WEC 6 часа на Спа Франкоршамп-ДОМИНАЦИЈАТА НА ПОРШЕ ПРОДОЛЖУВА

28/05/2024

УЛТИМАТИВНИОТ ТЕСТ ПРЕД 24 ЧАСА ЛЕ МАН, ТРКАТА НА ЛЕГЕНДАРНАТА БЕЛГИСКА ПАТЕКА СПА-ФРАНКОРШАМП ВО ЕДНА ШЕСТЧАСОВНА ДРАМАТИЧНА НАПНАТОСТ НИ ГО ПРЕДОЧИ РАСПОРЕДОТ НА СИЛИТЕ ЗА НАЈВАЖНИОТ НАСТАН НА ГОДИНАТА ВО СВЕТОТ НА МОТОСПОРТОТ

 

Уште една легендарна тркачка патека се исправува како предизвик за модерните воини од Светскиот шампионат на трки на издржливост – WEC. Патеката Спа-Франкоршамп сместена во Ардените во близина на градот Ставелот важи за една од најнепредвидливите кога станува збор за менување на временските услови. Постојаните промени кои знаат да се случат одеднаш се вистински предизвик за тактиката на тимовите низ шесте исцрпувачки часа. Бидејќи се вози непосредно пред 24 часа Ле Ман успехот на Спа се смета за ултимативен тест за најважниот и најголемиот настан во светот на трките на издржливост на сите времиња. Во текот на секој круг од Спа кој е долг 7 километри возачите од класата Hypercar менуваат степен на пренос 44 пати, достигнуваат максимална брзина во рамки на 315 km/h и дури 58% од кругот возат под полн гас.

Тука во уште една трка исполнета со драма од годинешниот шампионат во трки на издржливост целосно британскиот тим Hertz Team Jota извојува голема победа. Нивниот број 12 Porsche 963 со Британците Калум Илот и Вил Стивенс зад волан прв мина низ целта после 6 часовна неизвесност која се случуваше на Спа-Франкоршамп. Илот и Стивенс се првиот двочлен екипаж кој победил на трка од WEC после 2014 година и првиот целосно Британски екипаж кој победил после 2017 година. Меѓутоа настаните кои претходеа на победата на Илот и Стивенс ниту малку не беа едноставни.

Драмата на Спа-Франкоршамп започна рано, за време на квалификациите. На квалификациите, втора трка по ред, доминираше Антонио Фуоко зад волан на број 50 AF Corse Ferrari 499P. Фуоко ја освои полпозицијата на претходната трка 6 часа на Имола. Со полпозиција на две трки едноподруго Фуоко потврди дека е исклучително брз возач. Но, радоста на Ferrari не траеше долго. На детална инспекција по квалификациите утврдено е дека автомобилот број 50 AF Corse Ferrari 499P е полесен од утврдените технички норми по што тимот беше казнет и принуден да стартува од опашката на класата Hypercar. Полпозицијата ја наследи број 5 Penske Porsche 963, а до него од првиот ред стартуваше и број 2 Cadillac Racing V-Series.R.

Заради утврдена помала тежина казна беше поделена и во класата LMGT3 на број 95 United Autosports McLaren 720S. Полпозицијата во оваа класа му припадна на број 85 Iron Dames Lamborghini Huracan тим со женски екипаж. Белгијката Сара Бови пред домашната 90 илјадната публика ги освои и квалификациите и сесијата Hyperpole. Ова е прва полпозиција за Бови во WEC која беше побрза од Џошуа Кајгил од казнетиот тим број 95 United Autosports McLaren 720S. На стартот од трката покрај број 85 на Iron Dames од првиот ред тргна и број 46 Team WRT BMW M4 со Ахмад Ал Харти.

Стартот на трката мина без поголеми превирања. Полсетерот број 5 Porsche 963 на Penske со Фредерик Маковијецки се задржа на чело на поредокот следен од број 2 на Cadillac. Меѓутоа не мина долго кога перформансите на број 2 Cadillac почнаа да опаѓаат заради одлуката на тимот да ги чува гумите за вториот дел од трката. Во 38 минута голем пресврт на чело на поредокот откако број 99 Porsche 963 на приватниот тим Proton Competition со Жулиен Андлауер зад волан успеа да го престигне водечкиот број 5 во шиканата наречена: Bus Stop. Зад него се протна и број 51 Ferrari 499P на AF Corse со Антонио Џованаци кој до врвот се пробиваше од 11 стартна позиција. Користејќи го метежот при престигнување на спорите возила од класата LMGT3 Андлауер и Џованаци ја поведоа трката, а број 5 Porsche 963 со Маковијецки падна на третото место. До крајот на првиот час зад Маковијецки се најде неговиот тимскиот другар Лоренс Вантор со број 6 Porsche 963, додека број 83 Ferrari 499P со Роберт Кубица зад волан се избори за петтото место. Голем напредок до крајот на првиот час и за број 50. Воден од сигурната рака на Никлас Нилсен Број 50 Ferrari 499P од последната стартна позиција стигна до шестото место и на нишан го зеде број 83 со Кубица. Во класата LMGT3 почетокот на трката мина во знак на тимот Iron Dames со број 85 Lamborghini Huracan. Сигурната рака на Сара Бови го стави тимот во импресивно водство од 41 секунди по само 60 минути возење.

После час и половина во трката на Спа-Франкоршамп инцидент во свијокот Фен го испрати на патеката Safety Car. Инцидентот во кој учествуваа поголем број возила се случи кога број 20 BMW M Hypercar на Рене Раст го турна број 38 Porsche 963 на тимот Јота во број 46 BMW M4 возен од Ахмад Ал Харти. Најдебелиот крај од овој инцидент го извлече Ал Харти кој мораше да се повлече. Поправањето на бариерите и на оградата на патеката одземе многу време, а трката влезе во третиот час сѐ уште под црвено знаме. Најголем губитник од оваа ситуација излезе тимот Iron Dames кој залудно ја создаде предноста која се стопи додека трката беше под Safety Car.

Трката се приближи кон средина водена од Safety Car. Неговото повлекување направи мешаница во поредокот. Трагедија го погоди број 5 Porsche на Penske со Мајкл Кристенсен. Тој загуби контрола при полна брзина на влез во свијокот Бланшимонт и удри во ѕид. Силината на ударот веднаш го исклучи хибридниот систем без можност за рестартирање по што Кристенсен мораше да се откаже. На врвот почна голема битка меѓу број 99 на Proton и број 51 на Ferrari. После повеќе напади број 51 избива на чело. Но, тука не застанува голготата на број 99. Следуваат напади и од број 50 Ferrari кои завршуваат во корист на марката од Маранело. После четири часа возење Ferrari со нетрпение почнува да ја очекува првата 1-2 победа. Во игра за подиум се вмешува и број 2 Cadillac кој со неколку извонредни престигнувања успева да се искачи на четвртото место.

Битката во помалата класа LMGT3 добива на интензитет како се доближува крајот на трката. Влегувајќи во петтиот час од трката тимот Iron Dames како лидер се чини дека нивната прва победа годинава станува извесна. Но, збиднувањата брзо се менуваат во трките на издржливост и тоа треба да се има на ум. Одбивајќи ги нападите на број 59 McLaren кој заради казна стартуваше одзади на поредокот број 85 влезе во редовното застанување во бокс. Оваа шанса ја искористи број 89 и прејде во водство. Меѓутоа Швајцарката Рахел Фреј која беше во кокпитот на 85 Huracan не се откажуваше.

Во последниот час од трката уште еден инцидент го испрати на патека Safety Car. Час и 44 минути траеше санацијата на бариерите крај патеката. Тркачите по втор пат се наредија еден зад друг секој демнејќи го својот противник во очекување да се појави зеленото знаме. Како трката да стартуваше од почеток. Последните минути од трката создадоа вистинска мешаница во поредокот. Не само во класата Hypercar, туку и во LMGT3. Токму оваа мешаница му овозможи на тимот на Hertz Jota со број 12 Porsche 963 да избие на чело и да ја освои победата. Втор низ целта мина број 6 Porsche 963 на Penske со Кевин Естре, Лоренс Вантор и Андре Лотерер, додека полсетерот број 50 Ferrari 499P со екипажот Антонио Фуоко, Никлас Нилсен и Мигуел Молина заврши трет .

Мешаница се случи и во класата LMGT3 од која за жал како победници не излегоа девојките од Iron Dames. Тие не успеаја својот Lamborghini Huracan LMGT3 да го дотуркаат до целта како победник. Всушност паднаа дури на петтата позиција во својата класа. Победник од целата ситуација излезе тимот Manthey Ema со број 91 со младиот талент Холанѓанецот Морис Шуринг зад волан во завршница и тимските другари Јасер Шанин и Ричард Лиц. Втор заврши тимот Manthey Purerxcing со број 92 Porsche 911 GT3 R со Александар Малихин, Џоел Штурм и Клаус Бахлер, а трет тимот Iron Lynx број 60 Lamborghini Huracan со Калудио Скиавони, Матео Кре McLaren 720 Sсони и Франк Перера. Тимот на железните дами Iron Dames број 85 со Сара Бови, Рахел Фреј и Мишел Гатинг заврши дури петти, а пред нив успеаја да се протнат нивните лути ривали во текот на целата трка тимот на United Autosports број 59 McLaren 720 S со Џејмс Котингем, НИколас Коста и Грегоар Соси.

После три трки во шампионатот во категоријата Hypercar води Porsche со вкупно освоени 83 бодови, додека второпласираната Toyota има 60 бода. Трет е Ferrari со 49 бодови, а четврти Alpine со само 17 бодови. Во категоријата  LMGT3 води тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R со 72 бодови, втор е тимот WRT со BMW M4 со 37 бодови, а трет е тимот Heart of Racing со Aston Martin Vantage AMR, исто така, со 37 бодови но без победа.

Следната трка е, трката над трките, легендарната 24 часа Ле Ман на 15 – 16 јуни и не носи во Франција на уште една 6 часовен настан на легендарната патека.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ