JAGUAR TYPE 00-ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН, ЈАГУАР

09/12/2024

Како за крај од годинава, Јагуар нѐ почести со еден концепт наречен „тип 00“. Двојната „нула“ треба да означува нешто ново, сѐ од почеток, вртиме нов лист? Јагуар нема веќе да произведува автомобили погонувани од мотори со внатрешно согорување. Концептот „тип 00“ е првиот електричен модел од Јагуар. Да така е, но неговиот облик е сосема поинаков од претходните модели, односно концептот нема никаква врска со толку многу препознатливата „јагуар линија“. Голем исчекор на Јагуар, како да сака да заборави на минатото и како да сака да каже, тоа до вчера беше еден, а ова денес е сосема друг Јагуар кој нема врска со тој првиот. Светот е изненаден од ваквиот потег на Јагуар, без сомнение.

Концептот на Јагуар е луксузна лимузина со купе облик. Има предно, но не и задно ветробранско стакло – улогата на задно ветробранско стакло ја играат камерите, сензорите и мониторите во одделот за патници. Дека дрвото е неизбежен декор во автомобилите Јагуар, покажува гредата која е поставена по должина, точно меѓу седиштата. Колку за информација, безмалку сите модели од семејството имаат дрвени детали во кабината и тоа од благородни дрва грижливо одбрани примероци, а потоа изработени до перфекција. Првиот официјален извештај не содржи никакви технички податоци за концептот. Не е познато колку електромотори има концептот и дали ќе има погон на сите тркала или само на една оска, а нема податоци ниту за батеријата. Се спомнува растојание од скоро 700 км кое концептот може да го измине со едно полнење, а потоа за време на 15 мин. полнење, концептот може да измине дополнителни 320 км. Многу оскуден извештај, но добро е што Јагуар претходно најави дека со електричните модели ќе внесе многу нови нешта и ете новото стаса, гледате во него.

 

Концептот „тип 00“ за првпат беше прикажан на почетокот од декември во Мајами на изложбата „Мајами Арт Вик“ и со тоа компанијата го најави правецот по кој ќе се движи дизајнот. Што ли ќе кажат традиционалните љубители на Јагуар, допрва ќе слушнеме. Врз основа на овој електричен концепт Јагуар подготвува сериски автомобил кој треба да се појави на почетокот од 2026 година. Ќе биде занимливо да следиме што ќе се случува во меѓувреме со Јагуар и со неговата најнова филозофија.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ