PEUGEOT 308-НОВИОТ ПЕЖО ДОСТАПЕН И НА НАШИОТ ПАЗАР

17/01/2022

Со почетокот на новата година на македонскиот пазар пристигна и најновиот адут на француската марка, а тоа е Peugeot 308. Новата генерација на популарниот модел може одблизу да се види во продажните салони на Peugeot во Македонија.

Првото нешто што е најзабележително кај новиот Peugeot 308 е новото лого на компанијата која ќе ги краси сите нови модели во поставата на француската марка. Новата „308-ка“ доаѓа со голем број на новитети, како од технолошки, така и од дизајнерски аспект.

Кога станува збор за дизајнот на екстериерот, забележливо е дека новиот 308 драстично се разликува од својот претходник и без дилеми станува збор за впечатлив модел. Новиот 308 има и поинакви димензии, а и формите се значително изменети. Новата генерација е долга 4.367 милиметри, широка 1.852 и висока 1.441 милиметри. Забележливи се и тенките предни светлосни групи, а благодарение на подолгата хауба од претходно, 308 добива еден посебен шмек.

Peugeot со новиот 308, но и со останатите свои модели, ја задржува тенденцијата да преземе дел од купувачите од премиум класата. Токму затоа новата генерација на Peugeot 308 прави голем чекор напред кога станува збор за употребените материјали во внатрешноста. Поставката со два екрани ќе биде стандардна кај новиот 308, па така, пред возачот се наоѓа 10-инчен инструмент кластер, а на средина од контролната табла се наоѓа 10-инчниот екран за инфозабавниот систем.

Новата генерација на 308 доаѓа со богата агрегатска лепеза која е сочинета од 1,2-литарски PureTech, 1,5-литарски BlueHDi, или, пак, со 1,6-литарски PureTech хибридна моторизација.

Бензинските агрегати од 1.2-литарскиот мотор истискуваат 110 КС или 130 КС, дизелската опција од 1.5-литарската зафатнина испорачува 130 КС, а за преносот на силата е задолжена мануелна трансмисија со 6 степени на пренос или  автоматски менувач со осум степени на пренос. Како дел од моторната постава се две plug-in хибридни опции. Базичниот хибриден модел ја комбинира силата од бензинецот и електромоторот за вкупна моќност од 180 КС и 360 Nm. Оваа верзија нуди 60 километри погон само на струја. Помоќната хибридна верзија располага со вкупни 225 КС и 360 Nm, и 59 километри целосно електричен опсег.

Засега цената за моделот 308 е непозната, се очекува генералниот импортер, Еуроимпекс наскоро да ги комплетира ценовниците и официјално да ги објави.

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.