Во чест на празникот 11 Октомври ден на народното востание-ЗА ДОЛГО СЕЌАВАЊЕ НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ЗА СЛОБОДА

10/10/2024

МЕМОРИЈАТА НЕ ИЗБЛЕДУВА НИ ДЕНЕС, 83 ГОДИНИ ПОТОА. ДЕНОТ КОГА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ЈА ЗАПОЧНАЛ БОРБАТА ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ – 11 ОКТОМВРИ Е ПРОГЛАСЕН ЗА НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК, НЕРАБОТЕН ДЕН ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. ДРЖАВНИЦИТЕ ПОЛОЖУВААТ ВЕНЦИ ПРЕД СПОМЕНИЦИТЕ НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ, ОДДАВАЈЌИ ИМ ПОЧИТ. ВО СОБРАНИЕТО СЕ ВРАЧУВА ДРЖАВНАТА НАГРАДА, ИМИЊАТА НА ГОДИНЕШНИТЕ ДОБИТНИЦИ ВЕЌЕ СЕ ПОЗНАТИ

 

11 Октомври е важен датум во историјата на македонскиот народ, потсетник за тоа што не смее да се заборави – почетокот на борбата со фашистичкиот окупатор, првите напади врз непријателот. Историчарите велат дека на оваа дата ѝ претходеле неколку важни случувања, настани кои само го поттикнувале стремежот, силната желба за ослободителна војна. Кралството Југославија, во чиј состав била и денешна Македонија, во април 1941-ва го нападнале силите на Оската. Вооружената борба траела кратко време, само 6 дена – Кралството Југославија капитулирало. Македонија повторно била предмет на делба меѓу соседите, народот се претворил во објект на најсурова асимилација, однародување, насилби, грабежи…Во такви околности, Комунистичката партија на Југославија, т.е. Покраинскиот комитет за Македонија организирал воена обука на терен, извршувајќи неколку диверзантски акции. На 22 Август 1941 година се формирал Првиот скопски партизански одред, а во првите денови од октомври и Прилепскиот и Кумановскиот.

За почеток на народното востание на македонскиот народ се смета 11 Октомври 1941 година, денот кога Прилепскиот партизански одред, составен од 16 борци, ја нападнала бугарската полициска станица во Прилеп, заедно со затворот. Истовремено ги прекинале телефонските и телеграфските врски, електричната инсталација. Утредента се организирал и Кумановскиот партизански одред и веднаш започнал со делување, одржал митинг во селото М’гленце, извршил напад во манастирот Св. Прохор Пчински. Тогаш припадниците на бугарската окупаторска полиција се повлекле, но во селото Молотини, на 17 октомври, бугарските окупаторски војници во вооружениот судир од неколку часа на одредот му нанеле пораз. Сепак, македонските учесници во борбата не се откажале, на фашистичкиот окупатор му најавиле долготрајна револуционерна битка до конечно ослободување на македонскиот народ.

Во Прилепскиот партизански одред биле вкупно 37 борци, млади луѓе во раните 20-ти. Некои од нив, задоени со љубовта кон својот народ и слободарскиот дух, биле принудени да ги прекинат студиите. Разумно се фатиле за оружје. Сите членувале во Комунистичката партија или пак во нејзината младинска организација бидејќи таа била единствената што се залагала за рамноправност на народите, вклучувајќи го и македонскиот, во рамките на Југославија. Повеќето од учесниците ја преживеале народноослободителната борба. На денот на нападот врз непријателот ниеден македонски партизан не го изгубил животот, а веднаш по ослободувањето вршеле значајни функции.

Добитници на годинешната државна награда „11 Октомври“ за животно дело се Владимир Темков (академски сликар), Јовица Михајловски (драмски актер и продуцент), Љупчо Каров (мултимедијален уметник) во областа на културата и уметноста и проф. д-р Марко Китевски (истражувач на македонскиот фолклор) во областа на науката.

Честит празник.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ