ОТКАКО Е ПОД КАПАТА НА ГРУПАЦИЈАТА STELLANTIS, МАРКАТА OPEL Е ВО ВИСТИНСКИ ЕЛЕМЕНТ. АКТУЕЛНАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА CORSA Е МЕЃУ НАЈБАРАНИТЕ АВТОМОБИЛИ ВО СЕГМЕНТОТ, МОДЕЛОТ MOKKA Е ЕДЕН ОД НАЈПРЕПОЗНАТЛИВИТЕ МАЛИ КРОСОВЕРИ, А НОВАТА ASTRA ИЗГЛЕДА КАКО ДА ДОАЃА ОД ДРУГА ЕРА, ДОПОЛНЕТА СО ГЕРМАНСКА САМОДОВЕРБА, НАПРЕДНА ТЕХНОЛОГИЈА И МАКСИМАЛНО ДИГИТАЛИЗИРАНА. ШЕСТАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ASTRA СЕ ПОЗИЦИОНИРА ВИСОКО ВО КЛАСАТА СО СВОИТЕ ИЗРАЗЕНИ СПОСОБНОСТИ
Успехот на моделот Astra отсекогаш бил од витално значење за Opel. Затоа марката сега ја нуди целосно новата генерација на Astra за која смета дека е досега најнапредниот модел на компанијата. Таа доаѓа целосно дигитализирана, со лепеза од бензински, дизел и plug-in хибридни верзии, а за целосното заокружување на процесот ќе се погрижи електричната изведба која е најавена за почетокот на 2023 година.
СТИЛИЗИРАНА ЗА НОВАТА ЕРА
Новата Astra во ниту еден детаљ не наликува на моделот во заминување. Сепак, дизајнот е многу препознатлив. Тоа се должи на семејното лице на Opel, што веќе го знаеме од Mokka, Crossland и Grandland, а новиот „Vizor“ преден дел, своето место го наоѓа и на Astra. Стилскиот израз на надворешноста е драматично променет, со далеку поостри линии во кои се вклучени и тенките LED светла. Сепак, Astra не е креирана со цел да има контроверзен или поларизирачки дизајн, туку комбинира движења што треба да ја направи попривлечна за далеку поширок круг на купувачи. Моделите со врвна спецификација, како тестираниот примерок, добиваат контрастен црн А-столб и покрив што придонесува за софистицираниот дизајн на Opel.
Предната маска можеби е најпрепознатливиот елемент на Astra, но има многу уникатни движења на дизајнот низ целиот автомобил, вклучувајќи ги извајаните крила и остриот набор што минува низ средината на капакот од моторот. На задниот дел е користен термо пластичен материјал на вратата од багажникот со цел да се заштеди малку тежина и да овозможи уште подобро да се вклопи со задните LED светла. Нивниот дизајн на осветлување во комбинација со високо поставеното трето стоп светло создава уникатна слика одзади. Името на Astra е напишано гордо по средината на петтата врата, а рачката за отворање на багажникот е интегрирана во логото на Opel.
Стандардно кај пакетот Ultimate, автомобилот е поставен на стилизирани тркала од 18 инчи кои додаваат свој зачин на севкупниот изглед.
ФУТУРИСТИЧКА ВНАТРЕШНОСТ
Марката Opel се стреми да ја направи Astra достојна за дигиталната ера. Прво нешто со што ќе се сретнете е импресивниот изглед и распоред на контролната табла, наречена „Pure Panel“. Системот е составен од два екрани од 10 инчи, дисплејот пред возачот е задолжен да ги прикаже сите релевантни информации на начин што е јасен и лесен за читање. До него е новиот инфозабавен систем на компанијата кој е, исто така, крајно едноставен за командување, а ако и тоа не е доволно, достапна е и гласовна контрола, како и безжично пресликување на паметни телефони, сè со цел да се олесни животот во движење. За среќа сите поставки не се преселени на екранот, Astra задржа неколку физички копчиња за клучните функции, што овозможуваат избраната команда да се изведе интуитивно и без да го тргнете погледот од патот. Двата реда на физички контроли под централниот екран на допир овозможуваат лесно прилагодување на поставките за температурата или вклучување на загреаните седишта. Кога веќе ги споменавме предните седишта, ќе напоменеме дека тие се нешто со што се гордее Opel и вложи значителен напор за да го направи вистинскиот дизајн, толку многу, што добиваат печат на одобрување од германската AGR асоцијација. Повеќето од материјалите употребени низ кабината се со разумно високи стандарди за сегментот, употребата на пијано црна површина за горниот дел од централната конзола која е многу подложна на гребнатини е единственото нешто на што би упатиле критика.
За оние што седат во задниот дел има прилично добар простор, а на двајца возрасни ќе им биде прилично удобно во секоја прилика. Кога станува збор за складирање, во багажниот дел на располагање се практични 422 литри во основната конфигурација и 1.339 литри кога ќе се собори задната клупа.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОДИЗЕЛ |
ЗАФАТНИНА: | 1.498 СМ3 |
МОЌНОСТ НА БЕНЗИНСКИ АГРЕГАТ: |
130 КС (96kW) При 3.750 врт/мин. |
МЕНУВАЧ: | 8 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛ |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД:ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 225/40 R18 ПОЗАДИ 225/40 R18 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.350 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4374Х1860Х1441 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
10.6 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
4.5 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
209 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
32.660 ЕВРA |
ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ
Како што налагаат актуелните трендови палетата на двигатели кај новата Astra воглавно е составена од бензински и плаг-ин хибридни агрегати и само еден дизелски мотор. Токму тој беше движечката сила кај тестираниот примерок. Турбо дизелскиот агрегат е со зафатнина од 1.5 литри и располага со максимална моќ од 130 КС, неговата влечна сила изнесува 300 Nm која е на располагање од релативно ниски 1.750 врт/ мин. Погонот е насочен кон предната оска, а за трансмисија е задолжен 8 степен автоматски менувач кој се одликува со одлично избалансиран пренос за кој сметаме дека се поставува како идеален избор кај Astra. Бараните задачи ги извршува беспрекорно добро без разлика кој модус (sport, normal, eco) на работа го избрал возачот, соработката со исклучително флексибилниот двигател во реалност овозможува одржување на високо возно темпо и реално ниска потрошувачка на гориво. За тоа сведочи и просекот што го постигнавме по речиси 600 изминати километри кој изнесуваше 5,5 литри на секои 100 километри.
Со капацитет на резервоарот од 52 литари и полесна нога на педалот за забрзување реално е да се очекуваат и 1.000 километри со едно полнење. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10,6 секунди што е во рамките на класата, додека стрелката на брзиномерот запира веднаш под границата од 210 км/ч.
На прва, сите коментари одат на сметка на стилската надворешност, но шестата генерација на Astra поседува многу повеќе од тоа, а се наоѓа длабоко под лимот. При возењето веднаш е забележливо сетирањето на суспензијата кое е малку потврдо, но сепак покажа достојно ниво на удобност. Компромисот помеѓу комфорот и спортското управување делува многу уверливо, a постигнатата рамнотежа се должи на макотрпната работа од страна на опеловите инженери кои се познати дека не застануваат сè додека не го постигнат посакуваниот ефект. Еден од адутите на Astra во оваа спецификација е извонредната стабилноста која ја покажува при управување на повисоки брзини.
Компанијата Opel комплетно ja трансформираше Astra, преминувајќи од играч од средината до една од ѕвездите во сегментот. Мешавината од атрактивен стил, подигнувањето на квалитетот, префинетоста во внатрешноста и добрите возни карактеристики се само дел од елементите кои велат дека сега на неа треба да се гледа од сосема поинаков агол.