ЛИМИТИРАНАТА ПРОДУКЦИЈА НА УЛТИМАТИВНАТА ИЗВЕДБА 770 ULTIMATE НА СЕРИЈАТА DBS НА ASTON MARTIN, ГО ОДБЕЛЕЖУВА КРАЈОТ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕДЕН ЕКСКЛУЗИВЕН МОДЕЛ СО БЛАГОРОДЕН СТИЛ СПОЕН СО ЖЕСТОКИ ПЕРФОРМАНСИ
Британскиот производител на автомобилска ексклузива Aston Martin одлучи дека е време да се стави крај на производството на актуелната генерација на својата врвна серија позната под ознаката DBS. Актуелната серија која ја носи иконската ознака DBS и се смета за знаменосец на марката, од претставувањето во 2018 година досега, даде низа изведби кои ќе останат длабоко врежани во историјата на марката. Ова посебно се однесува на изведбите:
– DBS Superleggera OHMSS, со која се прославија 50 години од појавувањето на филмот за Џејмс Бонд – On Her Majesty`s Secret Service. Автомобилот беше произведен во лимитирана серија од 50 примероци секој со цената од 300 илјади британски фунти.
– DBS GT Zagato, кој се појави на прославата од 60 годишнината на соработката меѓу Aston Martin и престижната италијанска дизајнерска и каросериска работилница Zagato. Овој модел беше во понуда како пакет со модерната реинкарнација на моделот од почетокот на 1960-те години DB4 GT Zagato произведен по најнови стандарди, но со оригиналните алати. Пакетот од двата модели чинеше 6 милиони фунти, а во понуда беа само 19 пакети.
– DBS Superleggera 007, произведен во чест на 25-от филм за тајниот агент Џејмс Бонд, со наслов „Не е време за умирање”. Продукцијата лимитирана на само 25 примероци брзо ги најде своите купувачи подготвени да издвојат 280 илјади фунти за оваа ексклузива.
– DBS 770 Ultimate, е последната специјална изведба која воедно е и предмет на овој текст. Таа со нејзините 770 КС е најмоќниот сериски модел во историјата на Aston Martin и воедно најмоќната изведба на серијата DBS. Ќе биде произведена во 499 примероци од кои 300 купеа и 199 кабриолети.
ОПЕАНАТА МОЌ НА КОЛОСАЛНИОТ V12
Како што навестува името DBS 770 Ultimate е ултимативната, односно најмоќната и најексклузивната изведба на серијата DBS со која во Aston Martin сакаат да ги надминат сите досегашни изведби. За таа цел се направени обемни дизајнерски и инженерски измени кои го оправдуваат називот Ultimate, а сѐ со цел тој да остане запаметен во историјата на марката како врвен колекционерски експонат.
Затоа инженерите се погрижиле под хауба да ја пикнат лутата изведба на колосалниот 5,2 литарски V12 со четири брегасти оски во глава, агол меѓу цилиндрите од 60° и два турбо полначи. Благодарение на 7% поголемиот притисок што го испорачуваат двата турбо полначи и модификациите направени на вшмукувачкиот тракт и на палењето опеаниот V12 е способен да испорача бесни 770 КС при 6.500 min-1 и мрсен вртежен момент од 900 Nm кои стојат на располагање меѓу 1.800 и 5.000 min-1. Финото дотерување на кривите на моќноста и на вртежниот момент му обезбедуваат на возачот чувство на неисцрпни перформанси преку моменталниот одзив, силните забрзувања и неповторливиот звук на овој V12. Без оглед на тежината од 1.845 kg моќните 770 КС обезбедуваат спринт од место до 100 km/h за 3,4 сек., до 160 km/h за 6,4 сек. и максимална брзина од 340 km/h.
Вртежниот момент се испраќа кон задните тркала преку автоматскиот менувач на ZF со осум степени на пренос и диференцијал со ограничено пролизгување. Сето ова е поставено на задната оска по принцип „трансаксл” што обезбедува безмалку совршен тежински распоред меѓу оските од 51:49 од сто за врвна возна динамика.
УЛТИМАТИВНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ
Зборот ултимативно неминовно се врзува и со возачкото доживување на оваа ретка ѕверка. Адаптабилното потпирање кое дополнително е калибрирано за да ги задоволи потребите на овој престижен тркач овозможува да се постигне директна врска меѓу возачот и автомобилот без притоа да се наруши комфорот. Кон ова се надополнуваат и засилувањата кои се направени на предната и задната оска кои обезбедуваат поголема крутост на шасијата за 25% во однос на обичниот DBS. Така DBS 770 Ultimate му овозможува на возачот директно да го почувствува контактот на тркалата со подлогата. Посебно на предната оска каде повратните информации дозволуваат прецизно водење дури и во најострите свијоци каде лесно се губи чувството за контакт меѓу тркалата и подлогата.
Онаму каде што ќе се претера на помош доаѓа моќниот сопирачки апарат. Него го сочинуваат карбон-керамички дискови од 410х38 mm напред кои ги зафаќаат фиксни 6 клипни сопирачки клешти, и 360х32 mm назад со 4 клипни сопирачки клешти. Тие се сокриваат зад посебно дизајнираните леснометални бандажи од 21 инч обуени во гуми Pirelli P-Zero со димензии 265/35R21 напред и 305/30R21 назад создадени специјално за потребите на DBS 770 Ultimate.
ДРАМАТИЧЕН НАСТАП
Покрај механиката DBS 770 Ultimate ја покажува својата уникатност и преку драматичниот настап остварен низ низа од дизајнерски елементи. Највпечатлив детаљ е автентичниот отвор во хаубата во облик на потковица низ кого се одведува врелината која ја создава жешката енергана. Секако неодминлив детаљ е и предниот сплитер кој ги интегрира дополнителните странични отвори за довод на воздух. Мускулестиот настап го продолжуваат страничните аеродинамични додатоци на праговите кои водат до драматичниот задник во кого е вметнат уникатен дифузор. Покрај тоа што го одржува аеродинамичниот баланс меѓу предната и задната оска, дифузорот ги вдомува и двата пара масивни издувни цевки кои делуваат застрашувачки.
Внатрешноста е олицетворение на спортска благородност опточена со квалитетни материјали. Кому стандардното уредување во комбинација со кожа, карбон-фибер и четкан алуминиум не му е доволно на сцена стапува ексклузивната дивизија Q на Aston Martin подготвена да ги оствари и неочекуваните желби.
Секако сето ова си има и соодветна цена која за жал нема да ја дознаеме бидејќи целокупната продукција од 499 примероци е однапред распродадена, уште пред моделот да и биде претставен на светската јавност. Првите примероци ќе им бидат испорачани на ретките среќници дури во третиот квартал од годината.