ЖЕСТОКА БОРБА ДО ПОСЛЕДЕН МЕТАР, ОД ПОСЛЕДНАТА ТРКА, МЕЃУ ГОЛЕМИ АВТОМОБИЛСКИ ИМИЊА ГОВОРИ ЗА УСПЕШНОСТА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО ТРКИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ, ВО КОГО, ГОДИНАВА, ДУРИ ТРИ СЛАВНИ МАРКИ ОД СВЕТОТ НА МОТОСПОРТОТ: FERRARI, PORSCHE И TOYOTA, ГИ ПОДЕЛИЈА НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ПЕХАРИ МЕЃУ СЕБЕ
Заврши една од највозбудливите и најнеизвесните сезони во историјата на трките на издржливост. Верувајте, овие зборови не се однесуваат само за младата историја на повторно родениот Светски шампионат кој годинава ја забележа својата дванаесетта сезона, туку на трките на издржливост воопшто.
Можеби со дванаесет сезони зад себе Светскиот шампионат на трки на издржливост на FIA се чини премногу нов за да се коментира како историја, но основа има. Корените се многу подлабоки. Светскиот шампионат во трки на издржливост управуван од FIA е создаден директно врз основата на големите натпреварувања на издржливост од минатото. Како примери стојат: Светскиот шампионат за спортски автомобили или Интернационалниот шампионат за производители. И секако, врз основата на легендарната трка 24 часа на Ле Ман чија стогодишна историја е, и столб и круна, на сите трки на издржливост на сите времиња.
Името исто така е извадено од минатото. Интернационалната федерација на автомобилски клубови FIA веќе го користеше меѓу 1981 и 1985 година, но во тоа време шампионатот не заживеа, иако трките на издржливост во различни форми продолжија да се одржуваат. Но, без јасна визија производителите учествуваа без долгорочни планови. Затоа во 2012 година под капа на FIA повторно беше промовиран Светски шампионат на трки на издржливост кој потпирајќи се врз искуствата од минатото стана глобална платформа за промоција на мотоспортот.
Да се видат на едно место легендарни тркачки марки како Ferrari, Porsche, Alpine, Aston Martin, Lamborghini па дури и воздигнатата од пепел Isotta Fraschini е мерак за очи. Не ги забораваме ниту Toyota, BMW, Peugeot, Cadillac, Corvette, McLaren, Ford, Lexus. Присутноста на големи автомобилски имиња, и големи глобални играчи е доволен показател за успешноста на ова натпреварување, во кое, годинава, жестока борба за превласт се одвиваше буквално до последните метри од последната трка од сезоната. А, за шампионот, одлучи тесна разлика од само 2 бода. Затоа без двојби можеме да заклучиме дека годинешната сезона од Светскиот шампионат на трки на издржливост на FIA е една од највозбудливите и најнеизвесните.
Дури три марки, три големи имиња од светот на мотоспортот: Ferrari, Porsche и Toyota, поделија големи пехари меѓу себе.
Toyota, во завршните минути од напнатата последна трка од сезоната, успеа да ја одбрани титулата во шампионатот за производители и по петти пат, или, четврти пат едно по друго да стане светски шампион.
Porsche пак ја освои шампионската титула и меѓу тимовите со тимот на Hertz Team Jota, и меѓу возачите со тимот Penske. Возачкиот тим од соништата: Кевин Естре, Андре Лотерер и Лоренс Вантор славеше на крај. Овие тројца мускетари дадоа сѐ од себе за да ја разбијат петгодишната доминација на екипажите на Toyota и да застанат на врвот на светот.
Ferrari ја освои наградата над наградите победувајќи на легендарната трка 24 часа на Ле Ман. Големото тркачко име од Модена и трката 24 на Ле Ман како да се една врзани за друга со невидливите конци на историјата. Оваа трка како што споменавме е столб и круна на шампионатот. Нејзината уникатност и дозволува да биде, и главен настан на шампионатот, но во исто време, и настан сам за себе кој носи огромен престиж. За многумина триумфот на 24 часа на Ле Ман има иста вредност како освојување светска титула. Затоа победата на оваа легендарна трка се бодува повеќе од останатите нагласувајќи ја нејзината вредност.
Таков беше епилогот на крајот од сезоната во помоќната класа Hypercar, но подеднакво интересна беше и послабата класа LMGT3. Во осум трки од сезоната победата ја однесоа дури пет различни тима. На победничкиот пиедестал славеа: Porsche со два различни тима, BMW, Ferrari и Aston Martin.
Најуспешен беше литванскиот тим Manthey PureRxcing поддржан од Porsche, а со него копјата ги кршеше уште еден тим поддржан од Porsche, германскиот Manthey EMA. Овие два тима меѓу себе поделија по две победи годинава. Уште еден тим кој победи два пати беше тимот поддржан од Ferrari, италијанскиот Vista AF Corse. BMW и Aston Martin мораа да се задоволат со по една победа.
Во оваа класа LMGT3 одлично се покажа и женскиот тим Iron Dames – Железни Дами кој зад волан на Lamborghini Huracan GT3 Evo 2 возеше одлична сезона. Тимот своите скромни почетоци ги забележа во 2018 година и оттогаш руши бариери и пишува рекорди. Iron Dames е женски тим кој прв победил на трка од WEC и прв женски тим кој станал вицешампион. Досега тимот има освоено пет пол-позиции и пет пати завршил на подиум. Меѓутоа за следната сезона тимот на Iron Dames го менува партнерот и се враќа во прегратките на Porsche. Секако Porsche не е новина за нив бидејќи во 2023 година токму со 911 RSR-19 создадоа историја победувајќи на последната трка од сезоната во Бахреин.
Дека FIA WEC Светскиот шампионат на трки на издржливост на FIA се претвора во ултимативен глобален предизвик говори и најавата за учество на ново големо име меѓу производителите на автомобили. Hyundai од нула создава тим и од бел лист хартија почнува развој на нов автомобил. Планот е да се натпреварува во категоријата Hypercar под името Genesis Magma Racing. Genesis е луксузната марка на Hyundai која една деценија бележи продажни ловорики, посебно на пазарот во САД. Magma, пак, е ново име во Hyundai и ќе ја носи спортската програма на Genesis, а учеството во мотоспортот е најдобар начин за глобална промоција на една нова спортска автомобилска марка.
Hyundai веќе го претстави ликот на новиот хибриден тркач на Genesis Magma Racing, a се знаат и првите имиња од возачката постава. Првото е годинешниот шампион од WEC, Андре Лотерер, а второто исто така е од годинешниот шампион во американската серија IMSA, Пипо Дерани. Следната, 2025 година ќе биде година на развој и оформување на тимот, а целосен напад се очекува во сезоната 2026.
Најави за значајни новини во следната сезона од Светскиот шампионат на трки на издржливост има повеќе и се очекува тие да бидат обелоденети на почетокот од 2025 година. Затоа за нив во овие редови ќе стане збор во најавата на сезоната.