Саем за возила Детроит 2023-ДЕТРОИТ МОТОР ШОУ СЕ ВРАТИ ВО СВОЈОТ КОЛОСЕК

13/10/2023

ПОЛЕКА, НО СИГУРНО ИЗЛОЖБАТА НА ВОЗИЛА СЕ ВРАЌА НА ВИСТИНСКАТА ПАТЕКА. И ПОКРАЈ ТОА ШТО МНОГУ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОФИЦИЈАЛНО НЕ ПРИСУСТВУВАА, СЕПАК ДОМАШНИТЕ ПРОДАВАЧИ НА АВТОМОБИЛИ МУ ИЗЛЕГОА ВО ПРЕСРЕТ НА САЕМОТ И ДОЈДОА ВО ИЗЛОЖБЕНИТЕ ПРОСТОРИ. СЕГА ГЛАВНИТЕ НА ИЗЛОЖБАТА ПОВЕЌЕ ВНИМАНИЕ ПОСВЕТИЈА НА МНОГУ ЗАНИМЛИВИ СОДРЖИНИ, ОТКОЛКУ САМО НА СТЕРИЛНОТО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛИТЕ

 

Многупати досега сме биле сведоци на необични случки и тоа во светски размери. Работите кои до вчера беа вообичаени и домаќински средени, денес сето тоа не важи – најверојатно многу нешта во светов се изместени. Никогаш досега не се случило две од петте светски најголеми автомобилски изложби да се одржуваат во ист месец. ИАА 2023 во Минхен од 5 до 10 септември и НАИАС во Детроит од 13 до 24 во септември. Каде побрзо да стасаат изложувачите, дали на континентов, или да одат на изложбата преку „големата вода“. Според сегашниве тектонски изместувања во светот, нема да биде чудно ако во блиска иднина сите најголеми пет изложби да се одржат во еден месец.

Неучеството на саемските манифестации како да стана навика. Ова е списокот на тие кои беа официјално присутни со директни претставници од компаниите: Бјуик, Доџ, Кадилак, Крајслер, Фиат, ГМЦ, Џип, Киа, Лексус, Линколн, Рам, Тојота, Тесла, Фолксваген и Шевролет. Има и такви кои официјално не беа дојдени, но сепак своите возила ги изложија во Детроит – Алфа Ромео, Астон Мартин, Ауди, Бентли, БМВ, Хонда, Хјундаи, Инфинити, Јагуар, Ламборџини, Ленд Ровер, Масерати, Мекларен, Мерцедес – Бенц, Мини, Полстар, Порше, Ролс Ројс, Волво.

За овие марки одговорни беа увозниците, тие си покрија сè, иако зад нив не стоеја производителите. Беа сложни, се договорија и со заеднички сили ги изложија секој своите автомобили. Ова е убав потег на продавачите, манифестацијата имаше повеќе изложувачи и сето тоа изгледаше пораскошно и побогато, а посетителите можеа целосно да се препуштат на убавините на четири тркала. Покрај класичните автомобили беа присутни два производители на тие со крила кои можат да полетаат. Аир 1 и Алеф Аеронаутикс, овие производители ги претставија своите летала на четири тркала во одделот за луксуз и егзотика.

Сега светските премиери како да добиваат друга величина, не се веќе во духот на помпезно најавување, туку ги претставуваат на поинаков начин. Производителите свртеа друг лист, сакаат на посетителите да им дадат прилика да седнат во возилата и да ги возат, односно им приредуваат тестирање со цел заинтересираните да ги почувствуваат можностите на најновите направи на тркала. Не беше само тестирањето на возилата, тие што сакаат можеа да научат нешто повеќе за безбедното возење. Тоа беше спроведено со големо залагање од Генерал Моторс и неговите врвни познавачи на безбедното возење. Тоа значи дека изложбата на моторни возила спроведе и образовен дел. Еден од нив беше посветен на приридата и нејзините 900 убавини кои треба идните поколенија да ги заштитат. Сето тоа беше убаво спакувано и проткаено со забава за најмладите од 2 до 7 години – на располагање им беа еден голем куп играчки, но и да возат мали автомобили и да ги учат основните правила во сообраќајот.

Потоа, за студентите од Универзитетот Вејн од отсекот за Социологија беше организиран еден вид анкета и истражување во насока на прибирање најразновидни податоци од социолошки карактер, како на пример старосна структура на посетителите, што најмногу ги интересира, а што најмалку, во каква боја да биде нивниот автомобил, каков автомобил посакуваат и слично. Овие податоци ќе се користат за најразлични други испитувања. Најдобрите студенти за нивната работа беа наградени со три награди по 500 долари. И за возрасните посетители имаше наградна игра врз основа на купените влезници. Тројца најсреќни добија „форд бронко раптор, „џип гранд вагонер“ и „шевролет корвета к 8“. Овој потег на одговорните ме потсетува на убавите времиња кога кај нас секоја година имаше изложба на автомобили на Скопскиот саем кога посетителите добиваа вредни награди. Денес, за жал, не постои автомобилска изложба, а уште помалку саемот како здание, бидејќи е срушен.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ