Блед-РОМАНТИЧНА ПРИРОДА КОЈА ЕДНОСТАВНО МАЃЕПСУВА

01/09/2023

ФАСЦИНАЦИЈАТА ОД ПЕЈЗАЖИТЕ, ПРИРОДАТА КОЈА ВООПШТО НЕ Е ОСКВЕРНЕТА, БЛАГОДАРЕЈЌИ НА ОПШТЕСТВЕНАТА СВЕСТ, ВКЛУЧИТЕЛНО И НАЧИНОТ, СТИЛОТ НА ЖИВЕЕЊЕ СВОЈСТВЕН ЗА ТАМОШНИТЕ ЛУЃЕ, НИВНАТА КРОТКОСТ, ГОСТОЉУБИВОСТ…, Е ГЛАВНАТА ПРИЧИНА ЗА ВБРОЈУВАЊЕТО НА БЛЕД МЕЃУ ПОМАЛИТЕ НАСЕЛЕНИ МЕСТА, ЗАЕДНО СО ИСТОИМЕНОТО ЕЗЕРО, КОИ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТАТ, КОГАШ-ТОГАШ. СЕЛЕКЦИЈАТА, ОДНОСНО ИЗБОРОТ ГО НАПРАВИЈА ЧИТАТЕЛИТЕ И УРЕДНИШТВОТО НА СВЕТСКИ ПОЗНАТОТО СПИСАНИЕ ЗА ПАТУВАЊА – CONDÉ NAST TRAVELER, ВРЗ ОСНОВА НА ИСКУСТВАТА

 

На опчинувањето за кое искрено пишува и уредништвото и читателската публика на магазинот Condé Nast Traveler му се придружува секој што барем еднаш го посетил Блед чија популарност е резултат и на романтиката која ја буди неговата природа, незаобиколно и пристапот до Триглав, националниот парк што нуди бројни активности на отворено, на кои се додаваат и необичните, возбудливи доживувања на езерото, во малото населено место, на островчето. Идеалните услови ненаметливо ги „обезбедуваат“ незаборавните спомени. Неговата местоположба исто така влијае на големата посетеност, словенечката метропола – Љубљана е оддалечена приближно 50 километри, а надморската височина на која се наоѓа е 475 метри. Погледот на планинските вериги – Јулиските Алпи е своевиден визум, слика на фантазијата.

Доколку во Словенија патувате со авион, има директна врска со Блед. Превозот дотаму е автобуски, но можете да стигнете и со воз. Имено, автобусите од љубљанскиот аеродром сообраќаат редовно, постојат неколку опции, следователно и различни цени – од 7 до 15 евра. Секако дека има и поевтина варијанта, само што треба да смените два и наместо 30-тина минути ќе одите час и половина. Железничкиот сообраќај е и редовен и евтин, а станицата е оддалечена 4 километри од местата кои тур-операторите ги сметаат како задолжителни за посета. Меѓу 45 и 55 евра ќе ве чини таксито ако се одлучите за него. Како било, додека патувате за Блед, имате можност и да уживате во преубавите глетки, видици што се шират во недоглед. Постојат и „пакети“ кои вклучуваат и прошетки до водопадот, грлото, дворецот, пештерата и црквата на островчето. Во непосредна близина на самото езеро има и спортски аеродром чии летала се изнајмуваат заедно со пилоти, но и без нив.

 

ПОГЛЕД ШТО ЈА НАПОЈУВА ДУШАТА СО ЧИСТОТА И ВЕДРИНА 

Имајќи го предвид фактот дека целата должина на езерото изнесува 6 километри, туристите често го обиколуваат и пеш. Обиколката трае нешто повеќе од 60 минути. Вообичаено, до островчето се стигнува со „плетна“, чамец кој потсетува на гондола, само што е поголем. Цената со години е иста, повратната карта чини 12 евра по лице.  Прошетката трае еден и пол час, 60 минути се резервирани за пловење, додека задржувањето на островчето е полчасовно. Исто така, постои можност и самите да веслате. Зависно од местото, изнајмувањето чини 10, односно 15 евра. Живописната околина можете да ја прошетате и на велосипед, иако нема велосипедски патеки, па дури и на коњ. Ако сакате, можете да ангажирате и инструктор.

Без разлика дали ќе изнајмите велосипед, коњ или езерото ќе го обиколите пеш, на неговата убавина сигурно нема да останете рамнодушни. Настанало откако се повлекол бохињскиот глечер уште во ледената доба, чија должина изнесува 2.120 метри, широко е 1.380 метри, а длабочината достигнува до 29,5 метри. Со вода се полни од неколку извори.

Во текот на обиколката, стрмниот пат ќе ве одведе до стариот, бело-црвен замок чија романескна концепција е видлива во ѕидовите со парапети (гелендери), кули, бедеми. За денешниот изглед на дворецот се вели дека е инкарнација на некогашниот, од 17 век.  Реставрацијата била изведена во 1950-тите. На горниот дел се наоѓа капелата од 16 век, украсена со фрески од 1700-та, меѓу кои и сликата на Хенри Втори како му го предава замокот на тогашниот бискуп. Во склопот на дворецот е и музејот чии архивски записи, артефакти го враќаат минатото, средновековната помпезност (раскош, величественост). А изложеното оружје, пак, раскажува една друга, инаква приказна. Експликацијата е и на англиски и на словенечки, додека видеозаписите се и на германски и на италијански. Терасата со поглед на убавата природа има доволно простор за потполно уживање, напојувајќи ја душата со чистота и ведрина. И малечката винарница што ја води калуѓер е прикаска за себе, нешто посебно. Со задоволство ќе ве научи да отворате шише шампањ со нож, т.е. да го отсекувате вратот за 15 евра. Може и да ви ја отпечати етикетата која ќе ја дизајнирате сами, да ја залепи на избраното вино, заедно со восочниот печат. Дрвените скали ќе ве однесат во дуќанчето за тревки, масла. Но морате да купите влезница по цена од 8 евра, студентите плаќаат 6.

Прошетката до островчето и по него е возбудливо доживување кое уште долго ќе остане во вашите сеќавања, со голема сигурност. Археолошките ископувања сведочат за присуството на староримската култура на која се темели романската. Остатоците од капелата и словенските гробишта ја докажуваат неоспорната вистина. Барокното здание – црквата на Успението, која датира од крајот на 17 век, чиј фрескоживопис го потврдува верувањето дека Света Дева Марија по смртта била примена на небото. Некогаш таму имало христијански храм во готски стил, чија камбана постои и ден-денес. Кулата е висока 52 метри, а искачувањето на 99-те скалила за да заѕвоните се врзува со исполнувањето на вашата желба, само една. Младоженците обично ги носат своите невести во раце за среќен живот, заеднички.

Се разбира, меѓу атракциите кои не би требало да ги заобиколите секако се вбројуваат и водопадот (Иглички), грлото („старовремско“, авторизиран превод), пештерата (Бабин заб). Првиот е оддалечен 4 километри од малото населено место и се наоѓа во истоимената пештера која е всушност збир на неколку. Вертикалната димензија на водопадот изнесува 18 метри, со мала широчина . Одзади е варов камен, погоден за качување. Второто, благодарејќи на ладната вода со сино-зелена боја, дрвената платформа што служи како патека, дивото цвеќе…, гарантира убав помин. Влезницата за „древното“ грло чини 5 еврa, додека третата, името го добила по столбот во форма на заб, кој се издига на висина од 1.128 метри. Поради тоа што натрупаниот калциум по подот на пештерата, висулците се раритетни, Бабин заб исто така важи за голема реткост.

 

ЗА КОМПЛЕТЕН ВПЕЧАТОК И БРОЈНИ АКТИВНОСТИ НА ОТВОРЕНО

Условите за туристите да се занимаваат со разноразни активности секако дека се идеални. Нема сомневање, тие се приспособени на околностите. Можете да пливате во езерото, капалиштето е под замокот. На површина од 6.000 квадратни метри, располага со тревна плажа, 4 непокриени базени, тобогани, скокалници, лулашки, соблекувални, можете да играте шах, да ја усовршите алпинистиката, има продавница за храна. Доколку сакате да останете цел ден, билетот за влез ќе ве чини 6 евра, цената на попладневниот изнесува 3.

Дозволено е пливање и околу островчето, спасувачките служби се присутни секаде, па дури и кога се другите спортови во прашање, меѓу кои и параглајдерство, падобранство, лизгање, голф, велосипедизам. Пешачењето секогаш е актуелно, прошетката до Мала осојница, планинскиот врв на височина од 685 метри резултира со најубавите снимки направени кога било на Блед, а интересот е голем и за јогата и за риболовот. Езерото изобилува со штуки, сомови, пастрмки, крапови. Дозволата чини 20 евра, дневно. Спа-центрите оставаат посебен впечаток. „Пакетите“ ја вклучуваат и обиколката на баровите, ноќните локали со музика и забавна програма: караоке, натпревари во пиење и слично за 15 евра. Појдовна точка е Арт кафе.

Имајќи го предвид фактот дека винарството е добро развиено во северозападниот дел на Словенија, посетата на винските визби некако се подразбира. Исто така и лозовите насади. Во ресторанот Мурка се врши дегустација на 7 одлични вина од исто толку регии, без оглед на тоа што се 25, генерално. Неговата винарница е стара 100-тина години. Сепак, во комбинација на деликатесните јадења, специјално приготвени од мештаните, доаѓаат до израз. На „кремшнитот“ не може да му се одолее. Претходно нарачајте супа од печурки, крањски колбас, „бограч“… И секако, почувствувајте ја целосната исполнетост во душата на месното население. Кроткоста, гостољубивоста им е битна одлика. Во целиот регион живеат нешто повеќе од 11.000 лица, на Блед му отпаѓаат цирка 8.000 – работливи до последен. За чистотата нема дилема, таа е на највисоко ниво. Истото важи и за општествената свест, во која спаѓа и еколошката.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ