GEOME XINGYUAN-НОВИОТ МОДЕЛ НА ГИЛИ

19/09/2024

Многупати во текстовите сме го спомнале кинескиот гигант Гили, а многу поретко сме обработиле некој негов автомобил. На почетокот од септември беа објавени првите фотографии од моделот „геом ксингјуан“ кој за нас е најмногу привлечен поради цената од само 10.150 евра. Покрај овој своевиден благодет, „гили геом ксингјуан“ нуди современ и допадлив дизајн, а според димензиите сосема одговара да биде и семејно возило – должина 4.135, ширина 1.805, висина 1.570 мм и 2.650 мм растојание меѓу оските.

Како што веќе ви е познато кинеските производители прават само електрични возила, а тие со погон со ото и дизел мотори сосема се запоставени, така што и новиот модел на Гили има електричен погон, односно во него вградуваат два е-мотори со силина од 78 и 114 КС. Со првиот, возилото постигнува крајна брзина од 125 км/ч, додека со поснажниот е-мотор 135 км/ч. Во понуда се две батерии, со капацитет од 30 и 40 kWh. Со првата, возилото изминува 310, а со втората 410 км.

Продажбата би требало да започне кон крајот од октомври. И тежината на возилото е некаде во рамките на тие со мотори со внатрешно согорување – од 1.215 до 1.285 кг, во зависност од опремата и батеријата. Ова докажува дека и електричните возила можат да бидат и евтини. Само едно нешто не е јасно, зошто „гили геом ксингјуан“ е наменет само за домашниот пазар?

Со оваа цена и во Македонија ќе направат врвен продажен резултат, а не пак на континентов. Ако одиме според правилото, што е поевтино подобро се продава (видете зошто Дачија со месеци наназад е во топ три најпродавани автомобили), тогаш нека му ја мислат во Дачија кое возило ќе биде најпродавано на континентов. Да се надеваме дека ветрот ќе дувне и накај нас и ќе го донесе најновото од Гили.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ