КОМПАНИЈАТА CHEVROLET ВО СВОЕТО БОГАТО ПОРТФОЛИО НА КОНВЕНЦИОНАЛНИ ВОЗИЛА ПОЛЕКА ЗАПОЧНУВА ДА ДОДАВА И ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ. А ОТСЕГА ВО НЕГО СЕ ПРИКЛУЧУВА И ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ПОПУЛАРНИОТ ПИКАП SILVERADO ВО ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИЧНА ВЕРЗИЈА
Со зголемената експанзија на електричните возила во изминатите неколку години речиси и да не остана сегмент во авто индустријата кој не доби свој електричен пандан. Од неодамна, авто производителите најавија дека електриката пристигнува и кај популарните пикап возила. Со зголемениот интерес за овој тип на возила, кои патем се одлични за извршување на секојдневни работни активности, но и одлични за извршување на сите семејни дејности, создавањето на нивни потполно електрични варијанти е вистинската насока во која нè насочува иднината. Најголемата популарност пикап возилата ја уживаат во Северна Америка, токму затоа оттаму ни пристигнуваат и највеќе модели кои во иднина ќе бидат достапни на купувачите, а како најнов член кој се приклучува на овој сегмент е моделот на Chevrolet, популарниот Silverado во EV издание. Сосема различен во однос на обичната верзија, Chevrolet Silverado EV го доживеа своето деби, а станува збор за модел кој е изграден од темел и е целосно различен во однос на остатокот од опсегот на марката која е дел од General Motors. Целосно електричниот пикап пристигнува со неверојатна комбинација на способности, перформанси и разновидност. Иако не е првиот целосно електричен пикап, ниту прв кој доаѓа од семејството на GM, сепак, судејќи според бројките кои ги објави Chevrolet, има сериозни карактеристики да стане најважниот кој се појавил на пазарот досега. Silverado EV е опремен со голем број на паметни карактеристики кои фановите на овој тип возила ќе ги обожаваат.
Според Chevrolet, новиот целосно електричен Silverado има опсег на движење од 644 километри со едно полнење, благодарение на најголемата Ultium батерија направена досега. Поставката со два електромотори ги напојува сите четири тркала и испорачува 673 КС и 1.056 Nm. Со вклучен WOW режим, овој електричен пикап од 0 до 60 милји на час (0- 96 км/ч) стигнува за помалку од 4,5 секунди. Благодарение на DC брзото полнење при 350 kW, камионетот добива 160 километри опсег на движење за само 10 минути.
ВО РАБОТНА И ЛУКСУЗНА ВЕРЗИЈА
Chevrolet најпрво ќе го нуди Silverado EV во базичниот Work Truck (WT) ниво на опременост, како и RST моделот кој е на врвот. Бројките кои се споменати погоре се однесуваат на највисокото ниво на опременост. Базичниот модел и понатаму добива 644 километри опсег, но моќноста е намалена на 517 КС и 834 Nm. Од друга страна, RST верзијата добива и управување на задните тркала, автоматски адаптивен воздушен систем на потпирање, Super Cruise темпомат, како и конфигурирачки товарен простор со Multi-Flex Midgate.
ФУНКЦИОНАЛЕН ДИЗАЈН
Кога станува збор за дизајнот, треба да се истакне дека карактеристичниот изглед делува помеко и позаоблено од традиционалните пикап модели. Ова е веднаш забележливо со оглед на тоа дека Silverado EV добива аеродинамична предница која е извајана за ефикасно да го насочува воздухот под возилото, значително намалувајќи го воздушниот отпор и турбуленциите. Моделот ќе биде достапен ексклузивно со Crew Cab конфигурација, а Silverado EV се одликува и со кратко предно надвиснување и целосно затворена решетка и преден багажник. Пикапот добива и нагласени сводови над тркалата и е поставен на 24-инчни тркала, пластични заштити за каросеријата и аголни акценти на задните столбови. На задниот дел се наоѓа товарниот простор со 1.803 милиметри должина, а благодарение на Multi-Flex Midgate, истиот може да се продолжи до внатрешноста на кабината.
Со затворена задна и отворена средишна врата, Silverado EV ќе може да превезува работи кои се долги над 2.743 милиметри. Ако тоа не е доволно, достапната Multi-Flex Tailgate, врата на товарниот дел може да се спушти за да овозможи 3.302 милиметри простор. Впечатливиот дизајн продолжува и во внатрешноста со оглед на тоа дека Silverado EV RST доаѓа со 11-инчен дигитален инструмент кластер и 17-инчен инфозабавен екран.
Тука е и фиксираниот стаклен покрив, head-up екранот, како и двобојни кожни седишта со црвени акценти. Задните седишта добиваат греење, а од Chevrolet велат дека сите лица до 1,82 метри висина ќе имаат максимална удобност каде и да седнат. Моделот Silverado EV кај првите купувачи ќе пристигне напролет 2023 година во WT верзија, додека Silverado EV RST First Edition ќе следи наесен истата година, по што ќе следува комплетното портфолио на електричниот пикап.