СКИЈАЧКИОТ СПОРТ ВАЖИ ЗА ЕДЕН ОД НАЈУБАВИТЕ, ДОКОЛКУ САКАТЕ ДА УЖИВАТЕ ВО СЛОБОДАТА НА ПОИНАКОВ НАЧИН. СПУШТАЊЕТО ПО ПАДИНИТЕ НА ВАЛ ДИЗЕР (VAL D’ISЀRE) Е ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК И ЗА ПОЧЕТНИЦИТЕ И ЗА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ, БИДЕЈЌИ ПАТЕКИТЕ МАЃЕПСУВААТ СО СВОЈАТА СТРМНИНА, КОИ НАМЕСТА СЕ ПРИСПОСОБЕНИ ДУРИ И ЗА ДЕЦАТА. СЕЛОТО Е НЕШТО ПОСЕБНО. СНЕЖНАТА БЕЛИНА И ЧИСТОТА ЈА ДОПОЛНУВААТ ПРИЈАТНАТА ГЛЕТКА, ОД СИТЕ СТРАНИ, ПОРАДИ ШТО ВРЕДИ ДА СЕ ПОСЕТИ. ЧУВСТВОТО НА РАДОСТ И ЗАДОВОЛСТВО Е НЕПРОЦЕНЛИВО БОГАТСТВО ШТО НЕ МОЖЕ ДА ВИ ГО ОДЗЕМЕ НИКОЈ
Зимската сезона е во тек. Отворањето на спортските патеки беше свечено на 27 ноември, а ќе трае до 1 мај. Вал Дизер е веќе полно со туристи, кои уживаат во скијањето, во санкањето, во лизгањето, во играњето поло на снег и покрај драстичното намалување на бројот заради ковид-19. Сепак, не изостанува понудата, која е голема, можностите се неограничени, што гарантира убав помин. Главната причина да се оди таму е скијачкиот спорт, но и големата динамичност со која се карактеризира престојот на отворено, исполнет со забава до доцна навечер. Всушност, ноќното скијање е вистинско уживање. Замислете спуст на патека осветлена со рефлектори, чија брзина дава чувство на слобода и безгрижност, како да летате. Не е ни чудо што скијачките патеки се полни во секое време кога нивниот број изнесува сто педесет и осум, чија вкупна должина е сто и педесет километри, распространети на површина од триста километри. Патеката за крос-контри е долга педесет и два километри, има дваесет зелени, шеесет сини, триесет и пет црвени и шеснаесет црни. Таквата поделба значи безбедност на скијачите, независно од знаењето и искуството, бидејќи стрмнините и кривините секогаш носат ризици.
Вал Дизер е, всушност, комуна што спаѓа во департманот Савој на југоисточниот дел од Франција, оддалечен само пет километри од италијанската граница. Се наоѓа на Алпите, вклучувајќи го истоименото село лоцирано на 1.850 метри надморска височина. Од аеродромот во Шамбери се стигнува за два часа, од Лион за два и пол часа, од Женева за три часа, што е олеснувачка околност. Највисоката точка на спортските патеки е на висина од 3.456 метри, само двесте метри под врвот на планината, каде што има и два глечера, а најниската точка се наоѓа на 1.550 метри надморска височина. Деведесет и четирите ултрамодерни ски-лифта им помагаат на скијачите да се качат побрзо на стартниот дел од патеката за спуст, по нивен избор. Годинава работат седумдесет и осум. Таму се и неколкуте бачила, секогаш полни со луѓе, кои, освен чај, пијат и греано вино, а може и да се касне нешто, уживајќи во благодатта на сонцето. Малкумина знаат дека Жан Клод Кили, уште како дете, научил да скија на падини на Вал Дизер. Неслучајно местото предвидено за скијачки спорт го носи неговото име, т.е. презиме.
Небото е лимит во буквална смисла. Професионалците си дозволуваат разни лудории, како на пример скокање на патеките од хеликоптер и спуштање по нив, со скии. Се игра и поло на снег. Натпреварите се и пријателски и првенствени натпревари, на облог. Кога се зборува за Вал Дизер се мисли и на забава и на спорт. Всушност, забавата таму е спорт, и обратно – спортот е забава. Во нормални услови, без вирусна пандемија, врие од туристи што сакаат да ги спојат двете задоволства, да им се препуштат целосно, без воздржување.
Доброто расположение се чувствува секаде, на секој чекор. Селото е од памтивек. Месното население, околу илјада и осумстотини на број, вели дека постои од 13 век, но често го споменува и 17 век. Оттогаш е и црквата како негово обележје, културно-историска знаменитост што вреди да се посети, дури и да се присуствува на миса. Архитектурата не им потклекна на модерните, современите текови. Кога се гради, се внимава на изгледот, да се запази автентичноста, вклучувајќи ги и еколошките норми. Употребата на дрво и на камен е неизбежна. Големите прозорци на куќите, ноќевалиштата и хотелите се направени за да се ужива во погледот, и дење и ноќе, кога месечината ја осветлува планинската верига, а светилките го романтизираат средиштето на Вал Дизер, каде што има временско ограничување на сообраќајот, за прошетка.
Таму се и многубројните дуќани за скијачка опрема и за сувенири, како и рестораните во кои се послужуваат исклучиво специјалитети на француската кујна, со валдизерски колбаси, топено сирење, шунка и, се разбира, десертот – савојската торта. Луксузот е, исто така, неминовен кога е во прашање Вал Дизер. Хотелот „Ле шардон“ се вбројува меѓу поексклузивните, чија топлина на стилот е просто неодолива. Човек не знае што да избере попрвин, дали лежење во када со жешка вода и пиење шампањ надвор, на снег, или покрај оган, во друштво. Може и наизменично, секогаш во двојка. Луксузен е и хотелот „Марко Поло“ чиј ресторан, кој има и винарска визба, заедно со фоајето што служи и како бифе, го нарекуваат сетилен свет, центар на хедонизмот. Доволен е само еден краток престој и ќе доживеет повторно раѓање. Ако не годинава, можеби следната, кога се очекува и стабилизирање на ситуацијата. Ковид-19 никому не му оди во прилог.