Салон за автомобили-МИНХЕН МОБИЛИТИ 2021 ЕЛЕКТРИФИЦИРАНИТЕ ВОЗИЛА СЕ ВО МОДА

20/10/2021

МИНХЕН ЗА ПРВПАТ Е ОРГАНИЗАТОР НА ЕДНА СВЕТСКА АВТОМОБИЛСКА МАНИФЕСТАЦИЈА, НО НЕ ВО ДОБРО ВРЕМЕ. МНОГУ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ГО ОТКАЖАА СВОЕТО ПРИСУСТВО, А ОРГАНИЗАТОРОТ ПОКРАЈ АВТОМОБИЛИТЕ ИЗЛОЖУВАШЕ ТРОТИНЕТИ, ВЕЛОСИПЕДИ, СКУТЕРИ, МОТОЦИКЛИ И РАЗНИ ДРУГИ ПРЕВОЗНИ СРЕДСТВА НА ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН, НО И ТРАМВАИ, ОДНОСНО СÈ ШТО Е НА ТРКАЛА

 

Како и сите други индустрии така и автомобилската беше и е сè уште во некакви стеги поради случувањата со вирусот. Поради состојбата со светското лудило речиси две години нема вистинска саемска манифестација. Лошо е кога човек ќе се научи на убаво и кога тоа ќе го снема, потоа сè друго му изгледа многу празно. Женевскиот саем за автомобили како еден од најдобрите на планетава, ако не и најдобар, две години по ред никаде го нема, а истото се случува и со манифестацијата во Париз, во Детроит и останатите во светот. Сепак има една реткост, а таа е нормализацијата на нештата околу саемските манифестации на Далечниот Исток. Таму како работите да се враќаат во колосек и изложбите на автомобили си течат во најдобар ред, но ќе видиме дали и до кога ќе биде така.

Деценијата која е зад нас, но и на почетокот од оваа, на сцената доминираа електромобилите. Светот се повеќе се врти кон електрификација на сите видови возила, не само на патничките и стопанските. Но очигледно е натпреварувањето на секој производител да направи што е можно повеќе електромобили, да постигне бројка и истовремено ја нагласува потребата од целосна електрификација на гамата. Од сета таа трка по електрификацијата, изгледа како тоа да се прави на сила, како да мора што побрзо да се мине на електромотори и батерии.

Саемската манифестација одржана во Минхен од 6 до 12 септември не донесе којзнае какви новости. Повеќе од половина производители не учествуваа на изложбата како на пример: Тојота, сите марки на Стелантис, потоа Ферари, Волво, Џенерал Моторс. Највпечатлив настап имаа домашните производители: Ауди, БМВ, Мерцедес, Фолксваген, тие ја држеа публиката на нозе заедно со скромните учества на Рено, Порше, Дачија, Хјундаи, Смарт и Купра, заедно со уште неколку кинески марки.

На организаторот познато му било дека годинава нема да присуствуваат поголем број марки, и затоа манифестацијата ја прошири на сè што е на тркала, велосипеди, тротинети, разни превозни средства, дури и трамваи. Да има од сè по нешто затоа што електрификацијата влезе во секоја пора од превозот: и велосипеди, и скутери, и мотоцикли сè е погонувано од електромотори, а и леталата добија електромотори. Погледнете ја последната конференција за печат на Хонда која најавува освојување на воздушниот простор со разновидни летала, а меѓу нив и ракети и месечеви електромобили.

Автомобилската индустрија некако се опоравува и застанува на нозе. Многу производители се жалеа на новонастанатата ситуација, но погледнете ја германската автомобилската индустрија, таа работи на случајот и не посветува многу внимание што се случува во светот. Таквиот начин на организирање на производството доведе до позитивни бројки и секако профит. По којзнае кој пат германската автомобилска индустрија покажа како треба да се работи.

Рено ја прикажа електрифицираната изведба на моделот „меган“, Дачија беше мошне забележителна со моделот „џогер“, практично возило, наменско, рационално – скроено по мерка на тие што имаат потреба од вакво со висока употреблива вредност. Микролин го претстави своето мало градско возило, да, погодувате, електрифицирано е, има многу сличности со малото возило од БМВ наречено „изета“.

Покрај нив беше изложен и електричен концепт „и.д. 2“, идниот адут на Фолксваген. Велат ќе биде евтин и ќе чини околу 20.000 евра, но дизајнот не е од тие оригиналните, има многу примеси од „фиат 126 п“, од „фиат ритмо“ и примеси од дизајнот на „обновениот „фиат 126 п“ створен од едно полско студио. Малку чудна дизајнерска состојба за Фолксваген, несвојствена за еден од водечките во светската автомобилска индустрија. Квартетот Ауди, БМВ, Мерцедес, Фолксваген го имаше главниот збор на саемот во отсуство на поголем број производители, а две од шесте сали на минхенското изложбено здание, им беа отстапени на велосипедите – замислете две цели хали.

Не е тоа тоа што светот го очекуваше од една манифестација која е една од петте најважни и најголеми во светот. Откажување во Женева, истото се случи и со Детроит кој сега е префрлен од јануари во јуни. Сега си го поставуваме прашањето дали саемските манифестации од овој тип се веќе минато? Кој е следниот чекор на автомобилската индустрија која до вчера не можеше да дише без големите саемски хали и рефлекторите, а денес работите добиваат друга димензија. Што ќе сторат производителите, дали ќе одат кон виртуелна светска премиера следена преку ултра современа технологија наречена холограм?

Ако во овој светски метеж се изгуби саемската гужва, трчањето од една на друга премиера за да не се пропушти нешто од тој своевиден гламур, тогаш ќе се изгуби и смислата за одржување саемески манифестации. Ваквите прогнози се оправдани затоа што на последните 10 или 15 големи големи автомобилски средби имаше уште поголеми откажување на присуството на многу производители.

Следна манифестација треба да се одржи на крајот од октомври, поточно од 20 до 31 во земјата на изгрејсонцето, во нејзиниот главен град Токио. Ова е прво откажување на манифестацијата во Токио и според зборовите на главниот во одделот за организација А. Тојода, изложбата ќе се одржи во 2022 или 2023 година. Иако ова е уште едно големо откажување, сепак организаторот не размислувал досега за виртуелна саемска манифестација. Времето ќе покаже во кој правец ќе се движи големата саемска петорка, а заедно со неа и останатите изложби во светот.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ