CITROEN C3 AIRCROSS-СЕДУМ СЕДИШТА ВО НОВИОТ „Ц 3 ЕРКРОС“

19/04/2024

Кога се во прашање малите комбилимузини, Стелантис врти нов лист. Класиката од дизајн веќе е напуштена, нема градски автомобили обликувани како некогаш, сега имаат нова шема. Сака народот да вози нешто кабасто, нешто во вид на теренско возило, иако истото е далеку од „џип“ (како што умее да каже). Отсега натаму „цитроен ц 3“ во класична изведба нема, неговото место сега дојде нешто како сув, кросовер, урбанкрузер и слично на нив видете ги фотографиите. Но, Стелантис не застанува тука, туку оди чекор понапред и на основа од новиот „ц 3“ си направи нова изведба наречена „еркрос“, име кое веќе е познато кај Цитроен. Тоа значи дека втората генерација од „ц 3 еркрос“ сега има должина од 4,39 м, а новиот „ц 3“ е долг 4,15 м. Со тоа и меѓуоскиното растојание е подолго, а најзначајно од сето ова се седумте седишта. Токму така, во возило од 4,4 м („цитроен ц3 еркрос“) конструкторите вградиле седум седишта. Трет ред седишта во возило со 4,4 метри должина  такво нешто досега немало. Ќе „скубнат“ малку од товарниот простор и ете го третиот ред.

 

 

Погонските единици, ќе ги има и во изобилство, бензинска, бензинска со умерена хибридна технологија и чисто електрична, а можно е и хибридна со приклучок („плаг ин“). Бидејќи се од иста групација, ова е нешто слично со неодамна претставената „опел фронтера“, односно ја користат „цмп“ платформата која веќе ја има во „опел мока“ и „пежо 208“.

Летово треба да биде претставена изведбата „еркрос“, а можеби салонската светска премиера ја подготвуваат за месец октомври во Париз, за изложбата на автомобили која ќе се одржи од 14 до 20.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ