Еве ја таа сезона во светскиот шампионат на издржливост во која владеат нови правила. Благодарение на тие нови правила голем дел од некогашните учесници во трките на издржливост сега се враќаат што е голем плус за автомобилскиот спорт. Алпина, Гликенхаус, Ферари, Пежо, БМВ, дури и еден Кадилак влегува во игра, а тука е и минатогодишниот победник во новата класа (ЛМХ), тимот на Тојота Газу Рејсинг.
ФИА, светската автомобилистичка федерација, воспоставува прифатливи правила помеѓу ЛМДх (Леман Дајтона хибрид), ИМСА Спортс кар чемпионшип и Леман Хиперкар. Според новите правила учесниците во спомнатите шампионати ќе можат да се натпреваруваат и во соседните шампионати и со тоа да го зголемуваат бодовното конто. Повеќе шампионати, обединети, тоа значи повеќе производитeли учесници и секако поинтересни трки.
Пежо е еден од тие повратниците кои во минатото играа клучна улога во трките на издржливост со моделите 905 и 908 во класата на прототипови. Многу победи на патеките ширум светот и трите титули од легендарната 24 часа Леман. Новото возило е именувано како „9 икс 8“. Во него е вграден 2,6 литарски V6 мотор со двоен турбо компресор. 402 КС од ото моторот се пренесуваат на задната оска преку седум степен секвенцијален пренос. Хибридниот дел од погонот, електричниот, се наоѓа над предната оска и воедно ја задвижува со 268 КС. Како што велат правилата, двата погонски агрегати смеат да испорачаат вкупно не повеќе од 670 КС, додека болидот не смее да биде полесен од 1.030 кг. Новиот болид на Пежо ќе биде возен од Пол ди Реста и Кевин Магнусен, некогашни пилоти од формула 1 и Лок Дувал победникот на трката 24 часа Леман во 2013 година.
Според официјалните известувања Пежо ќе го пропушти отворањето на сезоната, односно нема да настапи на првата трка 1.000 милји Себринг закажана за 18 март на Флорида. Пежо ќе ја отвори сезоната со учеството на втората трка „6 часа Спа Франкошампс“. Учеството на Ферари е официјално, но од наредната сезона.