КРЕАТОРИТЕ НА CITROЕN ГО ЗАМИСЛИЛЕ ОВОЈ МОДЕЛ ВО СТИЛ НА „КРОСОВЕР“ ШТО УМЕШНО ГИ СПОЈУВА ВО ЕДНА ЦЕЛИНА РЕЧИСИ НЕСПОЈЛИВИТЕ ФОРМИ, СОЗДАВАЈЌИ НЕТИПИЧНА И НЕСЕКОЈДНЕВНА ХАРМОНИЈА ШТО ОД C4 Х ПРАВИ НЕШТО ПОСЕБНО, АВТОМОБИЛ ШТО ВО НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ НЕ ИЗГЛЕДА ДОСАДНО
Моделот С4 Х е непогрешливо продукт на Citroеn, во секоја смисла на зборот. Како што е и вообичаено, тој нуди нешто навистина различно од конкурентите. Потполно нова визија на семеен кросовер што доаѓа како вистинско освежување на пазарот во прав момент.
НОВА ДИМЕНЗИЈА
Французите во своето портфолио поседуваат голема палета на стилски и иновативни автомобили, а ниту новиот C4 X не е исклучок. Можеби кога ќе го погледнете за првпат C4 X ќе помислите, што е тоа? Од една страна, се чини дека е SUV поради неговата малку повисока поставеност, потоа, следи триделниот дизајн поврзан со седаните, но не и тоа, од друг агол наликува на купе или популарно кажано ,фастбек“. Сепак, технички не е ниту едно од нив, барем според Citroen. Токму тука доаѓа до израз додавката „X“ во името, бидејќи марката почна да ја користи за модели кои ги надминуваат конвенционалните сфаќања, а тоа во поново време веќе го видовме со претставувањето на големиот C5 X. Моделот C4 X се базира на постоечкиот C4, па така дизајнот на предниот дел и сè до „Б“ столбот е идентично, промената на силуетата стартува од задните врати и движи кон завршетокот на автомобилот. Тука е реинтерпретацијата на стилскиот израз од седаните со купе форма која целосно го трансформира овој несвојствен „кросовер“ модел. Дизајнерскиот израз на марката открива една потполно нова димензија која едноставно не може да остане незабележана каде и да се појави. Ништо помалку од ова не се ни очекува од француската компанија која претпочита на нештата да им пристапи на целосно авангарден и храбар начин.
УДОБНОСТ БЕЗ ПРЕСЕДАН
Колку надворешноста делува авангардно, толку внатрешноста е смирувачка и минималистичка во секој поглед. Речиси сè е идентично со С4. Во кабината прво ве пречекуваат прекрасните седишта кои се белег на „Citroеn Advanced Comfort“, поседуваат променлива густина на пена за мекост и поддршка како кај луксузните автомобили. Забележливо е дека просторот на задните седишта е за нијанса зголемен за разлика од „,обичниот“ С4, удобно сместување има за сите патници на задната клупа, единствено лицата повисоки од 185 см има шанса да допират до кровот, поради неговата „слегувачката“ линија. Иако на прва се очекува отворот на багажникот простор да биде изведен како пета врата, тој е направен по принципот на седан автомобилите. Тука се крие и најголемиот плус на С4 Х, затоа што неговиот габарит од 510 литри складиштен простор е над сите очекувања и може да „проголта“ речиси сè што сте замислиле да понесете со себе на патување. Материјали употребени низ кабината делуваат доста квалитетно и наликуваат на оние од уредувањето на ентериери во станбен простор, правејќи ја целата атмосфера порелаксирана од вообичаено.
Централниот екран осетлив на допир со димензии од 10 инчи е со висока резолуција, преку него се командува со повеќето секундарни функции, а дека Citroеn ги слуша барањата на купувачите покажува со враќањето на копчето за регулација на звукот и на физичките контроли за подесување на клима уредот што е далеку поедноставно отколку наместо сè да се прави преку екранот на допир во комплицирана постапка која го одзема вниманието на возачот. Пофални зборови одат на сметка на инструмент таблата изведена во дигитална форма со големина од 5,5 инчи што овозможува единствен и јасен приказ само на основните функции. Внатрешноста на новиот C4 свесно се надоврзува на обновената офанзива за враќање на традиционалната патека препознатлива на францускиот бренд нудејќи удобност без преседан.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | TРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.199 СМ2 |
МОЌНОСТ НА БЕНЗИНСКИ АГРЕГАТ: |
130 КС При 5.500 врт/мин |
МЕНУВАЧ: | 8 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД:ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 195/60 R18, ПОЗАДИ 195/60 R18 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.220 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.600Х1.800Х1.525 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч |
9.4 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.8 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
200 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ |
28.650 ЕВРА |
ДОБРЕДОЈДЕН КОНТРАСТ
Понудата кај моделот C4 X се базира на две бензински, една дизел и една електрично погонувана изведба. На нашиот пазар најинтересни се бензински опции кои се базираат на еден од најдобрите трицилиндерски единици на пазарот во моментов. Од зафатнина еднаква на 1.2 литри помогнат со турбо полнач овозможува две верзии на моќност, 100 КС и 130 КС. Двата двигатели во понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6.4 нормативите. Во оваа прилика ни беше отстапена верзијата со 130 КС што својот максимум го нуди при 5.500 врт/мин, додека, пак, целосниот вртежен момент е на располагање веќе од 1.750 врт/мин, во спрега со добро пресметан 8 брзински афтоматски менувач. Овој француски пар во ниту една комбинација не нуди погон на сите тркала, едноставно таа опција е целосно исклучена како и кај повеќето „кросовер“ модели.
Карактерот што ја поседува оваа верзија на агрегатот се наметнува како идеална опција за оние кои освен економичност сакаат да се препуштат на комфорниот дел од управувањето. Малиот агрегат, само на хартија е мал, во пракса повлекува моќно и без размислување во секоја прилика, работи доста култивирано без разлика дали сте на ниски или, пак, го носите во високи вртежи. Потрошувачката која ја постигнавме за време на нашето дружење се движеше во просек од 7,5 литри на секои 100 изминати километри, а доколку бевме малку поупорни, сигурно дека таа ќе изнесуваше барем за еден литар помалку.
Перформансите што ги постигнуваа C4 X се повеќе од доволни за секој што ќе се одлучи за ваков тип на автомобил. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9,4 секунди, а максималната брзина e „округли“ 200 км/ч. Спортското доживување во возењето е комплетно анулирано, приоритетот на новиот C4 Х е суспензија која овозможува максимален комфор. Ова го сметаме како добредојден контраст во време полно со автомобили кои поседуваат сè покруто потпирање. Моделот С4 Х ќе го преферираат возачи кои од автомобилот бараат удобност и релаксираност, своевидна стрес терапија од брзиот начин на живот.
Храбро дизајниран и полно со француски стил, целосно наклонет кон семејниот комфор, С4 Х е пионер што доаѓа како единствен предлог во класата која досега и не постоеше.