ПОРАДИ НЕГОВАТА СУШТИНА, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ – ДЕНОТ НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ СЕ ИЗДВОЈУВА ОД ОСТАНАТИТЕ. ОБИЧАИТЕ ЗА ВЕЛИГДЕН СЕ РАЗЛИКУВААТ, ОД МЕСТО ДО МЕСТО, ОД РЕГИЈА ДО РЕГИЈА, НО СИМБОЛИКАТА СЕКОГАШ Е ИСТА – ПОБЕДАТА НА ЖИВОТОТ НАД СМРТТА
Заедно со Божиќ – Рождеството Христово, чија радост е неизмерна бидејќи со него се врзува и почетокот на месијанизмот на Исус, како што нѐ учи религијата, Велигден, исто така, е празник со големо значење, важност…, кој на своевиден начин ја претставува сржта на христијанството, а тоа секако е победата над смртта преку жртвувањето и страдањето. Денот на Христовото воскресение ѝ припаѓа на групата „менливи“ празници, но секогаш, без исклучок, паѓа во недела. Датата се одредува согласно лунарниот календар. Имено, денот – неделата е неменлива во седмицата кога полната месечина се јавува по рамноденицата (пролетната). Бидејќи датумите во јулијанскиот календар се поместени за 13 дена, православниот Велигден никогаш не може да биде порано од 4 април, ни подоцна од 8 мај. Секогаш му претходи главниот еврејски религиозен празник – Пасха. Годинава (2023-та) се прославува на 16 април, додека припадниците на западната, римска христијанска вероисповед и заедница – католиците го слават на 9 април.
ВАПСАЊЕТО ЈАЈЦА, НАЈЗНАЧАЕН ДЕЛ ОД ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРАЗНУВАЊЕТО
Имајќи го предвид фактот дека Велигден е славење на Христовото воскресение како една од најзначајните догми на христијанството, особено важна е подготовката на верниците за него, кому му претходат великите пости, заедно со неколкуте важни празници. Во првата седмица на постите се прославува Тодорова сабота, денот е посветен на светиот великомаченик Теодор Тирон, кога во домовите на православците се вари пченица како за слава. Всушност, на тој начин се одбележува споменот за него. Лазарова сабота е во чест на воскреснувањето на Лазар, денот пред Цветници – Цветна недела, кога Христос влегол во Ерусалим, заедно со своите ученици. Вечерните богослуженија некаде се проследени со светење врбови ластари кои се делат на верниците. Ова е празник на децата со што почнуваат официјално и велигденските празници. Седмицата пред Велигден се нарекува и страсна, деновите од понеделник до петок се означени како велики. Петтиот ден во неделата е најтажниот, кога Исус го распнале на крст со венец од гранки покриени со трње на главата наместо круна. Велики петок всушност е ден исполнет со тишини, не се пее ниту игра, црковните ѕвона не ѕвонат. Литургија се служи само ако се поклопува со Благовец. Православниот народ се провира под распосланата плаштаница пред олтарот, откако ќе ја целива, ќе си замисли желба и ќе се помоли на Бога за нејзино исполнување. Во некои региони не се погребува на Велики петок бидејќи се верува дека извршувањето погреб ја растројува земјата во која почива Христос.
Велигденските јајца се вапсаат во четврток и петок, во пресрет на Велигден. Црвената боја е задолжителна од причина што ја означува пролеаната крв на Исус, додека, пак, другите бои укажуваат на радоста за победата над смртта и создавањето нов живот. Потеклото на обичајот врзан со „вапсањето“ јајца не може да се одреди сѐ уште и покрај тоа што има неколку верзии на народните преданија. Според најраспространетата, Марија Магдалена веднаш по Христовото воскресение отишла во Рим каде што на Тибериј му дала црвено јајце и го поздравила со зборовите „Христос воскресе“. Јајцето како симбол на раѓањето живот во сите негови форми се користело во повеќе култури пред христијанството. И народните преданија го споменуваат пророштвото на Исус за своето воскреснување на третиот ден од смртта, укажувајќи им на учениците дека ќе дознаат од кокошките бидејќи ќе снесуваат црвени јајца. Има едно предание за Христос дека во некоја пригода им побегнал на римските војници додека се восхитувале од црвените јајца во корпата што ја чувала една жена крај патот. Според верувањата, од памтивека, се дарувале вапсани јајца во знак на победа и радост. Имено, вапсањето јајца се смета дека има големо значење во подготовките за одбележувањето на овој празник, оттаму и важноста која му ја придаваат домаќин(к)ите. Првото обоено јајце се нарекува чуваркуќа, се става на посебно место во куќата и се чува до следниот Велигден, како заштитник на домаќинството.
ВО КРУГОТ НА СЕМЕЈСТВОТО, СО СВЕЧЕНА ТРПЕЗА КОЈА ГО ОЗНАЧУВА И КРАЈОТ НА ЧЕТИРИЕСЕТДНЕВНИТЕ ПОСТИ
Денот на Христовото воскресение – Велигден се исполнува со радост, а причината е добропозната – победата на животот над смртта. Ѕвонат црковните ѕвона, луѓето се поздравуваат со зборовите „Христос воскресе“ на што се отпоздравува со „Навистина воскресе“. Празнувањето е вообичаено – во кругот на семејството, со свечена трпеза која го означува и крајот на четириесетдневните пости. Некаде се подготвува и милиброд во форма на венец со јајце пикнато меѓу – „козињак“, наутро децата се тријат со црвено јајце по лицето за да бидат здрави, а девојките, пак, се мијат со вода во која се става јајце за да бидат румени. Дарувањето велигденско јајце и кога се оди на гости кај некого и кога ќе дојде некој е задолжително. И тука, во Македонија, обичаите за Велигден се разликуваат од место до место, од регија до регија. Често на децата им се даваат и подароци, наводно од зајко. Традициите се различни и во светски рамки. Сепак, заедничко е чукањето, кршењето со јајце – натпреварување во неговата цврстина, издржливост. Културата секако е дел од нив. И обратно. Секаде празнувањето е во кругот на семејството.
Во Италија на пример, трпезата за Велигден, исто така, е богата, свечена и никако не може да помине без јагнешко месо, јадења со спанаќ и јајца, меѓу нив и т.н. велигденска пита, односно тортата пасквалина (солено јадење од тесто со спанаќ и со јајца) .
Словачка и дел од Унгарија е позната по ритуалот на шибање со врбови гранки, полевање со вода на девојки, жени кои се движат по улица, во поворка. Неговата специфичност се состои во симболиката на врбата – дрвото е амблем на плодноста. За возврат, на „мачителите“ им даваат вапсани јајца.
Во Франција, веднаш по завршувањето на утрената миса, членовите на семејството се пуштаат во лов на јајца што домаќинката или некој друг од фамилијата ги сокрил во куќата или дворот, утрото или, пак, ноќта во пресрет на Велигден. За оваа пригода се прават и чоколадни јајца со кои се наградуваат пронаоѓачите. Обичајот е широко распространет, дури и во Америка.
На Бермудите се летаат хартиени змејови, специјално направени за Велигден, кои го симболизираат Христовото распетие. Семејниот ручек е незаобиколен, како и јадењата со бакалар и печивата во форма на крст.
Жителите на Филипините, пак, го ритуализираат и славењето на Велигден, како и сѐ останато. Прославата започнува една седмица порано, а завршува со маршот на мажите, маскирани во римски војници, симулирајќи ја поворката пред Христовото распетие. Во текот на движењето се бичуваат по грб, а неретко го симулираат и распинањето. Неизбежно е и чукањето, кршењето со јајце, како и насекаде, низ целиот свет.