Претставуваме ASTON MARTIN V12 SPEEDSTER-МОЌЕН БЕСНОТИЛАК СОЗДАДЕН СО МНОГУ ЉУБОВ

01/03/2022

ЕКСКЛУЗИВНИОТ V12 SPEEDSTER ГО СЛАВИ БОГАТОТО ТРКАЧКО НАСЛЕДСТВО НА ASTON MARTIN И ПРЕКУ МОДЕРЕН ДИЗАЈН МУ ОДДАВА ПОЧИТ НА ВОЗВИШЕНИОТ ТРКАЧ DBR1 КОЈ ПАЛЕШЕ И ЖАРЕШЕ НА ПАТЕКИТЕ ВО 1950-ТЕ ГОДИНИ ПОБЕДУВАЈЌИ НА ТРКИ КАКО 24 ЧАСА ЛЕМАН

 

Впечатлив излет во непознатото на Q дивизијата на Aston Martin, и несомнено одважен потег при создавање на единствениот V12 Speedster. Полното име на овој специјален оддел „Q by Aston Martin” потекнува од митот за најпознатиот таен агент на светот Џејмс Бонд 007. За кого мистериозниот оддел наречен Q прави неверојатни технички измислици кои му помагаат да се справи со најлутиот противник и да се извлече од најопасните ситуации. Истата задача ја има и Q дивизијата во Aston Martin од чија гаража излегува и беснотилакот V12 Speedster чие производство ќе биде ограничено на само 88 примероци. Како сервис за персонализација, создавање и исполнување на уникатни желби на клиентите на Q му е дозволена апсолутна слобода во изразувањето. Од Q излегоа ограничените серии на модели како One-77 од 2009 година изработен во 77 примероци, тркачот Vulcan од 2015 година изработен во 24 примероци, па дури и уникатот Cygnet V8 за кого клиентот направил договор со Aston Martin дека неговиот Cygnet ќе биде единствен на светот и сигурно тоа дебело го платил. Откривањето на креативната слободата на одделот Q е само најава за што може да се очекува од најновиот проект кој несомнено плени со својата појава.

 

ПО СТАПКИТЕ НА СЛАВНИОТ DBR1

Инспирацијата при создавањето на V12 Speedster несомнено влече корени од славниот спортист DBR1 од 1950-те години, но и од концептот СС100 Speedster од 2013 година. DBR1 е најуспешниот тркач на Aston Martin и модел кој успеал да ја прослави марката на светската мотоспорт сцена. Во 1959 година победил на 24 часа Леман, 1.000 km Нирбургринг и на Турист Трофи, најстарата трка на светот која континуирано се одржува од 1905 година, и воедно истата година го освоил Светскиот шампионат за спортски автомобили. DBR1 беше инспирација и за концептот СС100 Speedster кого Aston Martin го претстави за прославата на 100 годишнината на марката, го произведе во два примерока и го продаде на двајца лојални клиенти чии имиња се тајна. Така при создавањето на V12 Speedster дизајнерите имале јасна визија каков ефект сакаат да постигнат.

Дизајнот на V12 Speedster го слави богатото и неповторливо наследство на Aston Martin. Создаден е да биде уште икона во богатата историја на марката. Изложбен експонат кој вози во реалноста. Иако сосема различен од актуелната понуда на марката V12 Speedster од далеку се препознава како Aston Martin. Тука нема двојби. Муцка која со препознатливиот за марката масивен отвор за довод на воздух и намрштените светла личи како да е подготвена да проголта. Нужниот отвор во хаубата за да се смести масивниот мотор подеднакво придонесува за застрашувачкиот лик на спидстерот. Со мускулести испапчувања над тркалата и тенок струк како на боди билдер. Со впечатлив задник со вкомпонирани спојлер и дифузор, и со светлосна лента по урнек на Vantage, V12 Speedster делува како да е извајан од талентиран скулптор. Острите засеци на отворите за проток на воздух само ја дополнуваат агресивната нота на овој гол спортист. Токму така гол! Кабината е сосем отворена, ако може да се нарече кабина кадата во која се поставени седиштата и арматурата. Едвај видливи се и двата дефлектори за насочување на воздухот, а штрчат само грбите над седиштата кои имаат двојна намена. Го кријат заштитничкиот ролбар и под проѕирните капаци ги чуваат кацигите без кои возењето во V12 Speedster не би било пријатно. Секако тука е и неизбежниот `рбет кој физички ги одвојува возачот и совозачот.

СТИЛИЗИРАН КАКО ВИСОКА МОДА

Одвоен со т.н. `рбет просторот во кој се сместени возачот и совозачот повеќе наликува на одделни ќелии, но само гледано од надвор. Под оптичката илузија на `рбет просторот е единствен. Уредувањето на ентериерот стилски се граничи со примена на висока мода. Материјалите се благородни, а некои и уникатни како на пример гума добиена со 3D печатење. Специјалистите на Q комбинирале модерни и традиционални материјали. На структурниот карбон-фибер од кого се направени и тркачките кади даден му е сатенски финиш, а врз него како контраст се поставени класични ремени од дебела високо-квалитетна кожа која се користи за изработка на седла. Од неа е изработена и торбичката пред совозачот која ја заменува вообичаената фиока, а може и да се понесе. Деталите од полиран хром и алуминиум совршено се вклопуваат во вкусно дотераниот ентериер кој плени со прецизноста на рачната изработка и буди единствено емоционално доживување додека се престојува во него.

АЛУМИНИУМ И КАРБОН-ФИБЕР

V12 Speedster почива на познатата алуминиумска шасија на Aston Martin составена со лепење на панелите и профилите. За да се добие на цврстина на отвореното тело на спидстерот во Aston Martin направиле комбинација од структурата на шасиите на познатите модели Vanquish и DBS Superleggera. Каросеријата од друга страна е целосно направена од карбон-фибер со цел да се намали тежината. Но, и за да се постигне посакуваниот ефект на дизајнерските детали кои го прават овој автомобил толку посебен. Иако без кабина и луксузни додатоци овој отворен беснотилак на четири тркала сепак на вага покажува завидни 1.765 kg. Тежина која го носи подалеку од групата лесни модели. Но, не може да се биде лесен со должина од 4.525 mm и ширина од 1.990 mm, и кога под хауба е набиен масивен V12 од 5,2 литри. Сепак специфичната моќност од 396 КС на 1 тон тежина не е за потценување.

РАСКОШНА МОЌ

Напред-централно во шасијата е поставен познатиот 5,2 литарски твин-турбо V12 на Aston Martin комплетно изработен од лесна легура, со четири брегасти вратила кои управуваат со вкупно 48 вентили. Заради подобра тежинска распределба масивниот V12 е сместен зад предната оска кон центарот на шасијата. Навиен е да испорачува 700 КС при 6.500 min-1 и вртежен момент од 753 Nm при 3.000 min-1. Вртежниот момент се испраќа кон задните тркала преку осум степен автоматски менувач на ZF поставен на задна оска по принцип „трансексл” и диференцијал со ограничено пролизгување. Вака подготвен V12 Speedster од место лови 100 km/h за 3,4 s и стигнува до ограничена максимална брзина од 300 km/h. Покрај раскошната моќ и перформанси овој V12 плени и со неповторливата звучна кулиса која излегува од масивните издувни цевки од не`рѓосувачки челик.

За возната динамика се задолжени двојните напречни водилки напред и мулти-линк задната оска кои се потпираат на адаптибилни амортизери со три модуси на работа Sport, Sport+ и Track. Сопирачките апарати се од карбон-керамика и се сокриваат зад кованите бандажи од лесна легура од 21 инчи и прицврстени со централна завртка.

Ова внимателно и со многу љубов скроено парче автомобил ќе има прилика да мами насмевка на само 88 сопственици во цел свет. Лимитот на производството е уште еден доказ за ексклузивноста на V12 Speedster за кого во Aston Martin, ниту помалку, ниту повеќе, бараат баснословни 765.000 британски фунти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ