WRC Рели на Централна Европа-НЕИЗВЕСНОСТА ПРОДОЛЖУВА

08/11/2024

ОТ ТАНАК ПОБЕДИ НА ИСКЛУЧИТЕЛНО НЕПРЕДВИДЛИВОТО РЕЛИ НА ЦЕНТРАЛНА ЕВРОПА И СО ПОБЕДАТА ЈА ПРЕФРЛИ РАЗРЕШНИЦАТА ЗА ТИТУЛИТЕ ЗА КРАЈОТ ОД СЕЗОНАТА. РЕЛИТО НА ЈАПОНИЈА ЌЕ БИДЕ БОИШТЕТО КАДЕ ЌЕ СЕ КРШАТ КОПЈАТА КАКО ЗА ТИТУЛАТА МЕЃУ ВОЗАЧИТЕ, ТАКА И ЗА ТИТУЛАТА МЕЃУ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ

 

Релито на Централна Европа кое годинава се вози по втор пат и обединува три држави Чешка, Германија и Австрија наместо да донесе разрешница, донесе уште поголем заплет во завршницата на годинешниот шампионат. Иако Тери Нојвил е најблиску да титула, прва во неговата кариера, факт е дека ништо не е завршено додека не дојде крајот на сезоната. Барем годинава. Неизвесност до последното рели од сезоната шампионатот не видел од 2021 година. Изминатите две сезони одлуката паѓаше пред последното рели од сезоната и некако се очекуваше дека тоа ќе се случи и годинава. Можеби најмногу од Нојвил кој славеше на ова рели минатата година и нетрпеливо ја чека титулата. Меѓутоа релито на Централна Европа го докажа спротивното.

 

 

 

 

 

За да стигне до титула, на овој уникатен асфалтен настан Нојвил требаше да освои 2 бода повеќе од От Танак, а притоа да не загуби повеќе од 10 бода од Себастијан Ожие и 15 бода од Елфин Еванс. Полесно да се каже отколку да се направи. Посебно ако се земе предвид дека релито на Централна Европа се покажа како исклучително тежок и непредвидлив настан кој не простува грешки. Иако за волја на вистината грешки имаше многу, дури би рекле и премногу, посебно од водечките возачи. Повеќето грешки беа адресирани на недоволно прецизно направените белешки. Причина за овој хендикеп беше скратеното време за извидување и тренинг. Отсуството на претходницата, односно на извидувачките екипажи, кои се неопходни бидејќи ги информираат натпреварувачите за состојбата и условите на подлогата беше уште еден сериозен хендикеп. Овие одлуки на организаторот се покажаа пресудни за исходот на ова рели. Без оглед на сериозните забелешки од тимовите кои беа адресирани до организаторот штетата веќе беше направена.

 

Благодарение на својот специфичен прекуграничен формат релито на Централна Европа претставува сериозен предизвик. Бидејќи се вози во различни региони патеките претставуваат мешавина од груб и мазен асфалт, брз премин од широки во тесни делници и обратно и од низински во ридски. Уште еден важен фактор кој бара многу внимание и ја дополнува комплексноста на релито е непредвидливото време. Токму овие услови придонесоа за мешаницата која го окарактеризира годинешниот настан.

 

Релито стартуваше во Прага, во четврток, во една возбудлива атмосфера во која претседателот на Чешка, Петр Павел ги дочекуваше и со знаме ги испраќаше екипажите на стартната рампа. За денот беа предвидени два специјални брзински испити од кои најмногу извлече Себастијан Ожие. Осумкратниот светски шампион после пеховите на релито Акрополи и на релито на Чиле сакаше да се откупи и да му помогне на својот тим да стигне до четвртата една по друго титула. Денот го заврши на врвот тесно следен од Нојвил и од Андреас Микелсен кој како трет возач на Hyundai има задача да ги покрива асфалтните релија. Меѓутоа без оглед на исходот од првиот ден вистинската битка се очекуваше во петок кога екипажите ќе се сретнат со реалните патеки од предвидената рута.

 

Нојвил оправдувајќи го минатогодишниот успех на ова рели рано го започна нападот. Веќе на третиот брзински испит во петок наутро прејде во водство и не го испушти до крајот на денот. Го круниса петокот со победа оставајќи го зад себе Ожие кој доцнеше 6,4 секунди зад Белгиецот. Брзото менување на условите на подлогата, од суво, до влажно во само неколку свијоци беше проблем за возачите, но и вистински предизвик. Нојвил се жалеше без извидувачки екипаж тешко е возачот да процени што го очекува во следниот свијок. Тракцијата се менува од свијок, во свијок. Од одлично држење, до целосно лизгање. Мора де се биде многу претпазлив, дури и премногу заради што се губи на брзината. Ожие најмногу ги загуби секундите во однос на Нојвил на вториот и третиот испит од денот. Правеше мали грешки лизгајќи широко во свијоците. Микелсен беше трагичарот на денот. Излета на третиот испит од денот уништувајќи го автомобилот. Тој и совозачот Торстејн Ериксен излегоа неповредени, но бидејќи нивниот Hyundai i20N го блокираше патот овој испит беше прекинат. Место него Танак се искачи на третата позиција, а зад него беше триото на Toyota: Еванс, Катсута и Пајари.

 

Сонот на Нојвил да стигне до шампионската титула на едно рели пред крајот на сезоната пропадна во сабота наутро. Лизгавите патеки се покажаа проблематични за Белгиецот. Ожие беше значително подобар и дефицитот од 6,4 секунди успеа да го намали на 0,8 во само два брзински испити. Третиот испит беше пресуден. Нојвил се вртеше на два пати, од кои вториот пат беше погубен. Тој го заглави автомобилот во бетонски ендек за дренажа. Се мачеше да го извлече и загуби 40 секунди паѓајќи на четвртата позиција. Водството го презеде Ожие и го заврши денот како победник, меѓутоа беше тесно следен од Танак и Еванс. Нувил остана на четвртата позиција со Катсута и Пајари зад себе.

Водството на Ожие кратко траеше. Танак ја презеде лидерската позиција на првиот испит во недела наутро. Естонецот очигледно се снајде најдобро на екстремно лизгавиот утрински асфалт. Дефицитот од 5,2 секунди во однос на Ожие од претходниот ден го претвори во предност од 1,5 секунди. Беше евидентно дека Танак е на добар пат да го добие релито. На третиот испит од денот, односно претпоследниот испит од релито несреќата удри врз Ожие. Во еден брз лев свијок неговиот GR Yaris лизна и удри во дрво и за него релито беше завршено. Трето рели едно по друго Ожие прави грешка и не успева да поентира. Погубно за него, но и за Toyota која за влакно може да го загуби шампионатот, од, во моментот водечкиот Hyundai. Сепак добриот пласман на Еванс и на Катсута го дополнува загубеното. Еванс го заврши релито на втората позиција, Нувил го наследи третото место, а Катсута четвртото. Пајари кој одлично се држеше во текот на двата натпреварувачки дена излета превртувајќи се, и за него релито заврши на првиот испит од денот.

 

На крајот од релито ниту Нојвил стана шампион, ниту пак Hyundai. Разрешницата сепак ќе остана за крајот на сезоната, односно за последниот настан релито на Јапонија. До тогаш Нојвил останува лидер и единствен кандидат за шампион меѓу возачите. Има 225 бодови наспроти 200 на Танак. Еванс со 185 и Ожие со 166 се надвор од конкуренција. Секако Нојвил не смее да се опушти бидејќи во колку евентуално не го заврши релито на Јапонија титулата ќе замине во раце на Танак.

И на Hyundai му се измешаа предвидувањата. Корејците очекуваа да го повторат минатогодишниот успех на релито на Централна Европа и да ја обезбедат титулата пред завршницата на сезоната. Но, тоа не се случи. Добриот пласман на возачите на Toyota: Еванс и Катсута ја намали разликата. Hyundai сега има 526 бода, додека Toyota со 511 му дише во врат. Разликата од 15 бодови е мала за кој било од тимовите да може да се опушти во Јапонија. Факт е дека Hyundai ја брка својата трета титула, а Toyota осмата. Но, големиот број титули не значи дека јапонскиот тим не е гладен за нов успех. Расплетот секако ќе го дознаеме на релито на Јапонија кое се вози на крајот на ноември.

 

WRC2 – ТИТУЛАТА МУ ИЗБЕГА НА РОСЕЛ

Можеби Јохан Росел со победите на релито на Латвија и на релито на Финска му ја донесе шампионската титула на Citroen во категоријата WRC2, но, сѐ уште е далеку од обезбедувањето на титула за себе. Секако во колку победеше на релито на Централна Европа ќе имаше шанси да се бори за титула на последното рели од сезоната. Но, тоа не се случи. Росел се сретна со проблеми уште на почетокот на релито. Скрши тркало во четврток, а во петокот се мачеше да најде соодветен сетап и загуби многу време. Проблемите кулминираа во сабота кога излета на првиот испит од денот оштетувајќи го потпирањето одзади. Со совозачот Флоријан Барал успеаја да го закрпат автомобилот, но загубија повеќе од 14 минути. Тука пропаднаа шансите за титула.

На последното рели од сезоната единствен кој може да го загрози водечкиот Оливер Солберг е Сами Пајари. Само тој има доволно бодови за со титула да ја круниса сезоната. Солберг кој го извози својот дел од настаните може само да седи и да го набљудува напредокот на Пајари на релито на Јапонија. Во колку сака титула, на Пајари му е потребна победа, или во најлош случај второ место.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ