НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА МОДЕЛОТ SPORTAGE ПРИСТИГНУВА СО КОМПЛЕТНО НОВ ЕКСТЕРИЕР, НОВИ ДИГИТАЛНИ РЕШЕНИЈА ВО КАБИНАТА И НОВА ЛИНИЈА НА МОТОРИ, ЕЛЕМЕНТИ ШТО СЕВКУПНО СОЗДАВААТ ЦЕЛОСНО НОВ СТИЛСКИ ПЕЧАТ КОЈ ГО ОТСЛИКУВА НЕГОВИОТ КАРАКТЕР
Во минатото, моделот Sportage забележа особен успех и добри пазарни резултати, а генерацијата која беше присутна на пазарот до крајот на 2021 година се сметаше за најуспешна досега, не само како изведба туку и како најпродаван модел со беџот на Kia во светот. Одговорните лица во компанијата добро знаат кои се најважните состојки за приготвување на успешен SUV модел, затоа за новата-петта по ред генерација го употребија комплетното акумулирано знаење со цел моделот да го постават уште повисоко во сегментот.
СИЛЕН НАДВОРЕШЕН ВПЕЧАТОК
Новиот Kia Sportage секако изгледа сосема поинаку од моделот што му претходеше. Предниот дел е местото каде што може да се најде најголемиот дел од дизајнерскиот пресврт. Големиот отвор на решетката од ладилникот која се протега по целосната ширина од предниот дел делува драматично, а тука се и новите обемни ЛЕД светла со облик на стрелки вперени кон патот да го дополнат севкупниот впечаток. Во профилот се отсликува динамичниот пристап прикажан преку линиите на прозорците кои благо се стеснуваат кон задниот дел, акцентирани со никлувани лајсни. Стилската трансформација е дополнета со успешниот и возбудлив заден дел чиј облик црпи инспирација од електричниот автомобил EV6, што секако е дел од новиот дизајнерски јазик на брендот Kia.
ЦЕЛОСНО ДИГИТАЛИЗИРАН
Во внатрешноста, Sportage зема нов залет и целосно се збогува со минатото и аналогниот пристап. Како што е случај со задниот дел од надворешноста многу од дигиталните решенија во кабината се позајмени од брилијант- ниот електричен автомобил Kia EV6. Тука се истите два меѓусебно поврзани дигитални дисплеи, секој со големина од 12,3 инчи кои поседуваат одличен и јасен графички приказ. Времето на реакција на системот со кој се управува од централниот екран и неговиот логички распоред го прават да биде еден од најлесните за командување во моментов на пазарот. Под централниот екран, Sportage го усвојува и паметниот мал панел чувствителен на допир кој ги контролира кратенките за навигацијата и инфозабавата. или контролите за греење и вентилација. Тоа е паметна идеја која работи добро, логична и едноставна за употреба како и конвенционалните физички контроли. Секако, велиме, брaво за Kia бидејќи сметаме дека ова е далеку подобро решение отколку мигрирање на тие контроли на централниот екран на допир како што е случај кај многу од конкурентските модели.
ПОЛН СО ПАМЕТНИ РЕШЕНИЈА
Просторот на предните и задните седишта е одличен, со многу место за главата и нозете. Седиштата, како предните така и задните се многу удобни, а забележливо е дека Sportage нуди повеќе простор за нозете во средината на задниот дел од кабината од повеќето конкуренти. Ни се допаѓаат паметните решенија како што се интегрираните закачалки на потпирачите за глава на предните седишта и приклучоците за USB-C за оние на задните седишта кои, пак, се вградени од страните на предните седишта. Видливоста од возачката позиција нанапред е добра, но фактот што бришачот на задното стакло брише само мал дел значи дека погледот одзади понекогаш е малку незгоден во услови кога е врнежливо времето. Дека SUV возилата се практични и по- годни за семејствата покажува и багаж- никот кој е длабок и со правилна форма, капацитетот во основната конфигурација изнесува 526 литри, а доколку се собори задната клупа се зголемува до 1.715 литри.
СЕРИОЗНА ОСНОВНА КОНФИГУРАЦИЈА
Во тестираниот примерок на Sportage работеше турбодизелскиот агрегат со зафатнина од 1.6 литри што произведува 116 КС при максимални 4.000 врт/мин. Додека максималната влечна сила од 280 Нм е расположива во зоната од 1.500 до 3.000 врт/мин. Моделот Sportage во оваа конфигурација се одликува со прилично мазна работа, а знае силно да повлече низ средниот дел од опсегот на вртежи. Неговата економичност е еден од условите зашто се избира, а за сè да биде по највисоки стандарди свој придонес дава и исклучително прецизниот и лесен за ракување 6 степен мануелен менувач. За време на дружењето од неколку денови успеавме да постигнеме комбинирана пот- рошувачка од 6,7 литри на 100 км, што е за окулу 1.5 литри повеќе од фабрички декларираната вредност. Неговата максимална брзина изнесува 175 км/ч, додека од место до 100 километри на час стигнува за 12 секунди, вредности кои се во ранг на класата. Во возење кај Sportage е забележливо дека потпирањето е сетирано малку помеко, што е особено добро од гледна точка на удобност. Кривулестите патишта не се неговиот омилен амбиент, Sportage е многу посоодветно подготвен за долго крстарење на автопат. SUV моделите, де факто, станаа она што до неодамна на пазарот беа хечбек и седан изведбите, прв избор кога станува збор за семејно возило. Моделот Sportage, е простран, цврсто изграден и рафиниран претставник кој со својата удобност и нови технологии речиси е невозможно да се одмине кога се избира ново возило кое ќе ги исполни желбите на целото семејство.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО:
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ДИЗЕЛ |
ЗАФАТНИНА: | 1598 СМ3 |
МОЌНОСТ: | Максимална моќ: 85kW/116КС |
МЕНУВАЧ: | 6-СТЕПЕНА МАНУЕЛНА ТРАНСМИСИЈА |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: НЕЗАВИСНО ПОТПИРАЊЕ MULTILINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 215/65 R17, ПОЗАДИ 215/65 R17 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.490 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.515/1.865/1.650ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
12.1 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.1 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
175 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
26.900 ЕВРА |