на 10 април е презакажана за 25 ноември. Меѓу првите што откажаа манифестација од светски размери е организацијата на Салонот за автомобили што секоја година се одржува на почетокот на март во Женева.

Додека текстот беше во фаза на пишување, пристигна вест дека корпорацијата „Пежо СА“ на 27 март ја рестартира фабриката токму во провинцијата Вухан, жариштето на коронавирусот. Таа фабрика, колку што е на „ПСА“, толку е и на компанијата „Донгфенг“ и според првичните извештаи сега се оди според планот. Инаку оваа фабика беше прва затворена од појавувањето на пандемијата. Се вртат работите, но времето ќе каже до каде ќе стасаат.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ