Бентли и неговата нова лимузина „флаинг спар“. Најнапред ќе го опишеме возилото, а потоа ќе коментираме. Бентли е познат по својот луксуз и тука не треба ништо да појаснуваме. Како што вели производителот, новиот „флаинг спар“ е во својата четврта фаза. Претходниот модел беше претставен пред скоро шест години, во 2019, а годинава ја имаме таа чест да бидеме сведоци и на претставувањето на новата генерација. „Спид“ е изведбата со која Бентли излезе пред светската јавност, досега најјака и најбрзата лимузина откако светот знае за оваа марка. Или поедноставно кажано, новиов модел е поснажен за 23 отсто. Хибридниот погон со приклучок произведува вкупно 782 КС и максимален вртежен момент од огромни 1.000 Нм. Овој погон е составен од 4,0 л V8 мотор кој со двојниот турбо полнач развива 600 КС и електромотор со силина од 190 коњи. Батеријата е со капацитет од 26 kW, така што „флаинг спар спид“ изминува најмногу по 75 електрични километри. Големата силина се пренесува до сите тркала преку автоматски преносник со осум брзини и електронски надгледуван диференцијал.
Четврта генерација од моделот „флаинг спар“, но изгледа како да е обновување на третата. Зошто? Затоа што дизајнот е многу малку изменет, скоро и да не се приметува. Истото го сретнуваме и кај димензиите тие се речиси непроменети. Новиот „флаинг спар“ ги има следниве димензии: 5,32 м х 1,98 м и 1,48 м (должина, ширина, висина). Основата на која е правена новата генерација е таа истата од претходникот, основа (платформа) наречена „мсб“ која сега ја користи и „порше панамера“. Иста основа (шасија, платформа), и премногу сличен дизајн овие две нешта ги има во обновување (редизајн, рестилизација) на постоечката генерација.
Луксузот мора да биде поткрепен и со лепеза од „играчки“ аудио уред „бенг и олуфсен“ со 16 звучници и силина од преголеми 1.500 вати (со доплата), а серискиот има 10 звучници и силина од 650 вати. Потоа производителот нуди 101. боја плус сите претходни бои од Бентли, но велат бојата може да ја избира купувачот, иако ја нема на списокот кај Бентли. И 22 бои на кожа се во игра за облагородување на одделот за патниците. Во овој „лавиринт“ од бои, понудата брои над 700 комбинации. Во овој дел од „китењето“ главна е работилницата Мулинер.
Автомобилската манифестација која треба да се одржи на есен во Париз, од 14 до 20 октомври, некогаш привлекуваше многу светски премиери. Сега не се бара место повеќе за изложување, но како што се приближува датумот на изложбата, така производителите сѐ повеќе најавуваат или претставуваат новитети. Можеби Бентли е еден од тие кои ќе бидат присутни во Париз.