ДОЛГО ОЧЕКУВАНАТА СЕРИСКА ИЗВЕДБА НА СУПЕРЛУКСУЗНАТА ЕЛЕКТРИЧНА ЛИМУЗИНА LUCID AIR ПЛЕНИ СО СВОЈОТ НАСТАП И СЕ РАСФРЛА СО ИМПРЕСИВНИ БРОЈКИ ОКОЛУ МОЌНОСТА, ПЕРФОРМАНСИТЕ, АВТОНОМИЈАТА И БРЗИНАТА НА ПОЛНЕЊЕ НА БАТЕРИИТЕ.
Името Lucid Motors сигурно не им е непознаница на љубителите на мотоспортот. Имено марката која потекнува, од каде ако не од Калифорнија, САД, со батерии ги снабдува болидите од шампионатот на Формула Е. И додека конкурентскиот Tesla Motors веќе е етаблиран како производител на електрични автомобили, Lucid туку ја започнува својата електрична приказна, но на еден сосема поинаков начин. Неговата лимузина Air не само што претставува врв во поглед на користењето на модерните електрични технологии, таа претставува врв и во луксузниот настап и благородничкото доживување на внатрешноста. Сепак, бидејќи станува збор за електромобил акцентот при рекламирањето е ставен на импресивните бројки кои се однесуваат на моќноста, перформансите, автономијата и брзината на полнење на батериите. Техничките детаљи се само поткрепа на комплетното доживување на Lucid Air како лимузина од најфин ков.
НАПРЕДНА ЕЛЕКТРОТЕХНОЛОГИЈА ЗА ВРТОГЛАВИ ПЕРФОРМАНСИ
При создавањето на лимузината Air, Lucid Motors ја користи најнапредната технологија на полето на електричните автомобили. Основата на која почива целата високотехнолошка приказна на Lucid Air се компактните електрични мотори, врвниот пакет на батерии и екстремно брзото полнење. Што значи сето ова претворено во бројки? Двата електромотори испорачуваат вкупна моќност од 1080 КС, батериите дозволуваат автономија од 517 милји, или 832 километри, а брзината на полнење оди со рата од 300 милји, или 482 километри за 20 минути. Сето ова претворено во бројки кои ги изразуваат перформансите завршува со способноста за спринт од место до 60 mph, или 96 km/h за 2,5 секудни. Понатаму ловот на четвртина милја или 402 метри од место за 9,9 секунди што е на ниво на тркачки автомобил и максималната брзина од 168 mph, или 270 km/h.
Електричниот мотор на Lucid е најкомпактниот двигател од овој вид на светот. Има димензии кои без проблем го сместуваат во корпата за одредување на рачен багаж на аеродромите. Тежината од само 74 килограми го претвора во најмоќниот електромотор на светот за својата големина. Секој од двата електрични мотори кои го задвижуваат Lucid Air испорачува по 670 КС, а комбинираната моќност им е пресметана на 1080 КС. Напредниот MOSFET со силикон и карбид во инвертерот на моторот му помагаат да ја зголеми ефикасноста преку минимизирање на загубите.
За испораката на енергија Lucid Air се потпира на докажаната во трки технологија на батерии кои имаат капацитет од 113 kWh и напон од 900 V. Распоредени во подот на автомобилот со оптимизиран систем на ладење батериите дозволуваат неверојатно висока брзина на полнење. Полнењето оди преку т.н Wunderbox, патентирана единица за полнење на батериите проектирана во Lucid Motors. Wunderbox ја зголемува брзината на полнење и воедно е компатибилен со сите јавни станици за полнење на батерии. Wunbderbox автоматски го мести влезниот напон на потребната вредност, а овозможува и двосмерен проток на енергијата. Односно во случај да снема електрична енергија преку него Lucid Air може да го напојува домот на сопственикот.
НАЈАЕРОДИНАМИЧНАТА ЛИМУЗИНА НА СВЕТОТ
Голем дел од заслугата за неверојатно големата автономија на Lucid Air и неговите перформанси оди на сметка на извонредната аеродинамика која ја има оваа лимузина. Станува збор за коефициент на отпор на воздух Cd со вредност од 0,21. Колку за споредба директниот конкурент Tesla Model S има коефициент Cd од 0,24. Дури и досега најаеродинамичниот модел на светот Mercedes A-Class Sedan со Cd 0,22 губи во однос на Lucid Air. Луксузниот електромобил е поставен на платформа конструирана од сопствените инженери на Lucid Motors. Носи кодна ознака (LEAP) Lucid Electric Advanced Platform и ги комбинира пакетот од во трки на Формула Е докажаните батерии кои се распоредени во подот на платформата, двата електрични мотори со погонските мостови и адаптибилната суспензија. На неа е поставена каросеријата Lucid Space Concept која повеќе делува на скулптура од современа уметност отколку на уште еден автомобил. Во неа е спакувана исклучително просторната кабина која благодарение на минијатурните мотори и погонски спреги нуди изобилие од комфор. Од Lucid се фалат дека оваа платформа ја претставува најнапредната архитектура на електричен автомобил која отвора нова ера во поглед на просторнота, ефикасноста и комфорот.
СОЗДАДЕН ДА ВООДУШЕВУВА
Без оглед на сериозните димензии од 4975 mm должина, 1663 mm ширина, 1410 mm висина и меѓуоскино растојание од 2960 mm, Lucid Air е создаден подеднакво да ги воодушеви и патниците со својот комфор, но и возачот со својата возна динамика. Благодарение на адаптибилната распределба на вртежниот момент меѓу тркалата на една оска, полуактивната суспензија, модусите кои го менуваат однесувањето на автомобилот спрема желбите на возачот Lucid Air се претвора во бескомпромисен возачки настроен автомобил. Способноста на полуактивната суспензија и мултилинк, водењето на тркалата да се прилагодуваат на структурата на патот дозволува остро управување комбинирано со рафинирано возење. Во милисекудни суспензијата омекнува за да ги апсорбира нерамнините, и потоа веднаш отврднува за да го контролира нишањето. Воедно управувањето може да се дотера според желбите на возачот, односно да нуди острина и поврзани информации на спортски автомобил, или комфор на луксузна лимузина.
АВТОНОМНО УПРАВУВАЊЕ
Опремен со систем LIDAR од најновата генерација кој користи пулсирање на ласерски зраци за да создаде тридимензионална слика на околината околу автомобилот, Lucid Air е подготвен за автономно управување кое во голема мерка му ја олеснува работата на возачот посебно кога подолго време е зад волан. Наречен DreamDrive автономниот систем на Lucid користи LIDAR со 124 ласерски зраци со висока резолуција, радар кој скенира 360˚ околу возилото и 32 сензори и камери. Овие високотехнолошки технички досетки во комбинација со напредниот систем за асистенција на возачот (ADAS) Advanced Driver Assistance System и системот за набљудување на возачот создаден да го задржи неговото внимание на патот го претвораат Lucid Air во еден од најбезбедните електромобили на светот.
ВНАТРЕШНОСТА СЕ СРЕЌАВА СО НАДВОРЕШНОСТА
Стаклената купола, место класичен кров, го претвора доживувањето при патување како во отворен автомобил со чист поглед кон небото. Оваа дизајнерска одлука создава екстравагантно чувство на просторност во и бездруго исклучително просторната кабина. Рамниот под во задниот дел, широката клупа и во класата ненадминатиот простор за нозе нудат комфорно патување на тројца возрасни патници како да се сместени во отворен салон. Благородните материјали во комбинација на кожа Nappa, дрвo: еукалиптус, американски орев и црвен даб, алуминиум, алкантара со текстура на превртена кожа, волнена ткаенина од алпака во комбинација со минималистички дизајн го подигнуваат доживувањето на луксуз на едно сосема поинакво рамниште. Оваа благородничка нота е дополнително нагласена со стаклениот кокпит сочинет од интегриран дисплеј кој претставува техничко чудо со 5K резолуција. На располагање стои уште еден дисплеј кој се вовлекува во арматурата, а извлечен ја покрива сокриената полица на централниот гребен.
Сета врвна технологија која како да доаѓа од иднината, современиот дизајн, скапите материјали, благородната внатрешност повлекуваат и соодветна цена. Ултимативниот модел Lucid Air Dream Edition кој прв стартува со продажба во САД ќе чини 169.000 долари, додека основниот модел Lucid Air Base кој доаѓа на пазарот дури во 2022 година ќе чини 80.000 долари. Меѓу нив влегуваат моделите Lucid Air Touring со цена од 95.000 долари и Lucid Air Grand Touring со цена од 139.000 долари. Првите примероци на Lucid Air Dream Edition ќе бидат испорачани на купувачите на пролет следната година.