НАЈМОЌНИОТ Z06 ВО ИСТОРИЈАТА НА МОДЕЛОТ СО СОСЕМ НОВ МОТОР ПОСТАВЕН ВО СРЦЕТО НА АВТОМОБИЛОТ Е ПРЕТВОРЕН ВО ВИСТИНСКИ ЅВЕР ПОДГОТВЕН ДА ОДУШЕВИ НА ПАТЕКА, НО И ДА МАМИ НАСМЕВКИ ПРИ СЕКОЕ СЕДНУВАЊЕ ЗАД ВОЛАН ДОДЕКА СЕ ВОЗИ НА ПАТ
Ентузијастите негодуваа кога пред две години се појави првата Corvette Stingray која од корен го смени концептот за американски „Muscle Car” и моторот сместен напред под долгата хауба го префрли централно во шасијата. Многумина сметаа дека тоа е богохулење и сквернавење на една икона, но овие две години покажаа дека инженерите на Chevrolet биле во право. Едноставно на ентузијастите им стана јасно дека концептот со мотор напред и погон назад ги достигнал своите лимити во поглед на перформансите и дека новата Corvette Stingray е иднината на моделот. Откако се уверија во правичноста на одлуката тие со нетрпение го чекаа екстремното издание на Stingray кое ја носи култната ознака Z06.
Ете, дојде и тој ден. Chevrolet ја претстави новата Corvette Z06. Модел кој повеќе наликува на прецизна алатка конструирана за да одушевува на тркачка патека, но за да се сочува духот на претходниците знае да биде кротка за во неа да се ужива при секојдневна употреба на пат, а и во град.
Историјата на Z06 почнува во далечната 1963 година како опционален пакет на втората генерација С2 на Corvette Stingray за љубителите на моделот кои во тоа време сакале да се тркаат. Вклучувал постегнато подвозје, поголем стабилизатор напред, помоќни сопирачки и поголем резервоар за да се намалат застанувањата во питстоп. Во пакетот бил и задолжителниот мануелен менувач со потесно распоредени преносни односи и 5,4 литарски V8 со 360 КС. Третата и четвртата генерација С3 и С4 го прескокнуваат Z06, кој се појавува дури во 2001 година кај Corvette С5 каде носи 405 КС и шестстепен мануелен менувач. Z06 С6 се појавува во 2006 година и е навиен на 505 КС, додека Z06 С7 од 2015 година ја подигнува моќноста на 650 КС и носи седумстепен мануелен или осумстепен автоматски менувач. И така доаѓаме до Z06 С8 кој е навиен на 670 КС и носи осумстепен роботизиран менувач со две спојки.
Новиот Z06 С8 е претставен како модел за годината 2023. Идејата на Chevrolet e да го најави пред почетокот на новата година и да ги отвори списоците за нарачки, додека стартот на производството е најавен за на лето следната 2022 година. Така со Z06 С8 би се заокружиле јубилејни 60 години од појавувањето на првиот модел. А, што добиваат идните сопственици на модерниот Z06 ќе ни предочат редовите што следат.
НОВ БИСЕР ОД МОТОР
За да се одржи идејата за модел подготвен за трка инженерите на Chevrolet конструирале сосем нов мотор кој треба да ги има сите карактеристики на вистински тркач. Тука нема присилно полнење преку турбо полнач, или механички компресор. Само чисто дишење на умешно навиен атмосферски V8 со рамно коленесто вратило способен да се врти до вртоглави 8.600 вртежи во минута. Новиот 5,5 литарски V8 од генерацијата LT6 е создаден од бел лист хартија за да биде тркачки мотор. Користи лесно рамно коленесто вратило со мала инерција и кус од кои се потребни за да се ловат високи вртежи. Низ цилиндрите во блокот од алуминиум се движат ковани клипови од алуминиумска легура, кои, пак, со коленестото вратило се врзани преку ковани клипни лостови од титаниум.
Од титаниум се и вентилите кои ги затвораат коморите за согорување изработени на CNC машини. Овој V8 носи сув картер со посебен резервоар за масло и пумпа со шестфазен систем за подмачкување кој обезбедува подобрено снабдување со масло без оглед на страничното забрзување од 1,22 G во сите правци. Високите перформанси се прв дел од идејата на инженерите при конструирањето на овој V8. Вториот дел е неговото емоционално доживување преку препознатливата и единствена богата издувна нота која наежува, а е добиена благодарение на две години макотрпна работа во акустична комора.
СТАРТУВА КАКО ПОГОДЕН ОД ГРОМ
Резултатот од внимателно изведениот инженеринг на моторот се 670 КС при 8.400 min-1 и максимален вртежен момент од 623 Nm при 6.300 min-1, со максимален број на вртежи ограничен на 8.600 min-1. Предвидувањата се дека сето ова е доволно за да и успее на Corvette Z06 да се катапултира заедно со возачот од место до 100 km/h за 2,6 секунди, додека за максималната брзина сè уште не станува збор. Овие бројки ја ставаат Corvete Z06 во територијата на хиперавтомобили за кои се издвојуваат далеку повеќе средства. Стартот како погоден од гром е само дел од приказната за перформансите на Z06. Шасијата е дериват од тркачката C8.R која се натпреварува од 2020 година и во две сезони има освоено шест победи, седум полпозиции и најбрз круг на шест трки. Воедно тука е и шампионска титула за производители во американската GT серија. Всушност Chevrolet открива дека тркачкиот проект C8.R е обемен тест и основа за новиот сериски Z06. Дури и блокот од моторот е ист како и дел од компонентите. Мора да се согласиме дека подобра основа за суперспортски автомобил од онаа калена во трка не може да постои. Дури и задното крило е тестирано на тркачот, а кај Z06 обезбедува негативен потисок од 165,6 kg при брзина од 299,3 km/h. Овој податок укажува дека Z06 ќе бришка далеку над 300 km/h а, за колку, на Chevrolet останува да обелодени.
ШАСИЈА ФИНО ИЗБРУСЕНА ВО ТРКА
Новата Corvette Z06 ја позајмува шасијата директно од тркачката изведба C8.R на која и се препишуваат многу успеси постигнати во кус временски период. Дури постојат сомневања дека тркачот C8.R всушност бил опитно глувче за чичка новиот Z06. Односно личи како развојот на Z06 да бил сокриен директно пред очите на јавноста. Затоа Z06 е поширок од Stingray за 9,4 cm и дозволува поголем траг на тркалата што директно резултира во подобри перформанси. Z06 носи исти водилки од кован алуминиум, но има специфичен сетап на подвозјето со поинаква геометрија на тркалата и калибрација на системот Magnetic Ride Control 4.0 кој реагира побрзо на секоја нерамнина за подобар контакт на тркалата со подлогата. Во игра се тркала од карбонски влакна кои ја намалуваат несуспензираната маса за 18,6 kg, како и карбон-керамички дискови од 398 mm напред и 391 mm назад. Гумите се на Michelin, Sport Cup 2 R ZP со димензии 275/30ZR20 напред и 345/25ZR21 назад.
Системот „Launch Control” во комбинација со диференцијалот со контролирано пролизгување кој рамномерно го распределува вртежниот момент меѓу погонските тркала му овозможува на Z06 да стартува како лансиран од катапулт и да постигне неверојатна стабилност без оглед на условите. Менувачот со две спојки менува автоматски за секојдневно возење, или рачно преку палки зад волан за на писта. Префрлањата се молскавични без задршка, а се нуди и можност за комплетно деактивирање на спојката со повлекување на двете палки одеднаш. Потребно при спортско возење, но и при лоши временски услови кога Z06 треба да се скроти.
Corvette Z06 доаѓа со уште повпечатлив настап од Stingray. Со поширокиот став и новиот дизајн на остриот преден дел со масивни отвори за воздух и мускулестиот задник кои му ја подигнуваат самоувереноста и го претвораат во егзотика, Z06 делува како да вози со 300 km/h дури и кога стои. Во духот на „Vette” е и можноста за отстранување на тврдиот кров со што Z06 се претвора во тарга, а капакот се носи на за него предвидено место во задниот багажник. Кому оваа форма на купе-тарга му е здодевна Chevrolet ја нуди и опцијата кабриолет со цврст кров кој се пакува под хаубата. И тогаш Z06 нуди лик на спајдер кој несомнено му прилега.
Во кабината каде кокпитот е ориентиран кон возачот преовладуваат премиум материјали. Комбинацијата на кожа со детали од карбон, или лакиран алуминиум го подигнуваат доживувањето на спортски луксуз. Кокпитот делува како да е земен на заем од борбен авион и несомнено му прилега на впечатокот кој го остава Z06. Секако сето ова ќе биде поткрепено и со соодветна цена која сè уште не е обелоденета. Но, со оглед на движењето на цените на минатите генерации се очекува Z06 да биде 50% поскап од Stingray, односно да стартува со цена од околу 90.000 долари. И покрај сѐ, со отворањето на списоците нарачките не престануваат. Па така, за новиот Z06 веќе се чека ред од три години. Едноставно интересот ги надмина очекувањата на Chevrolet.